6.7. Архитектура, уметност и артефакти

6.7. Архитектура, уметност и артефакти

По смртта на Навуходоносор, големата империја за која страсно се надевал дека ќе биде бесмртна, почнала да се распаѓа. Неговиот син, Амел-Мардук, владеел само две години. Во првата година од неговото владеење му изгледало како добра идеја да го ослободи Јехојахин (или во други преводи Јоахин) од затвор.

„Вавилонскиот цар Евил-Меродах, во годината за зацарувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехојахин… и секогаш Јехојахин јадеше со него, во сите дни на животот свој. За постојана издршка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на неговиот живот“ (2. Книга за Царевите 25,27-30).

Чудно е да се каже, но ние знаеме нешто за овој надоместок. Професор Роберт Колдевеј (Koldewey) од Германија го ископувал Вавилон од 1899 до 1917 година. Тој си заминал само поради Британците кои ги бркале Турците надвор од Ирак и Колдевеј мудро одлучил да се врати во Германија. Меѓутоа, тој си заминал дури откога го испратил на брод поголемиот дел од богатството што го ископал од Вавилон, право во Берлинскиот музеј. Тука била прекрасната капија на Иштар (Ishtar) направена од полирани тули што Колдевеј ги раздвоил и ги испратил во Берлинскиот музеј. Капијата таму била повторно составена и денес посетителите можат да ја видат каква што била во времето на цутот на Вавилон.

Исто така, од областа на која била пронајдена портата Иштар, биле донесени некои глинени плочки. Во 1933 асирологот Е. Ф. Вајднер (E. F. Weidner), почнал со преводот на овие плочки. Тоа била макотрпна работа, бидејќи повеќето биле сметки, пописи и слично. Меѓутоа, една плочка особено го привлекла неговото внимание.

„На Јехојахин (Jehoiachin) синот на царот на Јуда (Iakudu) 10 ’сила’. За петте синови на царот на Јуда (Iakudu) 2,5 ’сила’ (масло)“.

Плочката на Јоахин, Берлин, Пергамски музеј