11.4. Син и Спасител

11.4. Син и Спасител

„Зошто Бог Толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен.“

Јован 3,16

Според една легенда, некој ирски владетел отишол на гозба кај еден од своите барони, престорен во човек од народот. Таму никој не го препознал. Како на непознат и сиромашен патник, му дале последно место на трпезата. Меѓутоа, не поминало многу време а неговото отмено однесување и сјајната речитост го привлекле вниманието на домаќинот и тој го преместил на едно од подобрите места. Најпосле го повикал да го заземе местото меѓу најпознатите големци на дворот.

По уште еден доказ на говорничката вештина и длабина на неговите зборови, еден од најугледните витези му се обратил и му рекол: „Незнајнику, ти зборуваш како некој цар. Ако не си цар, заслужуваш да бидеш тоа“. Тогаш престорениот цар ја симнал наметката и го зазел своето вистинско место меѓу своите следбеници.

Истото тоа го сторил и небесниот цар кога дошол на овој свет во човечко тело. Луѓето биле толку заслепени, што во Христа не можеле да го препознаат својот Творец и Бог кој дошол да ги спаси. Само по некој од нив имал очи и уши за неговото небесно однесување и восхитувачки зборови. Повеќето ниту го препознале ниту го признале. Но Христос ги признал оние што го познале, и „на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име им даде можност да станат синови Божји“ (Јован 1,12).

Религиските водачи во Исусово време не сакале да сфатат дека пред нив се наоѓа Бог во тело. Не го препознале времето кога биле повикани. Одбиле во скромниот Учител од Галилеја да го препознаат долгоочекуваниот Месија и Копнежот на сите народи. Ги затвориле очите пред јасните докази на неговото божество. Сепак, меѓу нив се нашол еден кој во Исуса Христа го насетил Величеството на небото. Тоа бил Никодим, учител на верата и угледен член на Синедрионот.

Била ноќ кога овој познат кнез на евејскиот народ пошол низ тивките улици на Ерусалим. Исус и Никодим се состанале на Маслинската гора над Ерусалим, под сенката на старите маслинки. Таму го воделе прочуениот разговор поради кој оваа ноќ станала историска.

Никодим бил искрен истражувач на вистината. Седејќи пред Исуса од Назарет, се прашувал во себе: Дали Исус е Божји Син или не? Дали Исус е побожен фанатик што се претставува како Месија затоа што е длабоко уверен во тоа или е свесен измамник кој тврди дека е Син на живиот Бог?

Исус не го лишил од одговор прашањето скриено во срцето на Никодима. Тој ги прочитал неговите најтајни мисли. За Никодима тоа било јасен доказ за Исусовото божество. Но Исус не се запрел на тоа. Во разговорот со Никодима Исус со бесмртни зборови се објавил себеси како Божји Син и ја открил причината на своето доаѓање на светот. Рекол: „Зошто Бог Толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен“ (Јован 3,16).

Тоа бил возбудлив миг кога Никодим во својот млад собеседник препознал личност многу повозвишена од онаа на која се надевал. Тој разговарал со Оној „кој слезе од небото“, со Бога во тело. Му било потребно време да ја сфати величественоста на својот заклучок за Христовата личност. Всушност, таа ноќ Никодим во Исуса го препознал Бога во човечко тело. Тоа бил преломен миг за овој великодостојник на еврејската религија.

Исус бил единствен човек, вистински човек, но и вистински Бог. Бил единороден – без соперник во вселената, неспоредлив и незаменлив. Тој бил Бог. Тој живеел со грешниците, но по својата природа и по својот живот бил безгрешен.

Никодим сфатил дека Исус е Божји Син во поинаква смисла отколку што бил Адам, иако и Адам се нарекува Божји син. Исус бил „единствен од својот вид“, „без рамен на себе“, единствен и неспоредлив Бог, вечен член на божественото Тројство. За разлика од Адама, Исус бил и Бог и човек. За разлика од својата мајка Марија, која имала земен татко и земна мајка, Исус имал земна мајка, но не и земен татко. Затоа Исусовата мајка, блажената девојка Марија, не може да се спореди со својот син Исус.

Исусовото зачнување било од Светиот Дух обвиткано во тајна што никогаш нема да ја доловиме. Блажената девојка Марија пеела кога го величела Бога: „Мојот Дух се зарадува во Бога, Спасителот мој“ (Лука 1,47). Очигледно признавала дека и нејзе, како и на секој друг грешник, ѝ е потребен Спасител. Библијата открива дека Исус од својот Отец имал божествена природа, а од мајчина страна човечка природа. Апостол Павле тоа го нарекува тајна на побожноста: „Бог се јави во плот, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава“ (1. Тимотеј 3,16).

Сите што верувале во Исуса верувале во него како во Бог во тело. Во Библијата таа тема е неисцрпна. Сите кои во Исуса го препознале небесниот Цар облечен во тело на вистински човек, го препознале и верувале во него како во Бог во тело. Еден од најдобрите познавачи на Божјата љубов, апостол Јован, својата книга ја почнал со Исусовиот животопис тврдејќи дека „Словото стана тело“ (Јован 1,14).

Исус бил вечна Реч, Творец на небото и Земјата, но зел телесен облик и сета ограниченост на човечката природа. Тој не бил секогаш тело; Тој станал тело за да му го открие на светот Бога. Во Исуса ние го имаме Божеството на вселената, сведено на вистински лик на човечко тело.

Божјето име преведено со изразот „Словото на животот“ го означувало името на самиот Бог и било потполно разбирливо за луѓето на кои им пишувал апостол Јован. Тој за „Словото на животот“ зборувал како за Оној што тие го виделе, го опипале и го посматрале (1. Јованово 1,1).

Логос е сам Бог, вечната Реч, Бог кој станал тело за да ни го покаже Бога во сопствениот живот и во жртвата и да го доведе светот назад кај Бога во небесното семејство.

Драги пријатели, Исус е потполно откровение на Бога, на Бога чиешто царство е радост и мир, семејна заедница на рамноправни, каде што гладот на душата на сите ќе биде подеднакво задоволен. Да го препознаеме во Исуса Царот над царевите, Господа и Спасителот!