19.1. По своите чекатели

19.1. По своите чекатели

„Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.“

­Матеј 24,27

Пред неколку години низ улиците на еден милионски град поминувала една личност со отмено држење и со љубезно лице. „Јас сум Христос“, велел тој господин положувајќи ги рацете врз главата на малечките деца. „Се вратив да го одведам мојот народ со себе“.

Околу овој човек со бела коса и со благ глас се собирале многубројни поминувачи. Некој од толпата се сетил на старата духовна песна: „Јас ќе го познам по лузните на неговите дланки“.

„А каде се лузните на вашите раце?“ – било гласно прашање што го чул самонаречениот Христос. „Дајте да ги видиме“, повикале некои од неговата непосредна близина. „Ако си навистина Исус, покажи ни ги знаците на своите дланки!“

Стариот измамник не се осмелил да ги покаже своите празни дланки. Побрзал колку што можел да се скрие зад првото ќоше.

Кога Христос ќе дојде по вторпат, нема да дојде облечен во облеката на скромниот дрводелец од Назарет. Славата на неговото второ доаѓање нема да дозволи никакво сомневање. Секој ќе го познае на прв поглед. Пророкот Авакум ги видел неговите дланки. Тој вели: „Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила“ (Авакум 3,3.4).

Нема да има прашање! Лузните од клиновите ќе бидат светлечки докази дека тоа навистина е Исус. Секој по таа негова слава ќе може во него да го препознае „Исуса Христа, кој е верен сведок. Првороден од мртвите и Господар на земните цареви. Нему, кој нè возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв“ (Откровение 1,5).

Во времето на своето прво доаѓање, детето од Витлеем било навидум без слава, „како младо дрвце и како стебленце од сува земја… и во Не­го немаше изглед, што ќе нè привлекува кон Него“ (Исаија 53,2). Малкумина во него го препознале Господ на славата. Исаија тоа го предвидел со зборовите: „Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се со­кри силата Господова?“ (Исаија 53,1). Меѓутоа, второто Христово доа­ѓа­ње ќе биде нешто сосема друго. Уште оддалеку сите ќе го препознаат. Сите ќе ги подигнат главите кон небото. Пророкот однапред го видел. „Еве, доаѓа во придружба на облаци!“ извикал длабоко потресен. Се свр­тел околу себе и видел сеопшта возбуденост. Обземен со вдахновение додал: „Ќе Го види секое око, и оние, што го прободоа“ (­Откровение 1,7).

Нема да има повеќе рамнодушност и сомневање. Никој нема да праша презриво како некогаш во Назарет: „Не е ли Овој син на дрводелецот?…Од каде, пак, сето тоа при Него?“ (Матеј 13,55.56) Никој нема да се соблазнува од него, од неговото потекло и од недостатокот на титули: „Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?“ (­Јован 7,15)

Вниманието на светот ќе го привлече појавувањето на едно бело вселенско облаче на вселенското црнило. Колку повеќе ќе се приближува кон нашата планета, неговата белина ќе се претвори во топли прелеви на небесен оган. Лицата на неподготвените ќе пребледнат. Пророкот Еремија ја видел таа нагла промена: „Лицата на сите им се изобичени и бледи?“ (Еремија 30,6).

Христовите верни чекатели нема од што да се плашат. Програмата на второто доаѓање ќе им биде позната од Библијата. „Така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги премавне гревовите на мнозина, не станувајќи веќе жртва за грев на оние што Го очекуваат за спасение“ (Евреите 9,28). Нашето спасение  е најголемата слава на второто Христово доаѓање. „И ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице – ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја, зашто така вели Господ“ (Исаија 25,8).

Мнозина напразно ќе сакаат Бог да им даде уште една прилика да веруваат и да ги праша: „Што мислите за Христа?“ (Матеј 22,42). Молњи ќе го пресечат секој дијалог. Небесата ќе се кинат од силни громови. Околу Христовото доаѓање ќе исчезне секоја неизвесност. „Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки“ (­Матеј 24,27).

Славата на второто доаѓање ќе биде чујна и видлива како молња кога ќе молсне и како кога ќе се огласи гром. Христос ќе дојде во придружба на облаци, сочинети од милијарди свети ангели. „Кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила“, кажува апостол Павле, ќе биде наполно природно да дојде „во распламнат оган… да биде прославен во оној ден среде Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа“ (2. Солуњаните 1,7-10).

Славата на второто Христово доаѓање е тројна слава на Отецот, на Синот и на сите свети ангели. Тоа е неопишана сила, слава и моќ. Пророците однапред сведочеле за „Христовите страдања“, но и за „славата која иде по нив“ (1. Петрово 1,11). Славата на второто доаѓање е повеќекратна – тоа е слава на силата и на големината, на правдата и моќта, на воскресението и преобразувањето, на спасението на грешниците и на уништувањето на гревот. Никој нема да се посрами од славата на Бога кој станал тело и поминал од Витлеем до Назарет и од Назарет до Голгота. Понизноста во првото доаѓање била увод во славата на второто доаѓање, но славата на второто доаѓање можела да се види веќе во првото. Апостол Јован сведочи: „Ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1,14).

Христовите ученици Петар, Јаков и Јован го виделе сјајот на второто доаѓање на Гората на преобразувањето. Таму лицето на нивниот секогаш понизен Учител засветело „како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“ (Матеј 17,2).

Големината на второто доаѓање е големина на Христовата правда од крстот на Голгота. Да се боиме од неговото име значи да ги твориме неговите заповеди. Еве го ветувањето за творците на неговите зборови: „А за вас, кои се боите од името Мое“, вели Господ, „ќе изгрее сонцето на правдата, и исцелување ќе има во зраците негови“ (Малахија 4,2).

Христос е не само законодавец туку и Судија. Тој не е само Сонце, туку и Сонце на правдата. Тој е Оној „кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство “ (2. Тимотеј 4,1). Нашиот суд често е нецелосен и погрешен, но можеме да бидеме сигурни дека второто Христово доаѓање значи доаѓање на непогрешливата правда и суд.

Славата на второто Христово доаѓање се состои од исправување на сите неправди и од исполнување на блажената надеж на Христовите чекатели на сите времиња. Да кажеме уште денеска како Христови чекатели: „Ете, Он е нашиот Бог!… Него Го чекавме… да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!“ (Исаија 25,9).