4.4. Знак на нашата верност

4.4. Знак на нашата верност

„…Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше.“

Лука 23,54

Некои луѓе без причина се сопнуваат на самиот праг од Библијата, зашто им изгледа премногу тешко да веруваат во нејзините први зборови: „На почетокот Бог ги создаде небото и Земјата“. Научниците сиот свој живот го поминуваат над микроскоп и телескоп обидувајќи се да го решат прашањето на потеклото на нашиот свет и на вселената. Тие се задлабочуваат во тајните на атомот и на вселенските маглини, додека вистината е постојано покрај нив и им шепоти: „На почетокот Бог ги создаде…“.

Колку повеќе размислуваме за Бога како Творец, сѐ повеќе увидуваме дека нешто не е во ред со нашата верност кон него. Божјиот глас од Синај одекнува од почетокот на Библијата сѐ до нејзините последни страници: „Подајте Му слава… и поклонете Му се на Оној, кој го создал небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14,7). До нас стои да послушаме.

Божјата реч постојано го нагласува фактот дека Бог бара безусловна послушност, па сепак мнозина мислат дека е сѐ едно кој ден во седмицата го одделуваат за одмор. Меѓутоа, Библијата недвосмислено укажува на седмиот ден – на саботата – како на неприкосновен ден на Божји одмор.

Некои сметаат дека е важно да признаат еден ден во седмицата без оглед дали тоа е нејзиниот прв или последен ден. Мнозина живеат во искрено уверување дека сите денови во седмицата се исти. Но, иако секој ден трае 24 часа, никој не треба да мисли дека Творецот му препуштил на човекот сам да одреди кој ден ќе му го посвети нему. На Синајската гора Бог, не само што рекол, туку и напишал: „а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог, заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (2. Мојсеева 20,10.11). Од рајот до Синај поминале две илјади и петстотини години, но заповедта за празнување на седмиот ден не е изменета.

Вистината за вера во Бога како Творец на небото и Земјата се наоѓа единствено во заповедта за празнување на саботата, седмиот ден во седмицата. Саботата е објавена како знак на почит кон Творецот од генерација во генерација, зашто сам Бог нагласил: „Држете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, кој ве осветува“ (2. Мојсеева 31,13). Божјиот закон е огледало на Божјата волја, на кое се огледува верноста на секого од нас.

Зошто тогаш многу христијани, кои инаку веруваат дека постои Творецот на небото и Земјата, не го „држат“ Божјиот закон – не ја празнуваат саботата туку неделата, кога знакот на Божјето творештво не може да се промени?

Историјата ни зборува дека саботата е заменета со недела по смртта на апостолите, верните чувари на чистата Христова наука. Оваа промена настапила како резултат на широко распространетото застранување од вистината на евангелието што ја учел Христос. Обичајот на празнувањето на неделата наместо саботата е наметнат со закони на црковните и цивилните власти, така тој обичај дошол до нашите денови. Тоа е единствената причина што повеќето христијани, и не знаејќи, наместо Христовиот седми ден – саботата – го празнуваат првиот – неделата.

Отфрлајќи ја свесно или несвесно саботата на Творецот, мнозина не сфаќаат дека всушност со тоа го отфрлаат својот Творец и Откупител Исус Христос. Милиони христијани се душевно незадоволни, празни, пренапрегнати и болни, само затоа што не им достига благословот на празнувањето на вистинскиот Божји ден за одмор. Оној што го создал човекот, знаел што е добро за него, но мнозина не знаат што е добро за самите нив. Бог знае дека на човекот му е потребно еден цел ден да помине во заедница со него. Јасно е дека Христос како Творец има свој ден. Преку пророкот Исаија Тој саботата ја нарекол свој ден: „свет ден Господов“ (Исаија 58,13).

Верноста кон Исуса Христа подразбира празнување на неговиот свет ден. Секоја нова сабота нѐ потсетува на Божјата творечка сила, а празнувањето на саботата значи признавање на таа сила како активен фактор во нашиот живот. Како што Бог го посветил седмиот ден, така треба да прават и неговите поклоници.

Саботата е гаранција за единството што го воспоставил Бог со нас луѓето. Човекот и Бог имаат заеднички ден за одмор. Љубовта и почитувањето кон саботата се израз на љубовта и почитувањето кон Бога. Празнувањето на седмиот ден – саботата – е само продолжување на празнувањето на празникот со кој Бог го обележил крајот на создавањето на нашиот свет.

Секогаш кога го празнуваме седмиот ден – саботата – ние исповедаме вера дека за нашето постоење ѝ должиме на Божјата сила, а не на некакви долготрајни природни процеси. Со празнувањето на седмичната сабота ние му оддаваме фалба на Бога за мудроста и љубовта со кои нѐ создал, и како да зборуваме заедно со псалмистот: „Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139,14).

Без саботниот одмор не може да се измисли вистинскиот христијански живот. Саботата ги соединува телото и душата во една нераскинлива целина. Таа го одмора и го освежува целото човечко суштество. Без неа нема единство со Бога. Големите заблуди што ги притискаат денеска многу христијани произлегуваат од неразбирањето на вистинското значење на саботата како печат на Божјата творечка сила.

Христос саботата ја сметал за свет ден не само за време на својот живот, туку и во гробот. Кога е симнат од крстот и ставен в гроб, „тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше“ (Лука 23,54).

Како што починал по првото создавање на светот, Христос и второто создавање на светот го завршил во шестиот ден и починал во седмиот. Празнувањето на саботата било доказ на Христовата верност и послушност кон Отецот. Светите часови на саботата го затекле со скрстени раце во осамениот гроб. Дури и жените мироносници „а во саботата одморија според заповедта“ (Лука 23,56). Со тоа на Христа му укажале најголема почест, зашто на Бога најголема чест и почит му се укажува со послушноста на неговата волја.

Саботата е милмирисно гранче на небесниот мир и наповторното соединување со Бога преку Исуса Христа. Воспоставена од создавањето на светот, таа ќе трае вечно како и светот. Меѓу сегашноста и иднината, додека сме уште овде, саботата е надеж во обновување на златниот период кога ќе настапи „кога ќе се изврши сѐ, што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот“ (Дела 3,21).

И на обновениот свет „од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое да се поклони пред мене, вели Господ“ (Исаија 66,23).