13.3. Туженикот го брани судијата

13.3. Туженикот го брани судијата

 „А што да направам со Исуса, наречен Христос?“

Матеј 27,22-24

Убавината на вистината се наоѓа во нејзината чистота и правичност, но малку има такви кои држат до неа. Вистината е со божествено потекло, но кога доаѓа на земјата, таа доаѓа во непријателска средина. Некој може да знае дека Бог е вистина, па сепак да биде негов противник. Јуда ја знаел вистината, па сепак ја предал. Кајафа знаел дека Исус е невин, па сепак го осудил. Истото тоа го сторил и Пилат. И Ирод се понел така кон вистината.

Вистината сама по себе нема сила да го обнови човечкото срце сè додека Духот на вистината не ги отвори очите и душата. Јуда премногу доцна извикнал во Синедрионот: Исус е невин! Поштедете го! „Згрешив, оти предадов невина крв“ (Матеј 27,3.4). Кајафа знаел дека тоа е вистина, па сепак студено и грубо одговорил: „Што ни е грижа нам за тоа?“ За вистината да нè спаси, мора да ни помогне Духот на вистината кој доаѓа од Бога.

Колку трагична фигура е Јуда во историјата! Иако го предал Христа, сакал Исус да биде ослободен. Меѓутоа, тој мислел дека не е можно да го фатат Исуса. Јуда се покајал, но премногу доцна. Ја знаел вистината но не ја сакал. Знаел дека Христос е невин, но сепак таа вистина не го спасила. Без нежното делување на Божјиот Дух врз човечкото срце нема такви што ја усвојуваат вистината.

Кога Христа го довеле во судницата „беше утро“ (Јован 18,28). Пилат бил лошо настроен, зашто бил неочекувано рано разбуден. Сепак, седнал на судската столица. Ги прашал Христовите тужители: „За што го обвинувате овој Човек?“ (Јован 18,29).

Таа ноќ Синедрионот го осудил Христа поради наводна хула против Бога. Таквото обвинување за Пилата како Римјанин би било бесмислено. Затоа свештениците прибегнале кон лукавство, обвинувајќи го Христа но не наведувајќи ја кривицата: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ (Јован 18,30).

Така почнало најпрочуеното судење во историјата на светот. Еврејската итрина и римската горделивост го покажале своето вистинско лице, зашто се нашле пред Вистината.

Римскиот судија не бил задоволен со изнесеното обвинение. Барал докази. Тој бил член на царската куќа на владеачкиот Рим. Поседувал сјајна физичка градба и интелигенција, зашто инаку не би ја добил за жена внуката на царот Август. Тогаш Евреите смислено го обвинувале Христа како подривач на римската власт: „Го најдовме Овој како го развратува народот наш и забранува да се дава данок на цезарот“ (Лука 23,2).

Тоа била груба лага. Исус повеќепати одбил  народот да го прогласи за цар, а за царскиот данок рекол: „Подајте го царевото на царот, а Божјето на Бога“ (Марко 12,17). Но Христовите тужители вистината ја претвориле во лага. Уште додале: „Вели за Себе, дека е Он Христос Цар“ (Лука 23,2). Тоа било сериозно обвинување. Пилат се заинтересирал за личноста на обвинетиот. Тој не знаел ништо за природата на Христовото царство.

Стоејќи пред Пилата, Исус бил олицетворение на мирот и спокојството. И додека Пилат размислувал што да прави, Исус презел сè за да го спаси. Затвореникот се борел за душата на својот судија. Тоа уште не се видело ниту пак се чуло! Вистината не се плашела за својот живот, таа е вечна.

Гледајќи го Христа во очи, Пилат го прашал: „Дали си ти цар јудејски?“ Обвинетиот одговорил: „Го зборуваш ли ти тоа сам од себе, или други ти го кажаа тоа за мене?“ (Јован 8,33.34)

Пилат веднаш ги сфатил Христовите зборови кои всушност прашувале: „Стварно ли сакаш да ја слуш­неш вистината?“ Тој бил свесен дека се работи за заговор против Христа. Пред себе го гледал чистото лице на Праведникот, но се оглушил на гласот на Вистината. Христовото прашање ја погодило неговата горделивост. Црвен во лицето, навредено одвратил: „Зар сум јас Јудеец? Твојот народ и првосвештениците те предадоа во мои раце“.

„Моето царство не му припаѓа на овој свет“, мирно зборувал Исус. „Ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде“ (Јован 18,35.36).

Пилат за миг занемел од чудо. „Значи, сепак ти си цар?“

„Да, цар сум. Јас сум за тоа роден и затоа дојдов на светот да сведочам за вистината“. Тоа бил едноставен Христов одговор. Потоа уште додал: „Секој што е пријател на вистината, го слуша мојот глас“ (Јован 18,37).

Ова бил одговорот на Царот над царевите во облека на еден туженик. Во своите раце Исус го држел клучот за решение на сите тајни на животот и спасението. Пилат сега имал прилика да ја слушне вистината и да ја види нејзината убавина. Заинтересирано го прашал Христа како ученик својот учител: „Што е вистина?“

Но Пилат немал трпение да го почека одговорот. Бил љубопитен, но не и истраен. Сè посилниот викот од двораната го потсетил на итноста на акцијата. Не дочекувајќи го одговорот, бргу излегол и ја подигнал раката на вообичаениот начин разрешувајќи го Исуса од вината. „Absolovo! Не e виновен!“ – извикал. „Јас не наоѓам никаква вина во Него“ (Јован 18,38).

Вистината е невина и чиста како и крвта на праведникот. Христос бил вистина. Тоа го знаеле Јуда, Кајафа и Пилат. Тоа го знаел и Ирод кога го известил Пилата дека Исус не наоѓа „ништо, што би заслужувало смрт“ (Лука 23,15). Тоа го знаела и Пилатовата жена која во текот на самото судење нарачала на Пилата: „Не прави му ништо на Тој Праведник, зашто денеска многу пострадав на сон заради Него“ (Матеј 27,19).

Пилат веќе бил осведочен дека Исус е невин, но не знаел како да го ослободи а сепак да ги задоволи Евреите. Иако поседувал сјајна интелигенција, кукавички се повлекол пред заканувањата: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на царот“ (Јован 19,12). Тоа било преломно. Пилат се уплашил. Судијата станал ист како и тужителите кога ги прашал: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?“ (Матеј 27,22-24).

„Распни го, распни го!“ бил демонскиот одговор.

Пилат го задоволил џганот а не вистината. За да го смири своето внатрешно убедување за Христовата невиност, побарал вода и ги измил рацете со зборовите: „Јас не сум виновен за крвта на овој Праведник“ (Матеј 27,24). Но ниту водите на сите океани не би можеле да ја исперат неговата кривица. По вообичаеното шибање, Исус е одведен да се распне.

Пилат останал студен кон вистината. Бил под самата стреа на вистината, па сепак не влегол во нејзиниот топол дом. Тој ја гледал вистината во очи, но не ја засакал. Исус сакал да го спаси од гревот, но тој го одбил. Што ќе сториме ние со Христа? – Да го примиме како сама Вистина! Тогаш ќе се исполнат врз нас Христовите зборови: „И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8,32).