4.6. Пророштвото за пропаста на Нинива

4.6. Пророштвото за пропаста на Нинива

Целата книга на пророкот Наум е посветена на судбината на Нинива.

„Тешко на крвничкиот град!“ извикувал со силен глас пророкот. „Тој е полн со измама и убиства… а за тебе, Ниневијо, Господ нареди: нема да продолжи родот твој; …ќе ти направам гроб зашто си безвредна“ (Книга на пророкот Наум 3,1; 1,14).

Нинива требало да биде закопана. Крајот стигнал со драматична брзина.

Во 612 год. пред Христа Вавилонците и Мeдите ненадејно ја нападнале Нинива и го запалиле градот. Кралот и неговиот харем исчезнале во огнот. Со помош на египетскиот фараон Нехо (Necho), последната битка се водела кај Каркемиш, но Вавилонците победиле и судбината на Асирија била запечатена.

Нинива никогаш повторно не била изградена, а со текот на времето била прекриена со земја и прав, така што по 200 години никој не знаел каде се наоѓа.

Кога Бота вршел ископувања и го открил Корсабад, тој помислил дека ја открил Нинива. Кога Лејерд ги завршил ископувањата кај Нимруд, се вратил во Лондон и ја напишал книгата „Нинива и нејзините остатоци”. И двајцата истражувачи мислеле дека ја пронашле Нинива, но и двајцата згрешиле, зашто Нинива била сè уште затрупана.

„Падот на Ниневија“, од Џон Мартин“ RA, B1789-1854

Пророкот Софонија претскажал:

„Господ ќе ја претвори Нинива во урнатина, во место суво како пустина, и стада ќе лежат по неа“ (Софонија 2,13.14).

Денес пастирите од Мосул (во Ирак) ги пасат своите овци меѓу дините на Нинива, и не помислувајќи на моќниот град кој лежи закопан под нивните нозе.

„Нема да продолжи родот твој“; „каде е лавот што грабаше…?“, изјавил пророкот Наум, а за луѓето од Мосул, Нинива е заборавена.

Денес само историчарите и археолозите си спомнуваат за славата која некогаш му припаѓала на овој голем град.

Уништени капии на Ниневија по систематските рушења извршени од страна на силите на ИСИС во 2015 година.