19.3. Робовите на смртта полни со надеж

19.3. Робовите на смртта полни со надеж

„Труба ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во бесмртност.“

1. Коринќаните 15,52.53

Човекот е роб на смртта. Неговиот природен крај е смрт а не живот. „Сè што имам давам само за петнаесет минути живот!“ Тоа биле зборовите на еден милионер на претсмртната постела. Тој сфатил дека сета драгоценост на животот е самиот живот и дека без него не вреди ниту знаењето, ниту звањето, ниту честа, ниту власта, ниту положбата ниту богатството.

Најголемата вредност во животот е самиот живот, а смртта е загуба на сите вредности. И покрај сите напори на научниците во борбата со смртта, изворот сè уште не е во нив, туку во Христа. Само Тој можел со право да каже: „Јас дојдов за да имаат живот“ (Јован 10,10).

Овие зборови Христос ѝ ги кажал на една група ерусалимски старешини за да ја втисне во нив вистината дека Бог немал намера човекот некогаш да умре. Смртта е наследство на гревот, и ние според нашата природа се соочуваме со смртта, „оти, платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23).

Бог сакал да живееме вечно, но не вечно во грев. За да го спречи злото во вселената да постои вечно, Бог ги изгнал Адама и Ева од Едем „да не ја испружи раката своја и да земе од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!“ (1. Мојсеева 3, 22). Бог не дозволил грешникот да стане бесмртен, зашто тоа би значело дека и гревот ќе стане бесмртен.

Апостол Павле зборува за човековото преминување од смртноста во бесмртност: „Труба ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во бесмртност“ (1. Коринќаните 15,52.53). Ако мораме да се облечеме во бесмртност, очигледно е дека сега уште ја немаме. Животот не доаѓа со смртта, туку со Христовото враќање. Смртта не е пријател, туку непријател и натрапник. Кога ќе затруби последната труба, ќе биде уништен и последниот непријател – смрт­та. Библијата кажува: „А како последен непријател ќе биде уништена смртта“  (1. Коринќаните 15,26).

Како можат да оживеат оние чиишто тела одамна се претвориле во прав? Апостол Павле немал проблеми со тоа прашање, зашто тој се сретнал со Христа по неговото распнување. Тој знаел за неговата смрт на крстот. Знаел дека бил закопан, па сепак, Павле се сретнал со Исуса лице в лице кога одел со придружба во Дамаск.

Средбата со воскреснатиот Христос го изменила Павловиот живот. Подоцна, пред царот Агрипа, тој ги подигнал своите оковани раце и рекол: „Зар вие мислите дека не може да се верува оти Бог воскреснува мртви?“ (Дела на апостолите 26,8). Потоа им раскажал како Христос му се јавил и го задолжил да ги пренасочува луѓето „од темнината во светлина… да примат…наследство меѓу осветените“ (Дела на апостолите 26,18). Ова наследство уште сега е наше како ветување, а кога Христос ќе се врати, ќе стане наше и како исполнување“.

Апостол Павле Христовото доаѓање неразделно го поврзал со ослободувањето од смртта. За него воскресението било стварност. Пророкот Захарија исто така воскресението и бесмртноста ги поврзал со Христовото враќање: „Јас ги ослободив затворените од безводните јами. Враќајте се во тврдината вие затвореници, полни со надеж!… И ќе ги спаси нивниот Господ Бог во оној ден, како стадо од Својот народ; оти тие ќе заблескаат како камења на круна во земјата Негова“ (Захарија 9,11.12.16.17).

Надежта во второто доаѓање било непресушна тема на пророците уште од времето на Адама. Повеќе од триста извори во Новиот завет точат зборови на живот за сите робови на смртта. Апостол Јуда ги цитира зборовите на човекот што живеел во самите мугри на животот на Земјата: „А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адама, зборувајќи: ’Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите‘“ (Јуда 14.15). Судот на праведните е – воскресението за бесмртност.

Две илјади години по Еноха, еден псалм го опишува второто Христово доаѓање: „Доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура“ (Псалм 50,3). Смртта ќе биде прва што ќе биде уништена. Пророкот Авакум ги гледа зраците на животот што излегуваат од неговите раце: „Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила“ (Авакум 3,3.4).

За праведниот Јов смртта е чекање на Христа, а воскресението – негово второ доаѓање: „Во сите денови на одреденото време би чекал додека не ми дојде промена“. – „Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога“ (За Јов 14,14; 19,25.26).

„Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око!“, пишува робот полн со надеж од островот Патмос, писателот на Откровението (Откровение 1,7). Ништо не може да се спореди со славата што ќе се покаже пред очите на целото човештво кога Исус ќе се врати на Земјата. Сите очи ќе го видат – и очите на надежта и очите на очајот, и очите на љубовта и очите на омразата. Сите племиња и сите народи, сите јазици и сите наречја. Христос рекол: „Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“ (Матеј 24,30).

Тоа ќе биде голема промена – промена на смртта во живот и на животот во  бесмртност. Тој ден го чекале Енох и Јов, Исаија и Јован, и сите други пророци и праведници. Христовото слегување од небото ќе биде вистинско како што било и заминувањето на небото. Да ѝ се придружиме на малечката група Христови апостоли на Маслинската гора и да ја чуеме Христовата последна порака упатена до робовите полни со надеж: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28,18.19).

Ширејќи ги своите раце над нивните глави во знак на благослов, Исус полека се ослободувал од Земјината тежа и се издигнувал меѓу нив. Тие го посматрале својот Господ како си заминува во височините додека не го засолнил сјаен облак од нивните погледи. Одненадеж, пред нив се појавиле двајца ангели облечени во белина и рекле: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото“ (Дела на апостолите 1,11).

Драги пријатели, ова е највозбудливата вест на Библијата. Но, пред Исус да се врати во слава, примете го за свој Спасител за и Тој да ве прими вас при своето доаѓање!