6.3. Бог меѓу нас

6.3. Бог меѓу нас

„Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот.“

Исаија 9,6

Емануел е име на Божјиот Син. Во него се наоѓа објаснувањето на Христовото натприродно раѓање. Негово второ божествено име е Исус. Во превод тоа значи: „Господ е Спасител“. Трето име за Спасителот на светот е Христос, што на наш јазик значи Помазаник или Месија, Спасител на светот.

Само Бог можел да биде Спасител на светот. За да го спаси човештвото, Бог морал да стане човек. Непосредно пред Христовото раѓање во Витлеем, ангелот го повторил пророштвото на пророкот Исаија: „И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел – што значи: Со нас е Бог!“ (Матеј 1,23; Исаија 7,14).

Христовото раѓање во човечко тело е раѓање на Емануел, раѓање на Бога меѓу луѓето. Неговиот прв ден од земниот живот бил почеток на херојска епопеја а не идила, боен повик на труба, а не глас на успивна песна. Светот се наоѓал во ропство на демоните. Емануел дошол голорак во непријателскиот логор. Кој можел во нејакото новороденче да го види небесниот Војсководител како со извлечен меч тргнува во бој за ослободување на човештвото од гревот? Иако скоро никој не го знаел тоа, детето повиено и положено во јаслите на витлеемската шталичка бил самиот голем арангел Михајло. Тој станал Син човечки и Син Божји. Станал „тело и крв, преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14).

Секоја идилична слика за Христовото раѓање наполно се разликува од онаа вистинската што е насликана со вистината а не со мечта, со стварноста а не со четкица. И додека секоја година милиони христијани купуваат божиќни подароци, божиќно дрвце и светликави ѕвездички, да се сетиме дека Христовото раѓање во витлеемската шталичка било Божји дар за човештвото и знак на неговата моќ а не на немоќ, знак на сила а не на слабост. Тоа не било почеток на идила, туку предизвик. Христовото раѓање значело објава на мир, но и борба против царството на темнината. На Бога му било добро познато дека ѓаволот „ќе го бара Младенецот за да го погуби“ (Матеј 2,13).

Подготовките за раѓањето на Исуса траеле четириесет векови. Но кога настапил тој толку долго сакан миг, никој од луѓето не се појавил да го пречека. Сепак, дали баш никој не му посакал добредојде?

Целото небо било раздвижено. Ангелите подготвиле зборови и музика за дотогаш уште не изведуваната химна, но седиштата на витлеемските полјанки останале празни… Светот имал свои грижи. Библијата кажува дека „во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница“ (Лука 2,1-5).

Денот на Христовото раѓање бил со векови однапред заокружен со црвено мастило на пророчкиот календар. Светот можел да го знае. Можел целиот град да го пречека со подароци и со веселба, со факли и со свечена трпеза. Но ниту трага од сето тоа. Ангелите биле изненадени и збунети.

Израелскиот народ заборавил на раѓањето на Емануел. Заповедта на императорот Август ја засолнила светлината на доаѓањето на Заповедникот на небесните светови на оваа Земја. Но некој сепак ја видел неговата ѕвезда. Тоа биле таинствените мудреци од Исток. Тие пристигнале во Ерусалим на камили и прашале: „Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да му се поклониме“ (Матеј 2,2).

Срцата на сите жители во Ерусалим се исполниле со страв. Уплашениот цар Ирод ги прашал писмозналците: „Каде треба да се роди Христос?“ (Матеј 2,4).

Свештениците не очекувале царот Ирод да се интересира за раѓањето на Месија. Изненадени ја оддале тајната на пророкот Михеј: Му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израел‘“ (Maтej 2,5.6; Михеј 5,2).

Сказалките на пророчкиот часовник само што не се преклопиле. Мудреците од Исток ги натерале своите камили во галоп. Брзале низ ноќта во правец на витлеемската пештера. Ѕвездата водилка застанала. Емануел бил тука, но каде биле чекателите?

Наместо во топол дом, Бог влегувал во ризик. Првиот чекор на Емануел во светот бил опасен чекор. Само Бог знае колку ризикувал. Својот единороден Син го довел во непријателска средина и се изложил себеси на најголема загуба.

Спасителот на светот се родил во шталичка, надвор од населба. Наместо во царска колепка, бил положен во јасли. Небесата биле вчудовидени. Сепак, небесните пејачи биле на своите места. Неколку пастири на витлеемските полјанки биле нивни единствени слушатели. Ангелите пееле за цел свет и за сите поколенија: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14).

Христос бил роден. Бог дошол меѓу луѓето. На страна сета рамнодушност на Јудеја и незаинтересираност на Витлеем! Бог дошол да биде со нас. О, величествена порако! На хорот на ангелите му одговорил хорот на Божјите пророци: „Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 9,6). Емануел станал Син човечки за ние да станеме синови Божји.

Драги пријатели, пророштвото на Исаија за Емануел се исполнило. Во Библијата нема точен датум на Христовото раѓање и никој не знае кој е тој ден. Кога би било важно да го знаеме, тоа би било забележано во Библијата. Но она што треба да го знаеме – тоа е дека Исус е навистина роден. Тој го заменил својот престол на небото со слама во јасли. Тој бил Бог меѓу нас. Библијата кажува: „Бог го измири светот со Себе преку Христа“ (2. Коринќаните 5,19). Тој го помирил светот со себе со својата сила, со својата љубов, со својата милост, со својата вистина, со својата светлина и со своето спасение. Тој е роден затоа што „Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен жив“ (Јован 3,16).