1.4. Владетели и династии – историски извештаи

1.4. Владетели и династии – историски извештаи

Треба да се знае дека Египќаните не ја запишувале историјата онака како што се одигрувала.

Повеќето значајни споменици биле направени и испишани од фараоните, кои не биле загрижени историските извештаи да ги забележуваат прецизно. Тие повеќе ги запишувале своите лични успеси и квалитети и затоа не е лесно за научниците да одредат прецизни историски информации засновани на вакви пристрасни записи. Научниците честопати не можеле да одлучат колку, всушност, имало вистина во напишаните историски факти.

Се забележува впечатлива разлика во однос на извештаите од Библијата, каде што историските податоци не бележат само победи и успеси, туку и порази и морални падови дури и кај најзначајните личности. Вакво непристрасно известување не е најдено ниту во египетските ниту во кои било небиблиски историски записи.

Па сега, според хиероглифските записи на древните историчари како Херодот („таткото на историјата“), кој го посетил Египет во средината на петтиот век пред Христа, Манетон, египетски свештеник кој живеел околу 300. година пред Христа, и Јосиф Флавиј, еврејскиот историчар кој живеел во првиот век, да ја разгледаме историјата на древната египетска цивилизација.

Нармер (Менес) и Палетата на Нармер

Во најраните египетски времиња, со малите градови и села управувале локалните поглавари или кралеви (цареви). Првиот човек кој ги обединил Горен и Долен Египет под една монархија бил Менес, и тој се смета за основач на првата династија. Династија е линија од кралеви каде што круната била предавана од татко на син во текот на повеќе генерации. Кога некој надвор од семејството ќе го преземел престолот, тогаш започнувала нова династија. Древниот Египет бил воден од триесет и една династија.

Во Египетскиот музеј во Каиро се наоѓа слика на црн камен висок 64 сантиметри, која му се припишува на Нармер, вообичаено идентификуван како Менес. Од едната страна е прикажан Нармер како со својата лева рака држи непријател за коса, а со десната подигнат смртоносен боздоган.

Другата страна прикажува два лава со издолжени вратови испреплетени еден со друг. Вдлабнатината, формирана во кругот од испреплетени вратови, била користена за острење или мешање на козметика, па затоа овој камен бил наречен „Палетата на Нармер“.