5.7. Пророштвото на Исаија

5.7. Пророштвото на Исаија

Во овој период пророкот Исаија објавил значајно пророштво кое се однесувало на Вавилон:

„И Вавилон, украсот на царствата, гордоста на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содома и Гомора, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арапин да го распне шаторот свој, овчари таму со стадата свои нема да пладнуваат… Чакали ќе вијат во дворците нивни и хиени во домовите за веселба“ (Исаија 13,19-22).

Ова пророштво искажано во 710. година пред Христа, изгледа дека веднаш се остварило. Во 700. година пред Христа Вавилон се побунил против Асирија. Сенахерим (Сенахериб) го задушил востанието и го поставил својот син за крал. Тој потоа изградил флота бродови и отпловил по Еуфрат за да ги казни Еламитите затоа што го поддржувале востанието на Вавилонците. Еламитите не се исплашиле од почетниот успех на Асирците, и со вешт тактички потег го опколиле Сенахерим и го зазеле Вавилон.

Ситуацијата била нестабилна неколку години, кога во 689 г. пред Христа Сенахерим го освоил Вавилон. Тој бил толку разлутен од поразот што му се случил порано, та не само што го уништил Вавилон туку и го претворил во мочурливо земјиште. Го пренасочил течението на реката Еуфрат и го поплавил градот.

Сенахерим го пренасочил текот на реката Еуфрат и го поплавил градот.

Каменот од Бариарт

На каменот Бариарт (Bariart Rock), во почетокот на пролетта кога се наводнувале каналите на Нинива, одмаздољубивиот владетел на Асирците, Сенахерим, го оставил овој натпис:

„Како удар при побеснето невреме јас брзав и како невреме од град замавнав… Градот и куќите, почнувајќи од основата па до врвот, ги уништив, ги опустошив, ги запалив. Ѕидот и надворешниот ѕид, храмовите и боговите, храмовите тврдини коишто беа направени од тули и земја, колку и да беа, јас ги урнав и ги фрлив во каналот Аракту. По средината на тој град ископав канали, го поплавив местото со вода и ги уништив и темелите. Го уништив поцелосно од поплава. Во деновите што доаѓаат, областа на тој град и неговите храмови и богови нема да се паметат бидејќи беа целосно избришани од поплавата и притоа самото место се направи како ливада“.

Подем на Халдејската династија

Очевидците што биле запознаени со пророштвото на Исаија мора да биле зачудени од драматичното остварување на божественото предвидување. Меѓутоа, времето на пропаста на Вавилон сè уште не било дојдено. Очекувањата на Сенахерим не се оствариле како резултат на неговиот грабеж. Требало да поминат многу векови пред пророштвото целосно да се оствари.

Во 681 година пред Христа, синот на Сенахерим, Есархадон (Esarhaddon), го наследил престолот и една од неговите први реакции била повторно да се изгради Вавилон и да се обноват многуте храмови во другите вавилонски градови.

Во 652 година пред Христа Вавилон уште еднаш се побунил и Асурбанипал морал четири години силно да се бори пред повторно да го потчини. Нестабилен мир владеел сè до 626 г. пред Христа кога новата династија, Халдејците, го зазела престолот на Вавилон. Првиот владетел на новата династија бил Набополасар, кој ги поставил темелите за основање на Нововавилонската империја.

Во 614 година пред Христа Медите го освоиле градот Ашур. Потоа Набополасар склучил воен сојуз со Кијаксар, кралот на Мидјаните, и во 612 година пред Христа, двете армии започнале опсада и го освоиле некогашниот страшен град, Нинива. Тие ја прославиле победата со тоа што синот на Набополасар, Набу-кудуру-усур II, познат во Библијата како Навуходоносор, се оженил со ќерката на Кијаксар, Амитис (Amyitis). Оттогаш Вавилон станал доминантна сила на Блискиот Исток. Ѕвездата на Нововавилонската империја тукушто почнала да се појавува на хоризонтот на Блискиот Исток.

Пронајдени скелети на жртви од падот на Нинива.