4.5. Искрено но погрешно

4.5. Искрено но погрешно

„Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; и токму тие сведочат за Мене.“

Јован 5,39

Искреноста не е заштита од заблудата. Некој може да биде искрен па сепак да не е во право, може да биде чесен па сепак да живее во незнаење. Има многу посветени христијани кои искрено го празнуваат првиот седмичен ден, но во Библијата нема текст кој би го прогласил првиот ден на седмицата за сабота – ден за одмор и за богослужение.

Во Новиот завет првиот седмичен ден е споменат само осум пати и ниту на едно место не е наречен сабота. Од друга страна, саботата – седмиот ден – во новозаветните списи се споменува повеќе од педесет пати. Ова ги тера искрените, чесни и посветени христијани да се прашаат кој ден треба да празнуваат? Сѐ почесто се поставува прашањето зошто некои хри­сти­јани го празнуваат седмиот ден, саботата а некои првиот ден, неделата. Зошто сите христијани не празнуваат ист ден на одмор?

Тоа прашање му го поставил и еден судија на својот пријател од школските клупи. Слушнал дека тој празнува сабота и чекал прилика да го праша за тоа. Еден ден, случајно се нашле во ист воз и почнале разговор. „Кажи ми, Јоване, зошто ти празнуваш сабота а не недела?“, го прашал судијата својот пријател.

Пријателот од детството ја отворил својата Библија и почнал да ја чита четвртата Божја заповед. „Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе, оти за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“.

Кога го прочитал тоа, Јован почнал да ги прелистува страниците на Библијата барајќи уште некои текстови, но судијата го прекинал: Застани, Јоване! Што ми прочита сега?“

„Една од Десетте заповеди, четвртата“, одговорил Јован.

Судијата повторно прашал: „Чиј е тој закон?“

„Божји закон“, одговорил Јован.

„Во ред“, рекол судијата, „не треба понатаму да ми читаш. Јас сум правник. Ако е во прашање закон, тогаш сѐ е јасно. Законот останува во сила сѐ додека законодавецот не го укине на ист начин на кој го дал. Кога станува збор за законот, јас слушам. Мене ми е тоа доволно. Сега ми е јасно зошто ти празнуваш сабота а не недела!“

Судијата право рекол. Кога станува збор за законот, тоа треба и за нас да биде доволно. Законот решава сѐ, а овде е во прашање највисокиот Закон – Божјиот закон. Бог го објавил својот Закон од небото и го напишал на две камени плочи, и никогаш не рекол ниту еден збор за негово укинување.

Многу искрени мажи и жени ги наследиле верските обичаи и не помислувајќи да бараат библиска основа за своето верување, па ни за седмичниот ден за одмор. Така и апостол Павле – додека уште бил фарисеј – одел по стапките на татковците сѐ додека не ја дознал правата вистина за Христа. Тоа сознание го изменило не само неговото име туку и животот. Бил доволно мудар да ја признае својата заблуда и доволно силен да почне сѐ одново. Поучен од своето лично искуство, ги советувал новообратените христијани во Солун: „Сѐ испитувајте, за доброто држете сѐ!“ (1. Солуњаните 5,20).

Апостол Павле истото им го советувал и на христијаните во Вереја, град на стара Македонија. Тие биле искрени, но сепак „секој ден го испитуваа Писмото“ за да се осведочат „дали е тоа така“ (Дела на апостолите 17,11).

Само таквото истражување на Божјата реч може да доведе до вистинско сознание. Плодот на таквата работа се покажал и во Ерусалим. Извештајот кажува: „Словото Божјо растеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мнозинство на свештеници се покоруваа на верата“ (Дела на апостолите 6,7).

Секако, во Ерусалим имало многу такви кои решиле да го продолжат животот според старите обичаи, затворајќи ги очите пред вистината. Нема сомнение дека го зборувале она што често и денеска се чуе: „Што било добро за мојот татко, добро е и за мене!“ Тоа е најлесно, но не и најдобро.

Бог секогаш за луѓето имал подобра светлина од онаа со која се задоволувале тие. За генерацијата во Павлово време Бог имал поголема светлина отколку за нивните предци. Кога му пишувал на младиот Тимотеј, Павле постојано ја имал пред очи потребата за што потемелно истражување на Божјата реч. Затоа му советувал: „Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат“ (1. Тимотеј 4,16).

Тимотеј требало да ја знае вистината, а не да верува во прикаски од старина. Вистината во која требало да верува требало да биде заснована на Библијата, а не на мислењата на татковците и на верувањето на старите. Во Стариот завет сам Господ рекол: „Ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сѐ срце“ (Еремија 29,13). Потребата од истражување не престанала ниту во Новиот завет. Сам Христос рекол: „Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; и токму тие сведочат за Мене“ (Јован 5,39). Исус нѐ упатува на светите Писма, а не на преданијата и мислењата.

Драги пријатели, ако сакате да откриете што е вистина, тогаш земете го во раце Светото писмо – Библијата! Од својата прва до последна книга или писмо, Библијата открива иста непроменлива вест. Ако сакате да ја знаете целата вистина дадена за наше време, треба да ги соберете сите библиски текстови што зборуваат за еден предмет. Тогаш ќе имате полна библиска вистина. Така ќе ја дознаете целосната вистина за четвртата Божја заповед. Само вистината смее и може да ги менува гледиштата и убедувањето. Искреноста ќе ви помогне да ја прифатите вистината со цело срце.

Ако истрајно ја истражувате вистината за вистинскиот ден на Божјиот одмор низ Библијата, ќе се уверите дека Бог денеска ни дава повеќе светлина отколку вчера. Често новопронајдената вистина не е само нова, туку и потресна. Да се биде искрен значи да се живее според сознанието што го имаме, но и да ја признаеме грешката кога ќе ја откриеме. Ни еден искрен човек не може да ја порекне вистината! Вашата искреност нека ве доведе кај вистината, а „вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8,32).