15.5. Од воскресението до вознесението

15.5. Од воскресението до вознесението

„И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото.“

Лука 24,50.51

Дваесет и четири часа на светиот саботен ден Христос лежел со скрстени раце во позајмениот гроб на Јосифа од Ариматеја. Римските стражари го чувале неговиот саботен мир. Каменот на гробот бил запечатен со голем римски печат. „Во првиот ден од седмицата… уште додека беше темно“ (Јован 20,1) е извршен најголемиот удар во царството на смртта. Божјиот Син со својата смрт и воскресение ги уништил смртта и гробот. Саботниот одмор како да му ја вратил божествената сила: Тој го опфатил столбот на смртта и столбот на гробот и со џиновска сила до темел ги урнал, а заедно со нив и „оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14).

Исус се вратил од онаа страна на смртта во победнички поход „да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство“ (Евреите 2,15). Од воскресението до вознесението Тој ги приготвувал учениците за својот следен чекор во користењето на победата над гревот и смртта: „Да биде милостив (кон луѓето) и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти“ нашите „гревови“ (Евреите 2,17). Се упатил по патот кон небото, во небесните дворови, да ги собере плодовите на својата победа над смртта.

Со тоа што Христос воскреснал во неделата, ја потврдил светоста на празнувањето на саботата. Во сабота се одморал, а во неделата станал рано изутрина, зашто го чекала голема задача. Требало да се сретне со својот небесен Отец. Сега ја имал сета власт што му припаѓала како на член на божественото Тројство. За тоа Исус рекол: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (­Матеј 28,18). Во таа власт не влегувала намерата да ги менува Десетте заповеди, зашто Тој не дошол да ги укине туку да ги исполни (Матеј 5,17).

Поаѓајќи од различни правци кон Христовиот гроб, жените од Галилеја не стигнале на гробот истовремено. Марија Магдалена стигнала пред другите и видела дека „каменот од гробот е поместен“ (Јован 20,1). Без колебање побрзала  тоа да им го соопшти на учениците. Кога таа веќе се оддалечила, на Христовиот гроб стигнале другите Марии. Го нашле празен и го виделе ангелот кој им рекол: „Отидете бргу и кажете им на учениците Негови дека Тој воскресна од мртвите“ (Матеј 28,7).

Марија се вратила на гробот кога другите жени веќе си заминале. Им јавила на Петар и Јован дека каменот од гробот е тргнат и сега пак била тука во градината. „Стоеше кај гробот надвор и плачеше“ (Јован 20,11). Нејзината тага била неизмерна. Кој го однел Христовото тело? Што се случило? Го нема повеќе ниту мртво! Само што го почнала разговорот со двајцата ангели, „се заврти назад и го виде Исуса како стои; но не знаеше оти е Исус“ (Jован 20,14).

Требало да ги избрише солзите и да го препознае својот Господ, но понекогаш тагата ги брише сите сеќавања на Божјето лице. Марија го препознала дури кога ја ословил со добро познатиот глас на Учителот од Назарет. Кога очите тоа не ѝ го дозволиле, ѝ помогнал слухот да ја сфати вистината. Потрчала кон Господа во пресрет, паднала пред неговите нозе да ги опфати во обожавање, но нејзината понизност била запрена со чудна причина: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог“ (Јован 20,17).

Марија не одела повеќе, туку скоро летала! Оној што го подигнал нејзиниот брат Лазар од мртвите и самиот воскреснал! Тоа било повеќе отколку победа. Тоа бил неискажлив триумф, миг достоен на бесмртноста. Марија не можела да се сомнева. Имала необична, радосна вест! Двојна вест: за Христовото воскресение и за неговото враќање кај Отецот! Таа не знаела кога Исус ќе се врати од Отецот, но неопишана радост ја гонела да трча и сето тоа да им го каже на своите браќа. Марија била првиот евангелист!

Исус не го прифатил нејзиното обожавање затоа што го почитувал својот Отец. Прво требало да се сретне со него. Тие се разделиле на крстот. Таму Исус потонал во грозна темнина на разделба со својот Отец. Не гледал преку гробот, зашто грозомората на разделбата со Отецот прекинала секаква трага на врска со царството на светлината. Сега имал повик да се врати. Во мугрите на воскресението најсилниот ангел на небесата му ги пренел Очевите зборови. Договорот за спасението на човекот морал да биде потврден. Христовиот потпис со сопствената крв морал да има и печат на одобрување од Отецот.

Христовото враќање меѓу огнените слуги на Отецот било пречекано како враќање на единородниот Син. Неговата жртва е примена и правдата задоволена. Сега Исус можел да ја преземе сета власт и сите права што произлегувале од извршениот договор. Сега можел, со заслугата на својата жртва на крстот на Голгота, да го спаси секој грешник што се кае.

Враќајќи се на Земјата, Исус со своето срце го опфатил целиот наш свет и целата вселена. Но гревот, уште не бил конечно искоренет. Христос го завршил своето дело на крстот, но уште сите луѓе не го прифатиле неговото спасение. Не постои безлично и недоброволно спасение. Милоста на спасението мора да се прими поединечно и доброволно. Небото сè уште го чека грешникот!

Стапувајќи повторно во Земјината атмосфера, Исус ги поминал безбројните километри на светлосните години и од вечноста создал часови, како што од часот прави вечност. Заминувањето и враќањето биле брзи и задржувањето кратко. Кога повторно бил на старите патеки кон Овчката врата на ерусалимскиот ѕид, ги сретнал жените од Галилеја. Сега можел да прими обожавање како Бог: „А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија“ (Матеј 28,9).

Четириесет дена по воскресението учениците биле готови својот поглед да го пренасочат од земниот Храм кон небесниот, и од земните свештеници кон нашиот Правосвештеник Исус. „И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото“ (Лука 24,50.51).

Додека од Христовите усни излегувале зборови полни со нежност, со надеж и ветување, со сила поголема од Земјината тежа се издигнувал кон небото. Набргу го засолнил сјаен облак, додека до нив допирале неговите последни зборови: „И, ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот!“ (Матеј 28,20)

Драги пријатели, Исус ги отворил капиите на небото што никој не може да ги затвори. Набргу повторно ќе дојде да нè поведе нас со себе. Денеска за вас е час на подготовка за средба со него!