8.3. Откриена најстарата цивилизација

8.3. Откриена најстарата цивилизација

Времето покажало дека тоа било точно и дека оваа голема кула-светилиште се наоѓала во срцето на една просперитетна ме­­­тропола, главниот град на на­родот во Сумер, центар на големото Сумерско царство. Тоа била ви­со­ко развиена цивилизација која всушност ѝ прет­хо­дела на големата египетска цивилизација.

Во меѓувреме, освен локалните градители кои во старите тули фрлени од работниците на Тејлор виделе готов материјал за градење, наоѓалиштето Тел ел Макајар било сосема заборавено. Раскошната кула повторно потонала во својата пустинска осаменост.

Тоа било во 1918 година, кога Првата светска војна се ближела кон крајот. Турците биле протерани од долината на Еуфрат и британската војска ја презела контролата. Еден од британските офицери во таа област бил ма­јо­­рот Р. Кемпбел Томпсон (R. Campbell Tompson), кој се приклучил на единицата за ра­зуз­навање и бил стациониран близу до Тел ел Макајар. Во приватниот живот пред почетокот на војната, Томпсон работел како асистент во Британскиот музеј.

Тој се заинтересирал за високиот зигурат и за околните ридови кои многу ветувале. Всушност, кога му се укажала таква можност, тој почнал со ископување на самото место. Бил импресиониран од она што го пронашол и испратил препорака до Британскиот музеј дека би вредело да се испрати добро опремена експедиција на ова место.

Компјутерска реконструкција на Ур

Археолошки ископувања

Како одговор на препораката на мајорот Томпсон, Британскиот музеј го задолжил доктор Х. Р. Хол (Hall) да отпатува на назначеното место и да започне со ископување. Тој пристигнал кон крајот на 1918 година и извршил неколку експериментални испитувања кај Тел ел Макајар, како и на блиските терени Ериду и Ал Убаид. Испитувањата откриле дека гледаат во нешто што можело да се покаже како најстара цивилизација на светот. Недостигот на потребните средства ги спречиле натамошните ископувања, но тие сториле доволно за да докажат дека натамошните ископувања се повеќе од оправдани.

Во 1922 година Универзитетот од Пенсилванија му предложил на Британскиот музеј да организираат заедничка експедиција, а Британците го прифатиле предлогот. Чарлс Ленард Вули (Charles Leonard Woolley), кој подоцна бил одликуван за неговата извонредна работа во ова поле, бил поставен на чело на оваа експедиција. Четириесет и тригодишниот Вули веќе ги докажал своите способности за време на ископувањата во Египет и Каркемиш и неговата работа покажала дека тој бил идеален човек за оваа задача. Тој го посветил својот живот на работата и следните 12 години работел посветено и трпеливо. Исто така, неговата жена работела заедно со него поголемиот дел од времето.

Златни предмети

Покрај тоа што Вули бил искусен и способен археолог, вешто раководел со персоналот со кој работел. Оваа особина е многу потребна за таква одговорност, која понекогаш вклучувала користење на работна сила до 400 работници едновремено. Тој го разбирал менталитетот на Арапите и знаел како да ги совлада проблемите што се појавувале.

Во една пригода Вули ги поставил своите луѓе во еден дел од оваа област каде што биле откопувани многубројни малечки артефакти како вазни, бројаници, бразлетни и други слични производи. Од своето искуство Вули знаел дека треба да пронајдат некои златни предмети и се сомневал дека тие исчезнувале под облеката на неговите арапски работници. Неговото решение на проблемот не било да примени построга контрола, туку тој смислил многу поедноставно и поефикасно решение. Кога требало да се дели следната плата, тој им објавил на собра­ните работници де­ка ќе даде бонус, во пари, на секој работник што ќе открие зла­тен предмет. Цена­та што ја ветил била ско­ро трипати поголема од вредноста на тежината на златото. Сомнителните изрази на лицето на луѓето му биле доказ на Вули дека неговите претпоставки биле точни. Таа ноќ локалниот златар не можел да разбере зошто цела колона луѓе сакале да ги откупат златните бројаници и белегзии, кои претходно му ги продале.

Следниот ден навистина било вчудовидувачки колку многу работници „нашле“ златни предмети додека копале.

Тие му ги донеле на Вули и на нивно изненадување им била исплатена ветената сума.

Така луѓето ја примиле својата награда, а Вули златните артефакти.

Спектакуларно закопано богатство

Вули бил исклучително дисциплиниран човек. Во третата година од работењето на наоѓалиштето Ур, тој ископал дел за кој се докажало дека се градски гробишта. Се разбира, ако има нешто што предизвикува најголема возбуда кај еден археолог, тогаш тоа е откривање гробишта, бидејќи тука речиси секогаш има најбогати пронајдоци. Мртвите биле закопувани со нивниот накит, оружје, мебел и други богатства, а пронаоѓањето на овие предмети секогаш се исплатело. Меѓутоа, Вули бил свесен дека иско­пува цивилизација за која навистина ништо не се знаело. Тој сметал дека треба да дознае повеќе за луѓето што живееле тука, пред да биде допрена таква значајна област како што се гробиштата. Тој им наредил на разо­чараните работници да ја вратат земјата во гробовите што поч­на­ле да ги ископуваат и не се вратил во оваа об­ласт во на­­­редните че­­тири го­ди­ни. Ме­ѓу­тоа, ко­га се вра­тил от­крил не­што спек­та­ку­лар­­но! То­гаш веќе бил добро ин­фор­ми­ран за не­го­ви­от проект и бил во можност адекватно да ја процени вредноста на откритијата.

Пред да разговараме за познатите дупки на смртта во Ур, да повториме што знаеме за истoријата на оваа значајна цивилизација.

Потеклото на списите

Ур бил престолнина на народот кој денес е познат како Сумерци. Тиe биле мошне интелигентни и добро образовани луѓе. Имале високо развие­на уметност и тргувале со далечни земји. Некои полускапоцени камења кои биле користени за правење на нивните украси потекнувале од ридовите Нилгири (Nilgiri Hills) во јужна Индија. Децата во училиштата учеле напредна математика и знаеле да пресметуваат квадрат и кубен корен на зададените броеви. Сумерците биле први кои ја создале уметноста на пишувањето. Тоа започнало со низа на пиктографи каде што нацртаниот предмет изразувал одреден поим. Од овие почетоци, сложената комбинација на знаци со клинест облик втиснати во глина, се употребувала за да се создаде клинесто писмо кое било претходник на клинестото писмо на Акаѓаните, Вави­лонците и Асирците. Се смета дека клинестото писмо на Сумер­ците е постаро од египетските хиероглифи.