22.1. Непресушен извор на животот

22.1. Непресушен извор на животот

„Да му благодариме на Бога, кој секогаш ни дава победа во Исус Христос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието на Самиот Него. Зашто ние сме му на Бога благопријатен мирис Христов и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои пропаѓаат.“

2. Коринќаните 2,14.15

Од повеќе еврејски зборови со значење „пустина“, ниеден нема исклучиво значење на песочна пустина ниту на некакво песочно земјиште. Во Библијата под зборот пустина во општа смисла се подразбира необработен и ненаселен крај во кој живеат диви животни, како што на пример, била Јудејската пустина. Во таква пустина Мојсеј подигнал Шатор за состанок како место на Божје престојувалиште меѓу луѓето. Бог му рекол на Мојсеја: „Кажи им на синовите Изреилеви да Ми соберат прилог: земете прилог кој од драго срце Ми дава… Да ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам“ (2. Мојсеева 25,2.8).

Меѓу другите свети работи на оваа прва „Црква во пустината“ (Дела на апостолите 7,38) направено е и свето масло. Сам Господ го дал рецептот за неговото приготвување. „Му рече Господ на Мојсеја, велејќи: ’Земи мириси најубави: цвет смирна чиста… миризлив цимет… трстика миризлива… касија… и маслиново масло… И од тоа направи масло – миро за свето помазание’“ (2. Мојсеева 30,22-25).

Со ова масло требало да бидат посветени сите предмети за богослужение во Светилиштето, а исто така и целото Светилиште, свештениците и првосвештеникот. Тоа го претставувало Божјиот благослов и животот. Исто така било и симбол на Светиот Дух. Поетот Израелов пеел за него, со овие зборови: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно! Како скапоцено миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова; како роса ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псалм 133,1-3).

Арон бил слика на Месија или на Исуса Христа, небесниот Првосвештеник. Месија значи Помазаник или Христос. Но наместо со масло како симбол, Исус бил помазан директно со Светиот Дух. На реката Јордан по крштевањето, „слезе на Него во телесен вид, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој велеше: ’Ти си мојот возљубен Син, кој е по мојата волја‘“ (Лука 3,22).

Мирис на живот в пустина! Кога Арон бил помазан со свето масло, пустината замирисала во зеленило на животот и со свежина на залеа­на градина. Во одредено време, по многу векови, кога Исус исто така бил помазан со Светиот Дух, се исполнил пророчкиот псалм: „Ти ја љубиш пра­ведноста и го мразиш беззаконието; затоа, Бог, Твојот Бог, Те помаза со миризливо масло на радоста повеќе од Твоите собраќа. Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од слонова коска, харфи те развеселуваат… Ќе го споменуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век“ (Псалм 45,7.8.17).

На Христа му бил придодаден уште еден милмирис. Тоа било многу ценето нардово масло од скленицата на Марија од Витанија, сестрата на Лазара. Јован за тоа помазание кажува: „И куќата се исполни со мирис од мирото“ (Јован 12,3).

Никој не го видел миризливото масло, но сите го почувствувале неговиот милмирис. Така и Светиот Дух не може да се види, но може да се почувствува неговото присуство. За неговото присуство во Христовото срце пророкот стотина години однапред рекол: „Ќе се исполни со страв Господов… Појас на половината Негова ќе биде правдата, а појас на бедрата Негови – вистината“ (­Исаија 11,3.5). Стравот Господен е мудрост, правда и послушност, а вистината сигурносен појас. Мирисот на животот не може да се скрие, како и љубовта.

Апостол Павле длабоко го вдахнал овој свет „на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот“ (2. Коринќаните 2,16). Мирисот на животот е невидлив како што се невидливи многу победи над гревот во себе што не ги поздравуваат фанфари ниту ги придружува ракоплескање од улица. Победата над гревот е доказ за делувањето и за влијанието на Светиот Дух. Победата над себе и над гревот е дар за кој треба да заблагодаруваме цел живот. Тоа Павле и го правел зборувајќи без прекин: „Да му благодариме на Бога, кој секогаш ни дава победа во Исус Христос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието на Самиот Него. Зашто ние сме му на Бога благопријатен мирис Христов и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои пропаѓаат“ (2. Коринќаните 2,14.15).

Послушноста не е мирис ниту на цимет, ниту на касиј, ниту на нард, ниту на смирна, туку мирис на животот на Светиот Дух во човечкото срце. Каде се крие силата на послушноста – во делувањето на Светиот Дух. Исус бил Бог, но како човек бил исполнет со Светиот Дух во полнина. Му бил послушен на Бога уште од своето најрано детство. Бил послушен и тогаш кога се согласил да биде крстен во Јордан како пример за грешникот. Отецот на небото бил трогнат. Послушноста на неговиот Син го возбудила. Дошол сосема близу до него и рекол: „Ова е мојот возљубен Син, кој е по мојата волја“ (Матеј 3,17).

Веднаш по крштавањето на Јордан, „Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината“. „И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите  му служеа“ (Лука 4,1; Марко 1,13).

Наместо во царска палата, Исус е одведен в пустина; наместо во друштво на силни и големци, отишол таму каде што живеат пустински ѕверови. Небото посведочило за неговата светост и божество, но Исус како човек не сакал да води, туку да биде воден од Светиот Дух. Исус дишел со мирисот на животот на послушноста. Неговата преданост на Божјата волја била целосна, неговата љубов совршена. Големиот Учител на Божјата реч бил уште поголем ученик на Божјиот Дух. Упатен во пустина, бил упатен и во секоја вистина. Од лично искуство можел подоцна да му каже на целиот свет. „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина“ (Јован 16,13).

Исус не отишол во пустината за да остане таму. Неговото место било меѓу луѓето, а не меѓу ѕверовите, иако луѓето околу него понекогаш не се разликувале од ѕверовите. Самотијата му била потребна за на мир и во тишина уште еднаш да ја разгледа панорамата на старите пророштва. Духот на пророците бил Светиот Дух и само со негова помош Човекот Исус можел да ги разбере Божјите зборови. Светиот Дух е извор и утока на Писмото. Библијата е мирисна градина на животот засадена и одгледувана со раката на Светиот Дух. За него е испеана песната: „Ти си градински извор, кладенец од жива вода, поток што тече од Ливан“ (Песна над песните 4,15).

Исус во пустината бил „како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат“ (Исаија 58,11). Светиот Дух бил негов животен мирис, а може да биде и наш денеска. Да ѝ ја отвориме вратата на нашето срце на Божјата реч, а Светиот Дух ќе нè исполни со мирисот што од смрт води во жиот. Ќе нè опкружи со небесна атмосфера. „Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пустините негови како рај и степите негови – како градина Господова; радост и веселба ќе има во него, славопои и пеење на песни“ (Иса­ија 51,3).