12.3. „Безазлено и пречисто Јагне“

12.3. „Безазлено и пречисто Јагне“

„Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив јас. Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате.“

Јован 13,15.17

Во предвечерието на распнувањето Исус за последен пат го прославил празникот Пасха со своите ученици во Горната соба во Ерусалим. Тоа бил најголемиот празник во годината. Оваа голема свеченост се совпаѓала со најубавото пролетно време кон крајот на март и почетокот на април. Тоа бил спомен но и симбол: Спомен на ослободувањето од египетско ропство и спомен на духовното ослободување што ветениот Откупител ќе му го донесе на светот.

Христовата пасхална трпеза била поставена во Горната соба. На неа биле истите симболи што се наоѓале на трпезата на секој Израелец на последната вечера пред излегувањето од ропство. Печеното јагне го претставувало Божјето Јагне. Горкото зелје било потсетник на горчината на ропските маки; солта во соларникот ги претставувала солзите пролеани во Египет; пресните лебови биле амблем на „чистотата и вистината“.

За учениците кои славеле Пасха во текот на целиот свој живот овие симболи не значеле скоро ништо. Меѓутоа, за Исуса тие биле полни со значење. Исус знаел дека има само уште неколку часови на располагање пред да екне над неговата глава грмежот на претстојната луња. Тој знаел дека Синедрионот тој ден бил свикан на брза рака, спротивно на освештаните правила.

Тоа бил национален совет составен од 71 свештеници, книжевници и главари. На заседанијата Синедрионот и неговите членови секогаш биле несложни, но овојпат сите донеле едногласна одлука: Исус мора да умре! Неговото дело мора да биде запрено! Исус го знаел тоа. Мирно им дал упатства на своите ученици да приготват Пасха. Морал да стори уште нешто што го сметал за мошне важно.

Оваа последна Пасха во посебна смисла го претставувала каменот меѓник меѓу двата големи религиски системи. Сонцето на телесниот Израел било на залез, а веќе осамнувала муграта на духовниот Израел. Симболот се сретнал со своето остварување, пасхалното јагне со Божјето Јагне, и неговата крв со „скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос“ (1. Петрово 1,19).

Христос сакал да воспостави нов обред со симболите на своето скршено тело и со својата пролеана крв. Меѓутоа, неговите ученици не биле духовно подготвени за овој миг. Нивната неслога му пречела на Исуса да го воспостави новиот обред, а ни Пасха не смеела да се јаде во таква атмосфера.

Додека Христовите ученици се собирале во Горната соба, нивните меѓусебни односи биле напнати. „А се појави помеѓу нив и препирка, кој од нив да се смета за поголем“ (Лука 22,24). Тие не знаеле дека се наоѓаат во самата сенка на крстот, во предвечерието на ослободувањето на светот од ропството на гревот. Кога би знаеле дека нивниот Господ се приготвува да го жртвува својот живот за нив, колку поинакви би биле нивните односи! Во нивните срца би немало горделивост ниту препирање.

Во Евангелието на Јована читаме дека пасхалната вечера била завршена кога Исус решил да стане и да воспостави нов обред. Прво требало да ги очисти срцата на своите ученици. Јован пишува дека тогаш Исус, знаејќи „дека од Бога излегол и дека при Бога оди, стана од вечерата, ја соблече својата горна облека и кога зеде крпа, се препаша… и почна да им ги мие нозете на учениците“ (Јован 13,3-5).

Ништо не било необично во оваа служба на миење на нозете. На Истокот било вообичаено слугата да им ги измие нозете на гостите пред да влезат во домот. По правило тоа го правел најмладиот слуга или робот. Но, во Горната соба немало слуга меѓу учениците. Тие не ја разбрале пораката на пресните лебови, ниту на пасхалната жртва – пораката што подоцна ја разбрал апостол Павле зборувајќи: „Затоа, очистете го стариот квас, та да бидете ново тесто, како што сте бесквасни; оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ (1. Коринќаните 5,7).

Пресните лебови го претставувале чистото и вистинито срце очистено со крвта на Божјето Јагне. Квасецот го претставува семето на гревот, „на пакоста и лукавството“, „на злобата и расипаноста“. Исус се опашал за да го очисти.

Да го гледаме славниот Господ во предвечерието на смртта на крстот како се наведува да им ги измие нозете на своите ученици! Опашан со крпа, почнал да лее вода и да му ги мие нозете на секого од нив. Не го избегнал ниту својот предавник, Јуда, туку и нему му ги измил прашливите нозе. Копнеел да му го измие и срцето но, додека сите други биле трогнати од оваа сцена, Јуда тоа го примил со огорчување. „Овој не може да биде славниот Господ“, си рекол во себе, „кога можеше да ја прифати таа ропска должност“. Но колку малку Јуда го познавал духот на својот Учител!

Додека им ги миел нозете на своите ученици, Исус во Горната соба го издал овој свет налог: „Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив јас. Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате“ (Јован 13,15.17).

Основачот на својата Црква, Христос, зборувал и практично со своето дело а не само со зборови. Најпрво ги очистил учениците од квасецот на неслогата и горделивоста. Откако ги измил, ги послужил со лебот и со чашата. Со тоа ги положил темелите на Црквата на живиот Бог. Сето тоа го сторил на трпезата за време на последната Пасха.

Празникот Пасха бил семеен празник. Во дух на семејна атмосфера Исус ги послужил учениците како новооснована Црква со симболот на своето скршено тело и со својата пролеана крв. Потоа им дал последни совети, заедно со утешна вест за доаѓањето на својот заменик. Пасхалната свеченост во Горната соба завршила со молитва и со пеење на големото „Алелуја“ од еден псалм.

Христовата служба се ближела кон крај. Исус сторил сè што требало да стори. Само му преостанало уште да го положи животот за гревовите на светот. Како Оној што има вечна власт, Исус ја предал својата избрана Црква во прегратките на Отецот. Како посветен Првосвештеник, Тој посредувал за својот народ. Како верен Пастир, го собрал своето стадо под сенката на Семожниот во силно и сигурно засолниште. А сега, него го чекала уште последната битка со кнезот на темнината, и Тој ѝ поаѓал во пресрет.

Еден од оваа група, Матеј, кажува: „И откако испеаја благодарствена песна (псалм) се искачија  на Маслинската Гора“ (Матеј 26,30). Со песна на усните Исус излегол на мачилиште и смрт. Каква лекција за нас! Кога ќе се соочиме со некоја голема неволја, да се сетиме дека нашиот Спасител излегол пеејќи.

Драги пријатели, од Горната соба Исус пошол во Гетсиманија на своето вообичаено место за одмор и свето место за молитва. По миењето со вода, се приготвил да ги измие нашите срца со својата крв. Сите негови ученици, освен Јуда, ја прифатиле заедницата со Исуса. Да ја прифатиме и ние. Нека нè испере од гревовите. Тој нека биде и наш Спасител!