16.3. Исус во небесната светиња
„И наеднаш се раскина црковната завеса на два дела… и земјата се затресе; и карпи паднаа.“
Матеј 27,51
Постоењето на небесната Светиња (Светилиштето) е неразделен дел на учењето на Новиот завет за Христовото првосвештенство. Секако, таа не е изградена од тули и од малтер, но не е ниту производ на мечтата, туку на стварноста. Небесната светиња е реална како и Божјиот престол, како и самото небо. Библијата најтесно го поврзува христовото првосвештенство со постоењето на небесната Светиња. Апостол Павле кажува: „А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек“ (Евреите 8,1.2).
Од овие вдахновени зборови јасно се гледа дека Божјиот престол е вистински, како што е вистинска Светињата или Шаторот на небото. За самата Светиња и за нејзиниот облик знаеме само онолку колку што ни е откриено во Библијата, Нејзината конструкција потполно ни е непозната. Тоа не ни е откриено. Луѓето ја виделе копијата на небесната Светиња на Земјата, но не и небесниот оригинал. Земната Светиња била само „сенка“ на небесната.
Библијата истакнува два факта што можат да ни помогнат во разбирањето на ова важно прашање. Прво, таа кажува дека Шаторот за состанок во пустината бил изграден според сликата или образецот. Господ му рекол на Мојсеја да направи сè „според образецот“ што го добил: „Така ќе ја направиш скинијата според образецот, што ти беше покажан на планината“ (2. Мојсеева 26,30).
Библијата кажува дека Мојсеј не направил сам план на земното Светилиште. Упатство за градење добил директно од Бога. Нему му е наложено да направи шатор „според образецот, што го беше видел“ (Дела на апостолите 7,44). Во овој текст е употребен грчкиот збор „týpos“ што се преведува со зборовите како што се: „прилика“, „модел“, „слика“, „копија“. Оригиналот – небесната Светиња – го направил „Господ, а не човек“.
Апостол Јован во својата книга Откровение пишува со јазик што неговите читатели можеле да го разберат, зашто го познавале церемонијалот на земната Светиња и светите работи во неа. Така тој споменува „седум златни светилници“ (1,12), „златен жртвеник“ и „златна кадилница“ (8,3), „храмот на скинијата (Шатор, Црква) на сведоштвото“ (15,5), па дури и „ковчегот на заветот во Неговиот храм“ (11,19).
Пред својата смрт на крстот Христос го објавил не само разорувањето на градот Ерусалим, туку и разорувањето на Храмот. Исполнет со болка плачел над светиот град: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте. Ете, ви се остава пуст вашиот дом!“ (Матеј 23,37.38)
Со отфрлањето на Исуса Христа еврејскиот народ го отфрлил и неговиот Храм. Со Христовата смрт земната Светиња ја загубила својата симболичка улога и сиот церемонијал во неа престанал да важи. „Нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат“ (Матеј 24,2). Погледот на светот требало да биде пренесен од земното на небесното Светилиште.
Христос умрел на крстот во мигот кога во Храмот се пренесувала редовна жртва. Сликата ѝ го отстапила местото на стварноста, а копијата на оригиналот. Службата во земната Светиња можела да престане, а во небесната да продолжи. Зградата, обредите, жртвите, имале за цел да го покажат патот кон Бога. Старото свештенство им служело на „сенката на небесните работи“ (Евреите 8,5), и сега исто така ја завршило својата улога. Кога Исус издивнал, Храмот бил потресен со силен земјотрес и тешката завеса во него се раскинале од врвот до дното. Една невидлива рака го отворила пред очите на мноштвото местото кое сè до тогаш било Божје почивалиште: „И наеднаш се раскина црковната завеса на два дела… и земјата се затресе; и карпи паднаа“ (Матеј 27,51).
Кога Исус се вознел на небото „откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините“. Поставувајќи го својот Син повторно на престолот на небото, небесниот Отец рекол: „Твојот престол, Боже, е вечен и жезолот на правдата е жезол на царството Твое. Тебе ти омиле правдата, а го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог те помаза со масло на радоста повеќе од Твоите придружници“ (Евреите 1,8.9).
Значењето на ова Христово устоличување на небото би било намалено кога би се сфатило само како положба. На Христа му е вратенане само божествената чест како на второ лице на светото Тројство, туку и власта. Исус е наш Првосвештеник во небесната Светиња и Совладар на својот Отец во владата на вселената. Колку е славна помислата што Царот кој го зазема престолот на небото истовремено е и наш Претставник на небесниот двор!
Апостол Јован од островот Патмос, го гледа својот Господ и Учител во небесната Светиња неколку децении по неговото вознесување од Маслинската гора. Но каква разлика! Јован видел „сред седумте свеќници еден, како Синот Човечки, облечен во долга облека до нозете и околу градите препашан со златен појас; главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови како огнен пламен; нозете Негови –слични на усвитена бронза, како во печка вжарена, а гласот Негов – како шум од многу води. Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Негово светеше како што сонцето сјае во полна сила“ (Откровение 1,13-16).
Некогашното Дете од Витлеем, Божјето Јагне од Голгота, Исус, повторно станал она што бил секогаш – Господ и Бог, но сега во наше тело, Посредник за нашето спасение. Победата што ја извојувал на Голгота била решителна и вечна. Тој го победил не само гревот туку и смртта. Но без Христовото воскресение и вознесение неговата победа не би им била ставена на располагање на луѓето. „Ако, пак, Христос не воскреснал; суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови“ (1. Коринќаните 15,17).
Драги пријатели, истиот Господ, кој го создал светот (Евреите 1,2), истиот Исус кој ги раскинал врските на смртта, денеска е „Цар на Славата“ (Псалм 24) пред лицето на својот Отец во небесната Светиња. И таму, на престолот на Величеството, во „поголемо и посовршено светилиште, неракотворено“ (Евреите 9,11), Тој ја држи во свои раце сета власт на небото и на Земјата. Нашиот живот вреди да се живее гледајќи „во Началникот и Завршителот на верата – Исуса… од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12,2) во небесната Светиња!