7.2. Медо-персиската империја и Кир II Велики

7.2. Медо-персиската империја и Кир II Велики

Вистинскиот основач на огромната Медо-персиска империја бил Кир II (Cyrus II) Велики.

Речиси 150 години пред раѓањето на Кир, пророкот Исаија го споменал неговото име и предвидел дека тој ќе ги врати Евреите во нивниот роден крај.

„Вака му вели Господ на својот помазаник Кир… ’јас те нареков по име, те именував, иако ти не ме познаваше… Тој ќе го изгради мојот град и ќе ги отпушти заробените мои’“ (Исаија 45,1.4.13).

Детаљ од сликата „Детството на Кир Велики“, Sebastiano Ricci (1659–1734)

Меѓутоа, ако ја прифатиме сторијата што била кажана од Херодот, Кир за малку ќе умрел набрзо по раѓањето.

Астијаг сонувал сон за кој неговите мудреци рекле дека синот на неговата ќерка ќе биде закана за неговиот престол. Затоа, кога дошло време неговата ќерка да се мажи, место да ја вери со некој Медиец со висок чин, тој договорил брак со Камбис (Cambyses), Персиец којшто припаѓал на пониска општествена класа. Кога таа родила син на кој му го дале името Кир (Cyrus), Астијаг му наредил на својот верен генерал Харпаг (Harpagus) да го убие детето. Меѓутоа, Харпаг му ја доверил оваа задача на својот слуга. Кога слугата се враќал накај дома со кралскиот син, открил дека неговата жена донела на свет мртвороденче. Така родителите решиле да го облечат мртвото дете во дадените алишта за закоп, и откако го покажале на застапникот на Харпаг, го закопале. Тогаш тие го задржале кралското бебе и го одгледале како свој син.

Меѓутоа, кога Кир имал десет години, се слу­чил еден инцидент и Астијаг го открил идентитетот на детето. Плашејќи се да го убие детето, го испратил во Персија, во домот на неговите биолошки родители.

Кир Велики

Кога пораснал, Кир ја собрал персиската војска и тргнал во поход против Астијаг и го победил.

Сега Медијците и Персијците биле под негова власт. Тоа било во 553 г. пред Христа.

Кир тргнал по стапките на својот прадедо Кијаксар и марширал на запад против Лиди­ја. Во 547 година пред Христа тој водел нерешена битка против неверојатно богатиот лидијски крал, Кројс (Croesus), и Кројс се повлекол во неговиот главен град, Сарди (Sardis), со намера да ја обнови војната наредната пролет. Меѓутоа, Кир пре­зел ненадеен брз напад на Сарди и по кратка опсада се пробил во градот. Сега Кир бил господар на огромна територија. Само Вавилон стоел на патот кон остварувањето на неговиот сон за создавање империја на Блискиот Исток.

Во 540 г. пред Христа тој започнал борбени деј­ства против Вавилон­ците. Набонид се вратил од Арабија за да се соочи со новата закана за неговата империја, но бил поразен кај Опис. Кир го освоил Вави­лон. Бранителите на градот се чувствувале сигурно зад масивните ѕидови и Валтазар (Белшазар) дури организирал и гозба со пиење. Меѓутоа, бранителите не знаеле дека Кир го пренасочил текот на реката Еуфрат, која минувала низ центарот на градот и им наредил на војниците да маршираат нагоре по речното корито. Дури ни оваа стратегија немало да успее ако големите бронзени порти на брегот на реката биле убаво затворени. Но, најверојатно поради тогашното лумпување кое било во тек, персиските војници можеле да влезат во градот без да бидат сопрени и, освен што го убиле Валтазар, тие го освоиле градот без крвопролевање.

Додека пророкот Даниел му објаснувал на царот Балшазар што значат мистериозните зборови што се појавиле на ѕидот, војската на Кир Велики веќе влегувала во Вавилон