26.3. Град на Реката на животот

26.3. Град на Реката на животот

„Да, дојди, Господи Исусе!“

Откровение 22,20

Првото создавање на нашиот свет почнало со градина, а второто ќе почне со град. Првите три глави на Библијата зборуваат за првото создавање на светот и за влегувањето на гревот во него, а последните три го опишуваат второто создавање и искоренувањето на гревот од Земјата. Во сите други глави, на Библијата се наоѓа опис на Божјиот план за спасението на луѓето. Во нив централно место заземаат раѓањето, смртта и воскресението на Божјиот Син. На крај од Христовата првосвештеничка служба на небесата, неговото второ доаѓање ќе ѝ донесе крај на смртта и почеток на вечниот живот на Земјата.

Меѓутоа, повторното создавање ќе почне дури тогаш кога гревот конечно ќе биде избришан од вселената. Почетокот на тоа време му е покажан на Јована на островот Патмос: „Ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога, и имаше Божја слава“ (Откровение 21,10.11). Пророкот видел град на река низ која тече „вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето“ (Откровение 22,1). Божјиот престол ќе биде извор на таа река на животот.

Овој свет град е токму она место за кое Исус при разделбата со своите ученици рекол: „Одам да ви приготвам место“ (Јован 14,2). Апостол Павле живеел за тој град и го барал со сето срце. Тој рекол: „Бидејќи овде немаме постојан град, туку го бараме оној, што ќе дојде“ (Евреите 13,14). Павле, како и Аврам, чекал „град што има основи и чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11,10).

Барањето и чекањето на тој град станале нова димензија на животот на оние што сакале и сакаат да влезат во вечен живот. Тој нов квалитет на животот го барал од Христа еден млад еврејски кнез. Му се обратил на Христа со зборовите: „Што да направам за да наследам живот вечен?“  (Лука 18,18)­ Исус му одговорил: „Ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите“ (Матеј 19,17).

Сликата на Божјиот град е слика на вечниот живот што почнува уште сега. На припадниците на Христовата црква на Земјата, црква на небото ќе им биде „Господ Бог Седржителот и Агнецот“ (Откровение 21,22). Оние што живееле со Христа на Земјата, во светлината на небесни­от град ќе го препознаат својот Господ, зашто, светлината му е Агнецот. И спасените народи ќе одат по неговата светлина“ (Откровение 21,23.24).

Визијата за градот и за животот во него ќе биде остварена со второто Христово доаѓање. Вреди градот да се бара и да се чека без оглед на сите неволји на патот до него. Градот на иднината ќе биде вистински како и неговите жители. Ним Бог им рекол дека однапред можат да се радуваат: „Вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создавам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе во него глас од плачење и глас од пискот“ (Исаија 65,18.19). Што се тешкотиите на патот кога крајот е толку красен?

Во Библијата нема место за страв од иднината на светот, иако времињата пред второто Христово доаѓање ќе бидат времиња на проба и опасности. Земјата како планета никогаш нема да пропадне. Еднаш создадена да биде населена, ќе биде населена и во вечноста. „Зашто вака вели Господ, кој го создаде небото, Он, Бог, кој ѝ даде облик на земјата… Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење“ (Исаија 45,18).

Бог ветил дека светот ќе биде обновен, а не уништен. Во име на сите вистински Христови следбеници, Петар рекол: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја; на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3,13). Правда живее таму каде што живеат праведници. Јасно е дека новата Земја ќе биде населена со човештво кое ќе ги држи Божјите заповеди.

Нашата планета ќе се облече во нова облека. Тогаш ќе се слушне Божјиот глас: „Ете, сè ново создавам!“ (Откровение 21,5). Тоа „ново“ нема да биде нешто што уште не било, туку светот ќе биде таков каков што бил во почетокот. Земјата ќе добие нова воздушна обвивка и ново лице. Не само што новиот Ерусалим ќе биде „како невеста, променета за својот маж“ (Откровение 21,2), туку и цела Земја ќе се облече во небесна убавина. Псалмистот вели: „Нејзината облека е везена со злато, во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот… ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец“ (Псалм 45,13-15).

Жители на новата Земја и на новиот град ќе бидат некогашните жители на Земјата, но преобразени. Ерусалим ќе ни биде подеднакво „мајка на сите нас“ (Галатјаните 4,26). Во небесниот град се влегува со крштавањето на Земјата. За важноста на преродбата со вода и со Дух, објавувајќи го идниот прозив на небото. Библијата вели: „Кога ќе се пребројуваат народите, Господ ќе напише: овие се родија овде!“ (Псалм 87,6). Од таа причина Исус рекол: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо“ (Јован 3,5).

Бог уште денеска му се радува на читањето на секое ново име родено за вечноста. Библијата вели: „Ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни, како на празничен ден“ (Софонија 3,17).

Најубав накит во градот со златни улици ќе бидат неговите синови и ќерки, откупениците од сите народи и од сите векови. Разделени и изгубени за време на животот на старата Земја, ќе се најдат во новиот живот на новата Земја. „Ќе ги спасам твоите синови“, вели Бог, „ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерките твои – на раменици“ (Исаија 49,25.22).

Во небесниот град нема да има ниту болници, ниту војни, ниту рани: „Таму нема да влезе ниедна лаѓа со весла, ниту ќе премине голем кораб“ (Исаија 33,21). Библијата триумфално објавува: „Смрт нема да има веќе“ (Откровение 21,4).  Водата на животот на сите ќе им биде достапна и затоа „ниеден од жителите нема да каже: ’Болен сум‘“ (Исаија 33,24).

Промената ќе биде целосна и совршена. „Како што е напишано: ’Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат‘“ (1. Коринќаните 2,9).

Драги пријатели, тоа е единствен град каде што сè ќе биде бесплатно. Еве го Божјиот повик за сегашното влегување во градот на иднината: „Кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот бесплатно“ (Откровение 22,17). Да го примиме овој последен Божји повик во свои раце и да кажеме со апостол Јован: „Да, дојди, Господи Исусе!“ (Откровение 22,20)

Ве молиме, по завршување на тестот, контактирајте нè и испратете ни ги вашите информации за да можеме да ви врачиме Диплома.