23.4. Обратувањето на центурионот Корнелиј
„Навистина сфаќам дека Бог не гледа на лице, туку, напротив, Нему му е мил во секој народ оној кој има страхопочит кон Него и постапува праведно.“
Дела на апостолите 10,34.35
„Центурион“ е латински збор изведен од зборот „центурио“, што значи „заповеда над стотина“. Според денешната терминологија, центурионот бил капетан, непосреден старешина на стотина војници. Центурионот Корнелиј бил „стотник од таканаречената Италска чета“ (Дела на апостолите 10,1). Оваа Италска чета или кохорта броела според римските правила околу 600 војници, а целата легија околу шест илјади. Корнелиј бил капетан, но не и заповедник на цела кохорта. Се наоѓал во Ќесарија, главниот град на римската провинција Палестина.
Корнелиј било вообичаено римско име. Овој центурион бил незнабожец, угледен и богат човек, образован како војник. Во историјата на христијанската Црква влегол како еден од првите плодови на делувањето на Божјиот Дух врз обратувањето на незнабошците.
Првиот историчар на христијанството, Лука, повеќе пати престојувал во Ќесарија каде што ги дознал подробностите за чудесното преминување на Корнелиј во христијанството. Корнелиј ја барал вистината за Бога. Незнабожечката религија не можела да ја угаси вечната жед на човечкото срце за Творецот. Запознавајќи ја верата во единствениот Бог, Корнелиј го прифатил Божјиот закон, но не ги примил еврејските обреди. Во очите на Евреите сè уште бил незнабожец.
Центурионот Корнелиј бил претставник на оној подобар дел на римското општество што се стремело кон вистината. Во негово време книгите на Стариот завет веќе биле преведени на грчки јазик под името Септуагинта. Корнелиј го истражувал преводот Септуагинта и Божјиот Дух го осведочил во вистинитоста на Божјата реч. Бил „маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом“ (Дела 10, 2), но за животот на Исуса Христа не знаел ништо. Сепак, Бог за него знаел сè. На него во полна мера се исполниле зборовите на Петар: „Навистина сфаќам дека Бог не гледа на лице, туку, напротив, Нему му е мил во секој народ оној кој има страхопочит кон Него и постапува праведно“ (Дела на апостолите 10,34.35).
Корнелиј бил далеку од Ерусалим, но не и од Духот кој слегол врз учениците. Светиот Дух не ги делел луѓето на незнабошци и Евреи, на Грци и Римјани. Исус одамна урнал секој ограда меѓу расите, националностите и потеклото. Па сепак, еврејската поделба на светот на „чисти“, и на „нечисти“ била длабоко вкоренета дури и во свеста на самите апостоли. Затоа Светиот Дух морал да интервенира.
Отворајќи му ја вратата на евангелието и спасението на Корнелиј, Светиот Дух му ја отворил вратата на царството на милоста на целиот незнабожечки свет. Пред овој Римјанин застанал Божји ангел кој рекол: „Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои. И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар. Тој престојува таму како гостин кај некој си кожар Симон, чија куќа се наоѓа покрај морето“ (Дела на апостолите 10,4-6).
Јопа била педесетина колиметри јужно од Ќесарија, исто така на брегот од Средоземното Море. Нејзиното првобитно име било како денешното: Јафа: што значи „убавина“.
Во тоа време во Јопа веќе била основана христијанска црква. Во неа живеела и служела Тавита, во превод „срна“. Тавита била голем добротвор на сиромашните во градот. „Нејзиниот живот се состоеше само од дела на љубов и милосрдие што ги правеше“ (Дела на апостолите 9,36).
Црквата во Јопа многу се разочарала кога таа одненадеж се разболела и умрела. Во Јопа бил испратен повик Петар веднаш да дојде. Црквата не мислела на закоп на Тавита, туку на нејзино воскресение. Се молела за чудо и Бог ја примил молитвата.
Кога Петар стигнал, го одвеле во собата каде што била постелата на Тавита. Светиот Дух му кажал на Петар што да стори. Тој „падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: Тавита, стани! И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна“ (Дела на апостолите 9,40.41).
Преку Петар Светиот Дух ѝ ја подал раката не само на Тавита туку и на центурионот Корнелиј. Додека бил во Јопа, Петар подолго време живеел во куќата на брегот, но не поради убавината на морето. Се стремел да му ја однесе веста на спасението на целиот град, на сите „што седеа во пределот на смртна сенка“ (Матеј 4,16). Едно утро се молел на покривот на куќата под медитеранското небо. Одненадеж почувствувал непреодолив физички глад и веднаш добил визија. Почувствувал дел од духовниот глад на Корнелиј за вистината и Бог со една слика му покажал што сака од него.
„Го виде небото отворено и некаков сад да слегува кон него, како некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата, во кое ги имаше сите четириножни животни, ѕверови, влекачи и птици небески. И се чу глас кон него: ’Петре, стани, заколи и јади!’ ’Никако Господи, оти никогаш не сум јадел погано или нечисто“ (Дела на апостолите 10,11-14).
Очигледно, Петар го познавал Господовиот глас, но најискрено му се спротивставил. Иако бил неодоливо гладен, свеста за чистото и нечистото била посилна. Три пати Господ му го рекол истото: „Она, што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!“ (Дела на апостолите 10,15). Визијата исчезнала, но Петар не мислел повеќе на јадењето. Се прашувал за вистинското значење на оваа симболичка слика. Во истиот миг Божјиот Дух му проговорил: „Ете, те бараат тројца луѓе. Туку стани, слегни и оди со нив, не помислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!“ (Дела на апостолите 10,19.20).
Пред куќата стоеле луѓето на Корнелиј и тропале. Читајте ја во Библијата оваа прекрасна историја. Светиот Дух ги пратил незнабошците да го бараат апостолот Петар. Светиот Дух го пратил Петар да го најде Корнелија. Светиот Дух делувал наместо Христа, го истакнувал Христа и љубел како Христос.
Визијата на покривот во Јопа добила објаснување во домот на Корнелиј во Ќесарија. Таму Петар, исполнет со Божји Дух, рекол: „Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го нарекувам поган или нечист“ (Дела на апостолите 10,28).
Првата проповед на Петар во незнабожечкиот круг била проповед за Исуса како Месија и Спасител на светот. Петар јавувал „мир во Исуса Христа“ (Дела на апостолите 10,36), а не во Петар, Јаков или Јован. Тој го проповедал „го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет“ (Дела на апостолите 10,38).
Драги пријатели, Петар бил сведок, но Христовиот Дух бил сила за обратување на центурионот Корнелиј. „Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото“ (Дела на апостолите 10,44).
Кога Петар видел дека незнабошците го примиле дарот на Светиот Дух, извикал: „Може ли некој да забрани да се крстат со вода овие, кои Го примија Духот Свети како и ние? И им заповеда да се крстат во името на Исуса Христа“ (Дела на апостолите 10,47.48).
По крштавањето со Дух, капетанот Корнелиј бил крстен со вода. Нели е тоа пример и за нас? Крштавањето со вода нека ни биде и нам знак на крштавањето со Свети Дух!