11.2. Член на човечкото семејство

11.2. Член на човечкото семејство

 „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко-женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.“

Галатјаните 3,28

Исусовото учење за братство на сите луѓе за фарисеите било соблазнива ерес и камен на сопинање. Тие се оградувале дури и од своите сонародници. Повеќе се бореле да ја сочуваат својата положба отколку за практична примена на религијата. Повеќе се грижеле за своите функции, учења и установи отколку за народот. На сиромаштвото гледале како на грев, а на грешникот како на губавец. Тоа била причината што не можеле да ја сфатат Христовата порака за братство на сите луѓе без разлика. Исус Христос не признавал никаква поделба меѓу луѓето. Во зборовите на апостол Павле наоѓаме одек на Христовото учење: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко-женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса“ (Галатјаните 3,28).

Цел на првото Христово доаѓање на светот била да го воведе човештвото во царството намилоста и на братски односи меѓу луѓето. Царството на милоста му претходи на царството на славата што ќе настапи кога Тој ќе дојде по вторпат, придружуван од своите ангели. Тогаш ќе одекнат „силни гласови на небото“ прогласувајќи дека „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос и Он ќе царува во сите векови!“ (Откровение 11,15). Тогаш светот навистина и духовно и физички ќе биде едно семејство и сите луѓе навистина ќе бидат „браќа“ (Матеј 23,8).

Кога Христос го примил во кругот на своите ученици Матеја, кој бил еден од истакнатите цариници во Ерусалим, фарисеите тоа го сметале за доказ дека Исус е измамник. Тие не можеле да поднесат еден бивш римски чиновник и собирач на данок да биде поздравен со добредојде. Но малку подоцна, кога го виделе Исуса како влегува во куќата на еден друг цариник, Захеј, згрозувајќи се викале: „Отиде во куќата на грешен човек!“ (Лука 19,7)

За овие еврејски водачи биле несфатливи зборовите со кои Исус ги објаснил своите намери: „Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното“ (Лука 19,10). Како можат тие да бидат загубени кога се синови Аврамови? Кога Исус навистина би бил ветениот Месија, би го сторил токму спротивното: би ја очистил нацијата од омразените цариници, би ги исфрлил Римјаните, а нив би ги ослободил од ропството. Тие расудувале така зашто биле трагично слепи за своите вистински потреби.

Бидејќи не можеле да ја сфатат идејата за братство на сите луѓе, фарисеите не можеле да се најдат во Христовото царство на милоста. Не можело да има ништо заедничко меѓу религијата што гледа на грешникот како на човек што треба да се одбегнува по секоја цена и религијата што прави сè за да го спаси, без оглед на цената. Христовата религија гледала на грешникот како на човек што треба да се спаси, а религијата на фарисеите како на човек што треба да се уништи. Христовата религија била религија на Божја љубов меѓу луѓето. Фарисеите одбиле да сфатат дека Тој е Бог на љубов кој „се покажа во тело“.

Исус насекаде видел мажи, жени и деца каде што умираат од глад за љубов. На сите им ја делел својата божествена љубов од сè срце. Не се обѕирал на ничија општествена положба или потекло, раса или верување. За него секое човечко суштество било вредно за внимание. Неговото срце се наведнувало над секоја човечка душа, градејќи го царството на милоста и братољубието. Првиот Христов настап почнал со проглас на царството на Божјата милост во кое сите луѓе се браќа: „Времето се исполни и царството Божје наближи“ (­Марко 1,15).

Исус ги урнал сите фарисејски огради на отуѓеност и нетрпеливост меѓу луѓето. Го исцелил слугата на римскиот капетан и ќерката на жената Сирофеничанка и со тоа покажал дека не знае за национални разлики. Евангелието го отворил пред Самарјанката и ја сторил свој весник во Самарија. Во друга прилика исцелил група болни од кои исто така еден бил туѓинец од Самарија. Додека фарисеите ја издигнувале сопствената нација. Исус го издигнувал целото човештво. Тој навистина бил Син човечки – вистински претставник на човечкиот род и проповедник на братољубје.

Исус во човекот гледал човек, мажите и жените како едно семејство и сите заедно како браќа. Кога некој го известил дека го бараат неговата мајка и браќа, Тој одговорил: „’Која е мојата мајка и кои се моите браќа?‘ И како покажа со рака на учениците свои, рече: ’Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа? Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра и мајка‘“ (Матеј 12,48-49).

Божјето царство на милоста претставува заедница на добра волја меѓу сите луѓе што се по Божја волја. Кај нив нема горделивост, расфрлање, нетрпеливост и себичност. Исус покажал дека чувството на надмоќ на човекот над човек е грев што нè исклучува од неговото царство. Мнозина околу него биле горделиви поради својата општествена положба, а некои се чувствувале за една глава повисоки од другите поради својата религија. На еден млад и богат кнез Исус му го покажал начинот како да дознае во кое царство се наоѓа. Му рекол: „Оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси“ (Матеј 19,21). Исус не рекол дека парите треба да му ги донесе нему, туку да им ги раздели на сиромасите.

Налогот што му го дал на богатиот младич да продаде сè што има завршил со повикот: „Па ајде по мене!“ Но тоа никогаш не се случило. „Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален оти имаше голем имот“ (Матеј 19,22). Тој ја пропуштил најголемата прилика во животот. Се свртел и засекогаш се загубил од историјата за спасението. За него никогаш ништо повеќе не се слушнало. Дури и името не му го знаеме. Од сцената на христијанството отишол како непознат младич, иако неговото име можело да биде запишано со златни букви во историјата на Црквата.

Богатиот младич се чувствувал далеку понадмоќен од Исусовите ученици и од сиромасите како и фарисеите што се чувствувале над цариниците. Но, „понадмоќните“ и „посветите“ се нашле надвор од ѕидовите на Божјето царство. Каква трагедија! Надвор од спaсението се нашле сите оние што се фалеле со својата религија на сметка на грешниците, на презрените и отфрлените. Меѓутоа, оној разбојник од десната страна на Христа на Голгота, осуден и распнат, станал член на Божјето семејство затоа што го прифатил милостивото ветување на Царот на милоста: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23,43)

Во Божјето царство на милоста никој не ги мери своите заслуги за Бога и за ближниот. Животот со Христа во неговото царство на милоста не претставува товар, должност, принуда или жртва; тоа е гозба на вис­тинска радост, изобилен живот, потполн мир, целосна сигурност и напредок. Во нашата историја Исус влегол како член на човечкото семејство за ние да станеме членови на небесното семејство. Да влеземе во Христовото семејство, како негови браќа и сестри, новородени Божји деца!