6.2. Крај на гревот

6.2. Крај на гревот

„Ете, сè ново создавам!“

Откровение 21,5

Од настанувањето на злото до денеска никој не може да ја објави појавата на гревот во Божјата безгрешна вселена, но едно е сигурно: Бог на сите интелигентни суштества им дал слободна волја и одлучување. Ниту ангелите ниту луѓето не се создадени како автоматски машини, а уште помалку како робови на една семоќна сила. Тие се создадени како морални суштества, обдарени со разум и со слобода. Нивната љубов не можела да биде изнудена, зашто љубовта и не е љубов ако не е доброволна. „Бог е љубов“, кажува Библијата (1. Јованово 4,8), и Бог не можел разумните суштества да не ги обдари со слобода на избор.

Никој не знае колку долго во вселената владеела совршена среќа. Наеднаш мирот бил преки­нат. Се нашол некој што ја злоупотребувал слободата. Наместо да го љуби својот Творец, почнал да го мрази. На општо изненадува­ње во вселената, оваа необична про­мена се случила кај еден од нај­воз­ви­шените ангели. Тој ангел стоел нај­близу до Божјиот престол и по сво­јот ранг и положба бил прв до Христа. Овој голем херувим засолнувач стоел пред лицето на самиот Творец. Го озрачувале зраци на Божјата слава така што и самиот светел. Поради светлината со која отсјајувало неговото суштество и неговиот престол, тој се викал Луцифер или Светолоносец.

Овој славен ангел, обдарен со највисока интелигенција, ги познавал сите тајни на вселената. Пророкот за него рекол: „И нема тајна, сокриена од тебе“ (Езекиел 28,3). Влегувал во сите тајни на творечкиот ра­зум и вселенските простори, но не и во плановите на својот Творец. Божјите намери му биле недостапни и затоа се исполнил со завист и со љубомора. Тоа било крај на неговото совршенство кој никој, освен Бога, не го забележал. За тоа знаеме толку колку што ни открива Библијата: „Ти беше совршен во патиштата свои… сè додека не се најде во тебе беззаконие“ (Езекиел 28,15).

Иако заземал висока положба и бил на чело на ангелите, Луцифер не бил задоволен. Сметал дека неговата мудрост и убавина му даваат право и на самиот Божји престол. Така никнал гревот во неговото срце. Горделивоста го навела на грев, и самоизвишувањето го предизвикало неговиот пад. А кога паднал, не сакал повеќе ниту можел да стане. За него немало повеќе повраток, зашто ја пропуштил и последната прилика. Бог немал ништо повеќе да му пружи со што би го вратил кај Себе. Не можело да му се каже ништо повеќе од она што веќе го знаел, ниту да му се понуди поголема љубов од онаа што ја уживал. Бил најблизу до Бога, но кога отпаднал од него, тој „е соборен во подземјето, во длабина гробна“ (Исаија 14,15).

Бог можел да ја спречи појавата на гревот во вселената кога би му го одзел на Луцифера правото на слободно одлучување. Тогаш Христос не би морал да доаѓа на нашата Земја како Спасител. Би било непотребно да земе човечка природа и да умре за спасението на луѓето. Но на Бога не му е можно на ниедно свое создание да му ја одземе слободата што му ја дал. Тоа би било во спротивност со неговото битие.

Иако проблемот на гревот изгледал нерешлив, Бог сепак нашол излез. За Божјата љубов единствен излез била пак љубовта. Библијата не знае за поголем текст од овој: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16).

Мнозина се прашуваат зошто Бог не го уништил овој опасен ангел веднаш штом згрешил и со тоа да го спречи натамошното ширење на гревот. Но кога Бог веднаш би го отстранил својот противник суштината на Луциферовиот грев и бунт би останала неоткриена. Жителите на невината вселена не би ја сфатиле вистинската природа на гревот ниту би можеле да ги согледаат сите последици на отцепувањето од Бога. Луцифер од почеток не истапувал отворено. Своите планови вешто ги спроведувал преку ангелите кои не можеле веднаш да проникнат во вистинските намери на својот водач. Никој од нив не го насетувал ужасниот крај со кој ќе заврши Луциферовото потајно делување.

Сите жители на вселената требало да ја дознаат правата вистина за зачетникот на злото и да сфатат дека во неговото срце се наоѓа омраза а не љубов. По паѓањето на земјата, овој потемнет ангел ја симнал својата маска и се покажал како „човекоубиец од почетокот“ (Јован 8,44). Неговиот бунт станал основна причина за смртта на сите земни жители.

Иако на небото во почетокот зборувал дека нема ништо против возвишениот Божји Син, сепак на Земјата го приковал на крст. Но тоа конечно го оддало. Зборувајќи за својот крст како за победа над сатаната Исус рекол: „И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Јован 12,32).

Христос умрел онака како што со векови порано било предвидено во Библијата. Може ли светот да очекува да го види и претскажаниот крај на Луцифера? Библијата на тоа одговара потврдно. Христос поднел смрт за „преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14).

Уништувањето на Христовиот непријател е предвидено. Со Христовата смрт на крстот и со неговото воскресение сатаната е победен, но не и уништен. По Христовото вознесение победениот непријател останал на Земјата и својот змиски гнев го насочил против Христовите следбеници. Духовната и физичката војна против Христовите следбеници ќе стане особено жестока пред самата пропаст на сатаната.

„Непријателот на секаква правда“ (Дела на апостолите 13,10) ќе се устреми со сите сили врз преостанатиот дел на вистинската Христова црква, која „ги држи Божјите заповеди и го има сведоштвото на Исуса Христа“ (Откровение 12,17). Христос дошол да го избави овој свет од рацете на свирепиот тиран. Преку Исуса Христа Бог го помирил светот со себе. Секое човечко суштество сè уште има слободна волја и избор. Бог ги повикува сите луѓе да се определат за правдата и за вечен живот: „И Духот и невестата велат: ’Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ’Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22,17).

Иако ќе биде уништен дури во иднина, пропаста на сатаната е сигурна. За конечното уништување на оваа „стара змија“, „која го мами сиот вселенски свет“, читаме во Книгата на пророкот Езекиел: „Јас ќе пуштам оган пред тебе, што ќе те проголта; и Јас ќе те претворам во пепел на земјата пред очите на сите, што ќе те видат“ (Езекиел 28,18). Потоа сатаната „ќе исчезне засекогаш“ (Езекиел 28,19). Во вселената никогаш повеќе нема да се појави грев.

Библијата почнува со создавањето, а завршува со повторно создавање. Бог ќе го објави почетокот на создавањето на новиот свет со зборовите: „Ете, сè ново создавам!“ (Откровение 21,5). Оние што верувале во првото создавање ќе бидат сведоци на новото создавање. Пред нас е свет без грев и грешници. Зошто и ние да не станеме негови жители?