7.1. Сличен на своите браќа

7.1. Сличен на своите браќа

„Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; казната за нашиот мир падна врз Него.“

Исаија 53,4.5

Една мајка го ставила својот син в постела. Кога излегувала од собата, момчето ја замолило: „Мамо, немој да ме оставаш сам во мраков!“ „Сине мој“, му одговорила мајка му. „Бог е секогаш со тебе, немој да се плашиш од мракот!“

„Да, мамо, јас знам дека е Бог тука, но би сакал некого на кого му го гледам лицето!“

Тоа е сеопшт глас на човештвото. Кога ќе настапат часови на жалост и осаменост, кога ќе ја загубиме животната радост и кога ќе нѐ исполнат болки и страв, тогаш бараме некого чиешто лице можеме да го видиме. Бог го знаел тоа и затоа дозволил неговиот Син да дојде во човечко тело. Од тогаш никој повеќе не мора да биде сам, зашто Христос е не само Бог, туку и „некој чиешто лице се гледа“.

Исусовото раѓање ќе остане засекогаш обвиено со тајна, па сепак ќе биде најголем настан на сите времиња. Прашањето како можел Творецот да стане создание, ги надминува сите способности на човечкото сфаќање. Кога Христос станал дете во Витлеем, Бог станал она што порано никогаш не бил. Тој од вечноста влегол во времето. Како втор член на божественото Тројство, Христос е со Отецот од вечноста.

Во човечкото семејство Христос влегол со творечко дело, а не по пат на природно раѓање. Всушност, тоа било биолошко чудо, но тоа дело не било тешко за Оној што создал сѐ. Исус се родил како што се родени сите човечки суштества. Она што е натприродно, тоа е неговото зачнување. Тој имал земна мајка, но не и земен татко. Тоа било битно. Неговата личност била спој на човечката природа со божествената. Христос е вечен, несоздаден и самиот е извор и одржувач на сѐ.

Исус е признат владетел на небото, едно во силата и власта со Бог-Отецот. Исус е носител на божеството во највисока смисла, „кој е Бог над сите, благословен до века. Амин!“ (Римјаните 9,5) Тој доброволно ја прифатил човечката природа, а не ја добил според законот на наследувањето; Тој ја зел по своја сопствена волја. Иако бил Бог, не се појавил како Бог. Христос се родил како таинствено соединување на човечката и божествената природа. Тоа било израз на неговата волја. Преку пророкот Христос рекол одамна пред своето доаѓање во човечко тело: „Еве идам, во Книгата за мене е запишано; одлучив да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон го носам длабоко во срцето“ (Псалм 40,7.8).

Библијата јасно ни зборува: „Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина“ (Јован 1,14). Таа Реч е Божјиот Син, Христос.

Кога апостол Јован кажува дека вечната Реч била „во Бога“ (1,1), тој всушност ни кажува дека „секогаш била пред Божјето лице“ и дека станала тело за да може да се настани меѓу луѓето. Исус го подигнал својот шатор меѓу човечките шатори за да може да живее со нас луѓето.

Целта на Исусовото доаѓање била двојна: да им го открие на луѓето Бога и да го откупи човекот од гревот и од последиците на гревот. Во Библијата псалмистот рекол: „Никој не може себеси да се искупи, ниту може човекот да Му плати откуп на Бога“ (Псалм 49,7). Ниту најголемиот ангел не можел нас да нѐ откупи, зашто ни животот на ангелите, ни животот на луѓето, не е нивни во смисла да можат да го дадат. Само Оној кој од никого не го примил животот можел да го даде за откуп на човечкиот род. За да може да го заземе нашето место и да умре како човек, Бог зел човечка природа. Тој не ја добил во наследство како ние – Тој ја зел.

Нас никој не нѐ прашал дали сакаме да дојдеме на светот. Родителите ни ја дале во наследство единствената природа што ја имале, и тоа грешната природа. Сите сме родени со склоност кон грев, но Христос уште од својот прв ден бил безгрешен. Затоа Библијата зборува јасно и отворено. Апостол Петар кажува: „Он не стори грев“ (1. Петрово 2,22). Апостол Павле пишува: „Кој не знаеше за грев“ (2. Коринќаните 5,21). Исус бил „свет, невин, без мана, одвоен од грешниците“ (Евреите 7,26). Сам Исус прашал: „Кој од Вас може да Ме обвини за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате?“ (Јован 8,46). Дури и демоните му ја признавале безгрешноста. Довикувале: „Те знам кој си Ти, Светец Божји!“ (Марко 1,24) Само Оној што бил безгрешен можел да ја прифати одговорноста за гревовите на другите.

За време на својот живот на Земјата Исус никогаш не бил нестрплив, ниту пак морал да се извинува поради некој погрешен чекор или нељубезен збор. Никогаш не изговорил ниту една лага. Исус бил олицетворение на вистината. Бил „сличен на своите браќа“, за да може да биде „искушан како и ние, но без грев“ (Евреите 2,17; 4,15). Тој го прифатил животот со сите негови ограничувања во времето и во просторот. Бил гладен и жеден. Чувствувал умор и се освежувал со сон. Исус го делел со нас нашиот секојдневен леб, па сепак бил безгрешен Божји Син. Бил странец и патник на Земјата што самиот ја создал, бил искушаван како секое човечко суштество, па сепак живеел живот без грев.

Кога го допираме прашањето за Христовата човечка природа, ние стапуваме на света почва. Да ги чуеме зборовите на ангелот Гаврило упатени до Марија: „Роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1,35). Иако бил свет и безгрешен, сепак него, „Кој не знаеше за грев, Он место нас Го направи грев“ (2. Коринќаните 5,21).

Поточно кажано, кога Христос е „сторен грев“, Тој станал „жртва за гревот“. Во Гетсиманската градина сите гревови на светот се натоварени на неговиот грб. Тогаш се исполнило пророштвото на пророкот Исаија: „Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги поднесе нашите слабости; казната за нашиот мир, падна врз Него“ (Исаија 53,4.5). Иако Исус никогаш не згрешил, на Голгота бил најоптоварен човек со грев на светот, зашто „Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое“ (1. Петрово 2,24).

Моќниот Бог станал Син Човечки за ние да можеме да станеме  Божји синови и ќерки. Не треба да стравуваме од ништо, ни сега ни во иднина. „Не бојте се“, рекол Исус, „зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12,32).