20.5. Под Христовите крилја

20.5. Под Христовите крилја

„Ќе одам при царот, иако е тоа и против законот, па ако загинам – нека загинам.“

Естира 4,16

Еден шумски работник во Австралија си изградил на работ од една шума самечка дрвена куќичка. Тоа била обична шумска колиба, но за него негов единствен дом.

Еден ден, кога се вратил, видел тажна сцена: шумски пожар ја зафатил и неговата куќичка и ја уништил. Останале само јагленосани греди и неколку поцрнети остатоци од метал. Потресен, се упатил кон местото каде што стоела кошницата со квачка врз јајца. Сега и таа лежела во толпата пепел и изгорени прачки. Пред него лежела грутка изгорени пердуви. Внимателно ги отстранил остатоците и, што мислите, што видел? – четири малечки перести суштества што се движеле. Четири малечки пилиња останале живи благодарение на љубовта на својата мајка.

Со најубав и со најсликовит јазик на Библијата Христос рекол дека во времето на своето второ доаѓање ќе нè покрие со своите крилја: „Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небескиот Бог. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам!… Под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност… Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе, но до тебе нема да се приближат“ (Псалм 91,1.2.4.7).

Сјајот на второто Христово доаѓање ќе биде таков што пророкот се прашал: „Кој може да опстане?“ (Откровение 6,17) Пророкот Малахија исто така се прашал „Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе издржи, кога ќе се појави Тој?… И ќе дојдам кај вас за суд и ќе бидам брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја скусуваат платата на работникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене немаат страв, вели Господ над војските“  (Малахија 3,2.5).

Прашањето на опстановката на стариот Божји народ никогаш не било поголемо отколку во времето на царицата Естира, внуката на Мардохеј, во времето на персискиот цар Асвир (Ксеркс). Оригиналното име на Естира било Адаса и значело „мирта“. Откако се омажила за царот Асвир, го добила персиското име Естер, што значи „ѕвезда“, но набргу се покажало дека нејзиниот сјај може бргу да се угаси. Еден ден на царицата Естира и на нејзиниот народ им се заканила смртна опасност. Со царска наредба било наредено на одреден датум „да бидат убиени, погубени и истребени сите Јудејци, мали и големи, деца и жени, во еден ден“ (Естира 3,13). Сето тоа се случувало во главниот град Сусан или Суза, престолнината на стариот Елам, на реката Улај во Месопотамија.

Книгата за Естира претставува книжевно ремек-дело. Во неа се наоѓаат сите бои на драмската напнатост на еден вистински еп. Естира не била само жена со царска убавина, туку и личност со здраво расудување, со необична самоконтрола, полна со обѕири, непоколебливо предана и со благородно самопожртвување, што во даден миг ја издигнало до херој.

Иако во Книгата за Естира Бог не е споменат, големата тема на оваа историја е заштита на Божјиот народ под Божјите крилја. Таа ја открила семожната рака на Божјата промисла во животот на оние што го љубат. „Ерусалиме, Ерусалиме… Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте“ (Матеј 23,37).

Трогателна е послушноста на Естира кон нејзиниот притатко Мардохеј. Тој бил нејзин роднина и единствен нејзин старател уште од нејзиното рано детство. Иако станала царица, Естира „и натаму ги пазеше сите Мардохееви упатства, како и кога се воспитуваше кај него“ (Естира 2,20). Во нејзиниот нов живот Мардохеј добил почесно место: „Мардохеј седеше кај царската врата“ (Естира 2,19).

Кога царевиот прв министер Аман излегувал од дворот, морал да помине покрај Мардохеја. И додека сите дворјани му се клањале на Амана до земја, само Мардохеј стоел простум, „не му се поклонуваше и не па­ѓаше на колена“ (Естира 3,2). Тој го почитувал, но стоејќи простум. Кога го прекорувале другите дворјани, Мардохеј „им беше рекол дека е Јудеец“ (Естира 3,4). Тој бил човек кој му се клањал само на Бога, иако ги почитувал и ги ценел сите луѓе.

Кога Аман дознал дека Мардохеј му припаѓа на јудејскиот народ, смислил страшна одмазда. Му дал на царот големо богатство и добил негова согласност да го уништи не само Мардохеја, туку и целиот негов народ. Аман не знаел дека царицата Естира му е род на Мардохеја.

Аман бил орудие во рацете на сатаната. Непријателот на човечката душа делувал преку него против поклониците на вистинскиот Бог. Мардохеј не сакал да го навреди царевиот пријател Аман. Тој само одбил да му се клања на Амана како на Бог. Поради тоа требало да умре не само тој туку и неговиот народ. Во најкритичното време Мардохеј ѝ упатил на Естира писмо полно со безгранична доверба во Бога, иако не го споменал по име. Естира ги разбрала неговите зборови: „Ако ти премолчиш во ова време, тоа слободата и спасението на Јудејците ќе дојде од друго место а ти и домот на таткото твој ќе загинете. И кој знае, дали токму за вакво време не си достигнала царско достоинство?“ (Естира 4,14).

Бог посредувал преку Естира, и пресвртница  настапила кога Аман веќе се радувал за својата победа. Во оваа книга Естира покажала херојски лик на Исуса Христа. Решила да го спаси својот народ и по цена на својот живот. Да се отиде неповикан кај царот можело да значи смрт. Но Естира решила. Му кажала на Мардохеја: „Ќе одам при царот, иако е тоа и против законот, па ако загинам – нека загинам“ (Естира 4,16).

Естира ги видела раширени Божјите крилја над себе и над својот народ. Таа можела да му каже на Бога како и псалмистот: „Во Тебе се надева душата моја, и во сенката на крилјата Твои ќе се засолнам додека не минат опасностите“ (Псалм 57,1). Читајте ја таа красна Книга за Естира! Ќе видите како Бог интервенирал за спасението на својот народ.

Мардохеј не бил ниту противник ниту непријател на царот. Напротив! „Тогаш Мардохеј излезе од царот во царски сини и бели алишта, со златен венец и во ленена и пурпурна облека. Градот Суза се развесели и се зарадува“ (Естира 8,15). Огнот поминал, а пилињата останале живи!

Драги пријатели, во времето на најголемата опасност Христос со раширени  крилја ќе ги заштити своите избрани од сите краишта на светот. Во часот на неговото доаѓање, неговите чекатели ќе го сретнат со радост: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нè спаси!… да се радуваме и веселиме за спасението од Него!“ (­Исаија 25,9)

Радувајте се во таа надеж под Христовите крилја!