17.1. Големиот Ден на помирување

17.1. Големиот Ден на помирување

„Без пролевање крв нема проштавање.“

Евреите 9,22

Стариот Израел во Синајската пустина принесувал многу жртви на олтарот во Светињата (Светилиштето), а подоцна во Храмот. Но без оглед на бројот на жртвите и на нивната разновидност, секоја жртва без исклучок укажувала на единствената можна жртва – на смртта на Господа и Спасителот, Исус Христос. Божјето Јагне било вистинската, целосна и неповторлива Жртва што ќе се принесе за гревовите на светот.

Целиот церемонијален систем на старозаветното богослужение служело како сликовита лекција за необичното и прекрасно откровение на Божјата милост. Всушност, проштавањето не се стекнувало со крвта на животното, туку со вера во ветениот Откупител Исус Христос, кој единствено ги очистува „нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јовановo 2,2).

Во своето Послание до Евреите апостол Павле ги потсетува своите браќа на две групи жртви на стариот Израел: едните биле секојдневни а другите годишни (Евреите 10,11.3). Стариот Божји народ можел преку овие жртви да го запознае Божјиот план на спасението како што можеме и ние денеска. Како што во Новиот завет Евангелијата го опишуваат Христовиот живот и неговото дело на Земјата, така и Стариот завет ги опишува во разни фази церемонијалните служби на Христовото сеопфатно дело за откупување на загубеното човештво.

Во Шаторот за состанок (Светилиштето) секој ден се одигрувала драмата на спасението. Секој морал да научи дека „без пролевање крв нема проштавање“ (Евреите 9,22). Свештеникот го претставува Христа како вистински Посредник меѓу Бога и луѓето. Жртвеникот бил симбол на Христовиот крст на кој Тој еднаш засекогаш ќе се принесе за гревовите на светот. Целиот Шатор за состанок бил единствено прибежиште на грешникот и минијатурен модел на бескрајно пославната Божја палата на правдата на небесата.

Секој поединец во стариот Израел можел да принесе лични жртви што се нарекувале жртви паленици, жртви за грев, жртви за престап, жртви за јадење и жртви благородници. Нивниот опис се наоѓа во првите глави од Третата книга Мојсеева. Грешникот ги ставил рацете на главата на невиното животно и над него ги исповедал своите гревови. Потоа животното било заклано. Признатите гревови на народот на симболичен начин се пренесувани во Светињата и биле само условно простени. Бришењето на гревовите или очистувањето симболички се довршувало на Денот на помирувањето.

Денот на помирувањето бил најголем завршен ден на секоја религиска година. Тој ден првосвештеникот требало да принесе одредени жртви за себе и за своето семејство (3. Мојсеева 16,3.6 и понатаму). Секој поединец од народот требало исто така лично да се подготви за овој свечен ден и за службата на помирувањето. Пред да може некој да учествува на ова богослужение, морал да се очисти и да се подготви за оваа возвишена, света и одговорна служба.

За вториот дел на службата на помирување свештеникот бил должен да „ги земе двата козела и ќе ги постави при вратата од скинијата на сведоштвото. И тогаш Арон ќе фрли жреб за двата козела: еден жреб за Господа, а другиот за отпуштање“ (3. Мојсеева 16,7.8), за Азазела. Целиот обреден круг на Денот на помирувањето почнувал со редовната утринска жртва, потоа со специјална жртва за првосвештеникот и за неговиот дом, со жртва на едниот јарец за народот и завршувал со редовната вечерна жртва. Целата служба на овој посебен Ден на помирување била слика на последната фаза на големото Божје дело за откуп на човекот.

Јарецот за грев бил единствената жртва во целиот годишен церемонијал. Се разликувал од сите други жртви и по тоа што имал свој двојник. Со неговата крв првосвештеникот ги чистел „синовите израелски еднаш годишно поради сите нивни гревови“ (3. Мојсеева 16,34). Потоа, неговата крв сам Господ ја одредил како средство за чистење на олтарот и на светињата (првото одделение од Светилиштето), која била центар на богослужението во текот на целата година (3. Мојсеева 16,16.20). Очистувањето на првосвештеникот и на неговиот дом, на народот и на светињата со оваа крв на откупување било единствено и потполно.

По ова целосно и сеопфатно очистување на целиот народ, сите негови учесници можеле да бидат сигурни и безбедни. Бог на својот народ сликовито му прикажал на кој начин Тој ќе го искорени беззаконието од својата голема вселена. Првиот јарец го претставувал Исуса Христа кој на крстот како наша замена ќе ги искупи гревовите на светот со својата крв. Другиот јарец го претставувал сатаната кој мора да ја понесе одговорноста не само за своите гревови, туку и за сите гревови на другите што ги предизвикал тој.

Овој друг јарец жив чекал на првосвештеникот пред вратата на Шаторот за состанок. Тој не е заклан зашто не служел како слика за искупување на ничии гревови. Како симбол на зачетникот на гревот, бил врзан и осуден. Првосвештеникот во свечена тишина, носејќи ги сите гревови на народот од светињата на себе, ги ставил рацете врз главата на јарецот и над него ги исповедал „сите беззаконија на синовите израелски, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови“ (3. Мојсеева 16,21).

Сета вина за наведувањето на мажите и жените на грев и на бунт против Бога е ставена врз главата на јарецот за Азазела – сатаната. Еден посебно избран Израелец го носел потоа јарецот в пустина како осуденик на смрт и таму го оставал да погине. Исто така на крајот од историјата на гревот сатаната ќе биде фрлен „во бездната“ (Откровение 20,3), а подоцна во „огнено и сулфурно езеро“ (20,10), каде што ќе биде конечно и потполно уништен.

Така завршувал големиот Ден на помирување на Црквата во пустината. Оваа впечатлива слика на Божјата милост кон човечкото семејство станала стварност кога Христос, по својата жртва на крстот, станал и наш Првосвештеник во небесниот Храм. Големиот и вистински Ден на помирување или суд во небесната Светиња почнал во 1844 година која била одредена со Даниловото пророштво: „Уште две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти“ (Даниел 8,14).

Ние денеска веќе долго живееме во големиот Ден на помирување. Знаеме кога почнал, но не знаеме кога ќе заврши. Да не заборавиме дека Денот на помирување исто така е и Ден на суд. Затоа: „Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!“ (2. Коринќаните 5,20)