12.1. Сонце на Хермон

12.1. Сонце на Хермон

„Ова е Мојот возљубен Син; Него послушајте го!“

Лука 9,35

На Исуса често гледаме како на нежен и сомилосен Спасител. Но Тој бил и нешто повеќе. Тој бил и неустрашив борец кој се сретнувал со најогорчено непријателство. Иако знаел дека наскоро облакот на злото ќе се урне врз неговата глава, сепак мирно се движел кон Ерусалим со доверба во љубовта на Отецот. Библијата кажува: „Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја“ (Марко 10,32). Исус бил непоколеблив, но учениците биле уплашени. Им било потребно охрабрување и сигурност за часовите на искушението што настапувале.

Верата во Христа како Откупител била темел врз кој Исус ја градел верноста и храброста на своите ученици. Тие требало да го однесат евангелието за спасението во сите краишта на светот. Исус јасно им ги покажал условите под кои можат да бидат негови ученици. Требало да го следат постојано и со непоколеблива верност. Требало да бидат готови и да се жртвуваат за него. Да се оди по Христа значело да се носи крст на непопуларност и подбивање.

Во Ќесарија Филипова учениците очекувале триумфално воспоставување на царството на славата на Земјата. Тие биле обземени со таа мисла. Но било потребно Исус да ги навикне да мислат дека пред славата оди крст. Клучевите на славата ја отворале и вратата на страдањата. Во часот кога нивната вера во него како Откупител триумфирала, „Оттогаш почна Исус на своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне“ (Матеј 16,21).

Исус знаел што го очекува. Нежно и постепено им ги објаснувал пророштвата што зборуваат за неговата победоносна смрт. Својата смрт на крст за гревовите на светот ја нарекол крштавање со страдања и рекол: „Со крштавање треба да се крстам и колку ми е мачно дури не се сврши тоа“ (Лука 12,50). Малку подоцна им рекол уште поотворено: „Но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не доликува пророк да загине надвор од Ерусалим“ (Лука 13,33).

За да ги охрабри своите ученици, Исус ги одвел на падините на една висока гора. До врвот повел само тројца ученици: Петар, Јаков и Јован. Наеднаш се нашле во облак. Учениците чувствувале дека тоа не е обичен облак. Чувствувале дека одат во пресрет на некој таинствен и необичен настан. Наеднаш како изненадување! Нивниот Учител и Господ „се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“ (Матеј 17,2).

Славниот облак, кој во старо време го покривал земното светилиште на Синај, повторно бил тука. Покрај Исуса стоеле Мојсеј и Илија како два столба на светлина, сила и слава. Разговарале со Исуса за неговата смрт и за настаните што ќе се одиграат во Ерусалим.

Ова искуство требало да послужи не само за охрабрување на личната вера на Петар, Јаков и Јован; овој настан бил претслика на второто Христово доаѓање, на неговото идно враќање од небото во сила и слава. Двајцата големи водачи од минатото ги претставувале основите на вистинската вера; Мојсеј бил симбол на Законот, а Илија на Пророците.

Кога Мојсеј умрел, лично Господ го извршил закопот (5. Мојсеева 34,5.6). Меѓутоа, Мојсеј не останал долго во својот пустински гроб. Апостол Јуда во своето послание известува дека архангелот Михајло дошол и се препирал со ѓаволот околу Мојсеевото тело. Со зборовите „Господ да те спречи!“, Исус го отерал сатаната и го подигнал Мојсеја од мртвите (Јуда 9). Овој воскреснат човек, прв во историјата, е претставник на неброеното мноштво што ќе воскресне од своите гробови при второто Христово доаѓање.

Пророкот Илија никогаш не паднал под удар на смртта, зашто жив бил пренесен на небото во огнена кола. Тој е претставник на оние што живи ќе дочекаат да го видат Христовото доаѓање и ќе бидат однесени „во пресрет на Господа на небото“. Мојсеј и Илија не расправале со Господа за неговото второ доаѓање; тие го охрабриле за средбата со настаните што ги очекувале во блиска иднина.

Небесниот Отец ги гледал и ги слушал. Тогаш од небото одекнал неговиот татковски глас: „Ова е Мојот возљубен Син; Него послушајте го!“ (Лука 9,35) Овој настан ги вдахнал тројцата ученици со неопишана сила и со вера во Исусовото божество.

Тоа не биле ангели што дошле на Гората на преобразувањето, туку луѓе: Мојсеј и Илија. За време на својот живот на Земјата и тие морале да поминуваат низ долината на тагата и разочарувањата. Историјата на Стариот завет сведочи за нивните падови и победи. Ги издржале сите неволји и отишле во слава.

Многу години подоцна, апостол Петар пишувал за Христовото преобразување: „Туку самите бевме очевидци на Неговото величие… кога бевме со Него на светата гора“ (2. Петрово 1,16-18). Исус знаел дека верата на неговите ученици наскоро ќе биде пречекана со страшно непријателство и со искушение и дека искуството од Гората на преобразувањето ќе им даде сила и храброст од сите тешкотии да излезат како победници.

Од тој ден Исус од оваа најсеверна точка на Галилеја почнал да се спушта кон југ, сè поблизу и поблизу до Ерусалим. Патем продолжувал да поучува, да проповеда и да лекува. Насекаде се сретнувал со придушен гнев на луѓето и демоните, но одел напред, воден од храброста што ја надминува моќта на нашето сфаќање.

Библијата опишува: „Кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим“ (Лука 9,51). Овој пат во Ерусалим не бил празничен излет. Исус знаел дека оди во смрт. Тој не барал смрт, зашто самиот бил живот и го сакал животот повеќе од сите нас. Сепак, Тој одел да умре за да го уништи кнезот на темнината и силата на смртта. Само со својата смрт можел да го победи господарот на куќата на ужасот. Иако знаел што го чека, мирно чекорел по патот кон градот што толку многу го сакал. За него тоа бил царски пат, зашто сам го избрал, иако го водел на крст.

По своето преобразување Исус испратил седумдесетмина свои следбеници да сведочат за „Божјето царство“ (Лука 10,1-11.16). Кога се вратиле „се вратија седумдесетте со радост“ (Лука 10,17). Нивната радост била преодна: болни оздравувале, грешници се посветувале, урнати домови се обновувале, демони бегале. Но една радост ги надминувала сите други – тие станале слични на својот Господ и Учител. Тој им рекол: „Не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се што се имињата ваши напишани на небесата“ (Лука 10,20).

Гората на преобразување била гора на охрабрување. И денеска Исус оди пред своите ученици како некогаш на царскиот пат во Ерусалим…