1.7. Кеопсовата пирамида

1.7. Кеопсовата пирамида

Тогаш дошол синот на Снофру, Куфу, кај Грците познат како Кеопс, кој ја изградил најголемата пирамида. Од едната страна пирамидата е долга 229 метри, речиси совршен квадрат, а висока 146 метри. Пирамидата била перфектно ориентирана според четирите страни на светот. Очигледно е дека градителите биле запознаени со геометриската формула за обемот на кругот, бидејќи периметарот на основата е еднаков на височината помножена со 2π. За изградба на овој гигантски споменик биле искористени 2 300 000 камени блокови. Секој камен просечно тежел 1,2 тони, а некои достигале тежина и до 7 тони. (Кога сите овие камења би биле пресечени на коцки од 30 x 30 x 30 см, би имало доволно камења два пати да се заобиколи Aвстралија).

Кеопсовата пирамида

На 16,5 метри од северната страна и малку од центарот на левата страна имало влез кој подоцна бил прикриен и запечатен. Од овој влез се спушта ходник помал од 120 x 120, под агол од 26 степени, прво низ камењата на пирамидата, а потоа низ цврстиот темел, кој е долг 105 метри. Потоа доаѓа во хоризонтална положба и влегува во недовршена гробна соба. Од ходникот што се спушта околу 18 метри, почнува еден друг ходник со исти димензии се издигнува нагоре под агол од 26 степени со должина од 39 метри. Влезот на овој ходник што се издигнува, подоцна озгора бил запечатен со три големи камења, а отворот прекриен со плоча од варовник, така што влезот не можел да се види.

На врвот од овој ходник преминот е поставен хоризонтално и се наоѓа точно во средината на пирамидата, којшто завршува со таканаречената „Одаја на кралицата“. Врз основа на некои остатоци во таа просторија, се смета дека на тоа место се наоѓала статуата на умрениот фараон.

Големата галерија која води кон гробницата на фараонот Кеопс

Во 1986 година француски научници користеле опрема за набљудување на просториите зад камењата на пирамидата и така откриле три простории на западната страна од преминот, што водел кон „Oдајата на кралицата“. ТВ-камерата што била ставена во една од овие соби покажала дека таа била празна. Не се знае функцијата на овие соби.

Исто така, од врвот на овој ходник, се издигнувала прекрасно конструирана галерија, 46 метри нагоре до Kралската гробна одаја. Оваа одаја е порабена со сјајни блокови од гранит, донесени од Асуан, околу 1.000 километри на југ, со бродови преку реката Нил. Овие блокови, со тежина до 15 тони, се толку перфектно наредени и споени, што не е возможно да се стави ниту разгледница меѓу нив. На јужниот дел од овaa одаја се наоѓа голем саркофаг од црвен гранит. Сигурно бил ставен во одајата додека се градела пирамидата, бидејќи саркофагот е поголем од влезот во просторијата.

На таванот од просторијата има два мали отвори кои одат накосо нагоре и досегнуваат до надворешната страна на пирамидата. Иако се верувало дека служеле за проветрување, веројатно не е така, бидејќи тие би биле целосно несоодветни за работниците, а и мртвиот крал во секој случај не дишел. Се смета дека нивната улога била да ѝ овозможат на „душата на кралот пристап до надворешниот свет“.

Германскиот инженер Рудолф Гантенбринк започнал со истражување во 1992 година во кое користел мал робот за да влезе низ отворот на јужната страна на одајата на кралицата. Во оваа прилика тој открил нова просторија и хиероглифи испишани со црвена боја.

Неодамнешните истражувања кои користат неинвазивни методи на термографија, мионска радиографија и тридимензионална реконструкција, го потврдија постоењето на досега неоткриени простории. Доколку сакате да дознаете повеќе за скенирањето на пирамидата, посетете ја веб-страницата Scan Pyramids.

Најновите истражувања го потврдија постоењето на досега неоткриени простории.

Провалена гробница

Не се знае кога пирамидата била провалена и ограбена. Според традицијата на муслиманите, во 9 век од новата ера, калифот Мамум (Ma’mum), верувајќи дека пирамидата содржи прекрасно богатство, им наредил на своите работници да ископаат дупка во неа. Тие започнале да длабат премин кон центарот од нејзиниот северен дел. Меѓутоа, Куфу бил доволно мудар и влезот го направил асиметрично од центарот на пирамидата. Доколку немале среќа, луѓето на Мамум вешто би копале низ пирамидата и би излегле на другиот крај без никаков плен. Но, нивното силно удирање со чекан ја поместило камената плоча која го криела долниот крај на влезниот ходник и се урнала со тап удар. Кога работниците го чуле ова, точно го одредиле правецот од каде што дошол звукот, ја смениле насоката и се поврзале со еден од ходниците. Денес туристите влегуваат во пирамидата токму низ овој премин што го ископале работниците на калифот Мамум.

Церемонијален брод

На исток од пирамидата на Куфу се наоѓаат два огромни погребни брода. Несомнено е дека имале церемонијално значење; тие требало да ја „префрлат“ душата на кралот во задгробниот живот. Во близина има некои мали пирамиди, наречени Пирамиди на кралицата. На север од овие мали пирамиди, во 1925 година археологот Џорџ Рејзнер (George Reisner) го пронашол единствениот недопрен гроб од старото египетско кралство. Лежи на дното од една дупка длабока 30 метри, којашто ѝ припаѓала на кралицата Хетеферес, мајката на кралот Куфу. Богатата погребна опрема од овој гроб сега се наоѓа во музејот на Каиро.

Кеопсовиот брод и неговата 3D реконструкција