7.3. Кир го исполнува пророштвото

7.3. Кир го исполнува пророштвото

Еврејскиот народ со нетрпение ги следел новите случувања и го препознал во Кир остварувањето на пророштвото на Исаија. Така, кога се создале поволни услови, еврејските водачи го привлекле вниманието на Кир за овие пророштва што биле изговорени околу 160 години порано.

„Вака му вели Господ на својот помазаник Кир: ‘Те држам за десната рака за да ти покорам народи, и ќе ги симнам појасите од бедрата на царевите, за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени’“ (Исаија 45,1).

Кир бил восхитен од необјаснивата точност на пророштвото кое ги претскажало дури и тоа дека портите на Вавилон ќе бидат отворени. Неговата одго­ворност била јасна.

„Кој вели за Кир: ‘Тој е мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја моја’, и ќе му рече на Ерусалим: ‘Ти ќе бидеш одново изграден!’ и на храмот: ‘Ти ќе бидеш обновен’“ (Иса­ија 44,28).

Освојувачот решил да ја исполни својата божествена задача. Јосиф Флавиј известува:

„Додека Кир го читаше ова и се восхитуваше на божествената моќ, почувствува искрена желба и амбици­ја да го испол­ни тоа што беше напишано; затоа тој ги повика нај­истакна­ти­­те Евреи што беа во Вавилон и им кажа дека ги ослободу­ва да одат во нивната земја и да го обно­ват град Ерусалим“.

Библискиот запис гласи:

„Во првата година на персискиот цар Кир… го поттикна Господ духот на Кир, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото царство усно и писмено: ‘вака вели Кир, царот персиски: Господ, Бог на небото, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја. Кој меѓу сите вас е од неговиот народ – Бог нека биде со него и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом за Господа’“ (Ездра 1,1-3).

Кировиот цилиндар

Кировиот цилиндар

Очевидно е дека Кир одлучил да ја спрове­де истата политика за сите народи кои биле протерани од Вавилонците.

На глинен цилиндар долг 23 сантиметри, најден во Вавилон, а кој­што сега се наоѓа во Британ­скиот музеј, пишува:

 „Без ниедна битка, тој направи да вле­зе во свој­от град Вавилон, по­ште­­дувајќи го Вавилон од пропаст. Тој му го предаде Набонид, царот кој­што не го обожаваше… Јас сум Кир, свет­скиот цар, славниот цар, законскиот цар, царот на Вавилон… Сите цареви од целиот свет… ги носеа нивните вредни дарови и ги бакнуваа моите нозе во Вавилон… Јас им ги вратив нивните свети градови од другата страна на Тигар, храмовите кои долго време беа урнатини… Јас ги собрав сите нивни жители и ги вратив во нивните родни места“.

Потчинувајќи ја целата територија до запад, Кир гледал да ја прошири својата империја на исток, но на крајот неговата амбиција го одвела до смрт на мошне необичен начин. Херодот ја запишал војната на Кир против Маса­гетите (Мassagetae), кои биле управувани од страна на кралицата Томирис (Tomyris), и кои ја воделе нејзината војска во битка. За време на една средба, еден одред на Ма­са­­гатите бил поразен и синот на кралицата бил заробен. Кога оваа вест стигнала до Томирис, таа му испратила дрска порака на Кир:

„Врати ми го синот“, барала таа, „и оди си од мојата земја заедно со твојата војска недопрен… Ако одбиеш, се колнам во сонцето, нашиот господар, ќе ти дадам повеќе крв отколку што можеш да испиеш“.

Томирис победува

Кир го игнорирал ултиматумот што му го упатила Томирис и следувала сурова битка во која Персијците биле поразени, а Кир убиен.

Херодот продолжува:

„По битката, Томирис нареди да се побара меѓу мртвите Персијци телото на Кир и кога беше пронајдено, таа ја стави неговата глава во кожа која ја имаше наполнето со човечка крв, и извика… ‘Гледаш сега, ја реализирав мојата закана: ја доби твојата порција со крв’“.

Дури и Херодот се сомневал во вистинитоста на оваа приказна, но се знае дека Кир починал во војна на исток во 530 година пред Христа, а го наследил неговиот син Камбис II (Cambyses).

Градот Пасаргада (Pasargadae) во Персија, Кир го направил свое омилено место за живее­ње и барал таму да биде закопан.

Многу малку има останато од овој град денес, но гробот на Кир е сè уште таму, иако, се разбира, неговото тело не е внатре.

Гробот на Кир денес (заднина: уметничка реконструкција)