18.1. Совршено откупени

18.1. Совршено откупени

„Кон Мене обрнете се, и ќе бидете спасени, сите краишта земни!“

Исаија 45,22

Гревот е оков, а животот во грев е робување. Синџирот на гревот почнал со Адамовиот престап. Оттогаш „сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Римјаните 8,22). Воздивнувањето е слика на ропството. Ропството на стариот Израел во Египет е слика на ропството на гревот: „А синовите израелски уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките маки дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно“ (2. Мојсеева 2,23.24).

Само Бог можел да го спаси човекот од оковите и светот од робувањето, „па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство“ (Евреите 2,15). Ослободувањето од Египет станало слика на ослободувањето од јаремот на гревот. Христос интервенирал зборувајќи: „Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа“ (2. Мојсеева 3,8).

Човекот бил заробен во царството на гревот. Заробеникот може да го ослободи само оној што е слободен. Христос е Богочовек кој ни бил неопходно потребен. Исус не донел само учење, туку и спасение. Многу учители на светот живееле за да ги учат луѓето, но само Христос умрел да ги спаси луѓето. Тој не е само наш Пример; Тој е наш Спасител! Хри­сти­јанството не е филозофија; тоа е ослободување од гревот и од робувањето на гревот.

Христовиот крст не бил крај туку почеток. До крстот луѓето можеле да се сметаат за „робови на гревот“, а од крстот „бивши робови на гревот“ (Римјаните 6,20.17). Како Ослободител на човештвото од гревот и од последиците на гревот, Исус влегол во „самото небо, за да посредува сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9,24).

На крстот Христос ги отплатил сите наши долгови. На него Тој ги скршил оковите на гревот и ги раскинал синџирите на смртта. На небото отишол да го потпише ослободувањето на секој поединец што ќе го прими и својата правда да му ја засмета во живот на секој грешник што се покајал. Христос е утеха на човештвото. Нашето робување е завршено. Неговиот народ е ослободен. Христос му ги упатил на својот народ овие триумфални зборови на слобода од гревот: „’Тешете го, тешете го, Мојот народ,‘ вели вашиот Бог. ’говорете му нежно на Ерусалим, и известете го дека времето на неговото ропство заврши, дека за неправдата му е платено зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови‘“ (Исаија 40,1.2).

Завршната реченица на овој текст лесно може да создаде погрешен впечаток дека Бог двојно ги казнува гревовите на својот народ. Но ништо не е подалеку од вистината отколку тоа! Овде воопшто не станува збор за казнување, а уште помалку за двојно казнување, туку за двојно прошта­вање. „Известете го“, вели Господ, „времето на неговото ропство заврши“. Простениот грев прекинува секое натамошно робување и страдање.

Еврејскиот збор „кефал“ („двојно“) значи „ удвоено“ „преклопено“. Истиот израз, на пример, е употребен во 2. Мојсеева 26,9 каде што станува збор за двојно свиткана завеса. Во текстот за простената кривица Бог го теши својот народ со тоа што нагласува дека гревовите двојно се пречкртани или преклопени. За луѓето во времето на Исаија овој збор значел вест на утеха и олеснение.

За да ја разбереме оваа Божја вест за двојно проштавање, мораме да знаеме нешто за обичаите на тоа време. Ако некој во тоа време почнал една работа за која добил заем па пропаднал, зајмодавачот не се колебал да стави забрана на сиот имот на должникот и истиот да го продаде за да ги поврати своите пари.

Откако внимателно си го утврдил точниот износ на долгот, заемодавачот би направил список на сите побарувања и би го закачил на вратата на должникот. Следното утро, кога несреќниот должник би излегол од куќата, би морал да го види. И неговите соседи исто така веднаш би го забележале тоа. Секој можел да го чита неговиот долг и да го види потписот на побарувачот. За должникот во неговото семејство почнувале тешки часови.

Заемодавачот морал на должникот да му остави одреден рок од пет дена за да може должникот да најде пари да го врати долгот. Ако во назначениот рок должникот не би го платил долгот, неговиот имот би бил продаден, па дури и самиот тој и членовите на неговото семејство.

Притиснат со неволјата, должникот секое утро оди од дома да бара помош; кој Евреин би бил готов да му позајми пари на човек кој пропаднал?

Должникот чувствува дека мора по секоја цена да најде пари да го исплати долгот. Првиот ден излегува од дома полн со надеж. Меѓутоа, се враќа наполно разочаран. Четири дена едноподруго тој излегува и се враќа сè поочаен. Никој не сака да му помогне. Доаѓа и последната, петтата вечер. – Кутриот човек, исцрпен и обесхрабрен, сфаќа дека за неколку часа ќе биде продаден како роб. Неговата жена и деца исто така ќе бидат продадени. Со сила ќе бидат разделени и можеби никогаш повеќе нема да се видат.

Гледајте го како оди горе-долу низ собата, зашто на очите не му доаѓа сон. Што ќе се случи? – И навистина, нешто се случило. Таа ноќ некој богат пријател на неговиот татко поминувал низ улицата и ја забележал објавата на вратата од неговата куќа. Го подигнал фенерот и почнал да го чита долгиот список на долговите. На крај забележал дека рокот истекнува. „Не можам да го пуштам да страда“, си помислил овој доцен поминувач. Тогаш го спуштил фенерот, ја свиткал објавата и на другата страна го напишал своето име и изјава дека тој ја гарантира исплатата на сите назначени долгови.

Изутрината, кога домаќинот излегол од дома со очи натечени од неспиење и од плачење, се свртел уште еднаш да ја види тажната листа на својата врата. Но листата била превиткана! Наместо долговите го прочитал името на својот доброчинител. Не можел да им верува на своите очи. Се втрчал во куќата, ги извел својата жена и деца и заедно го читале името на својот неочекуван спасител. Се прегрнувале и плачеле од радост. Биле спасени! Откуп се нашол! Кога некој ќе се спаси, тој има право да ги покаже своите чувства. Кој кажува дека во религијата нема радост?!

А сега да се потсетиме што се случило пред дваесет векови. Човештвото било загубено и немало никаква надеж. За да го плати својот долг, морало да се раздели од животот, зашто плата за гревот е смрт. Но во вистински миг Царот на славата ги напуштил небесните дворови и пошол низ нашите раскопани улици. Оддалеку се гледал страшниот извештај на нашите гревови. Тој при­стапил, ја зел листата на нашите долгови и ја приковал на крст. Потпишал со својата крв и нè откупил. Го прегрнал целиот свет и го ослободил од робувањето.

Исус со својата крв ги пречкртал нашите гревови и тоа двојно. Единствено што треба ние да сториме е да се оѕвиеме на Исусовиот повик: „Кон Мене обрнете се, и ќе бидете спасени, сите краишта земни!“ (Исаија 45,22)