12.6. Откритието на древните ракописи

12.6. Откритието на древните ракописи

Мухамед Ад-Диб било момче што припаѓало на племето Та`амир (Ta’amireh), арапски Бедуини кои живееле меѓу Витлеем и Мртвото Море, област која во Библијата се нарекува Јудејска пустина (Матеј 3,1).

Во текот на денот Мухамед се грижел за козите на неговиот татко, барајќи ги ретките остри треви што растеле среде камените предели во оваа област.

Навечер тој седел крај огнот каде што се собирало племето, слушајќи ги постарите како дискутираат за важни работи како, на пример, за цената на овците на витлеемскиот пазар, можноста да се земе четврта сопруга или, пак, за засилувањето на борбите кои го нарушувале мирот во нивната земја.

Еден ден, додека ги чувал козите, Мухамед забележал дека една недостасува. Таа незабележано се оддалечила од стадото и тој тргнал да ја бара. По неуспешното барање, уморното момче се спуштило на камената почва, под сенката на една карпа.

Додека погледот бесцелно му талкал над вжарените карпи, забележало необична дупка на површината на една од нив. Отворот бил малку поголем од глава на човек и изгледал како влез во една од многуте пештери во таа област.

Воден од љубопитност, младиот Бедуин се вовлекол внатре. Неговите очи едвај се навикнале на мракот пред да се спушти на земјата, но тоа што го видел во тие неколку мигови го оставило без здив. На подот од пештерата имало повеќе цилиндрични предмети поставени во редови, а околу нив лежеле бројни парчиња на скршени садови. Тој не чекал повеќе, ја заборавил козата и побегнал колку што може побрзо и подалеку од оваа „проколната“ пештера, мислејќи дека во неа се населиле духови од пустината.

Ќуповите во кои биле пронајдени свитоците

Истата вечер Мухамед ја открил својата тајна на едно постаро момче кое било помалку суеверно од него. Наредниот ден двете момчиња отишле до пештерата и охрабрени од меѓусебното присуство се протнале низ влезот и се спуштиле внатре. Сè било така како што опишало помладото момче. Редови од ќупови стоеле на еден крај на пештерата и во центарот лежеле скршени глинени садови и остатоци што паднале од врвот.

Повозрасното момче го подотворило капачето на еден од високите ќупови, ѕирнало внатре и видело дека е празен, а истото се случило и со вториот. Во третиот сад тие нашле сноп од стари крпи, а под нив уште два снопа. Ако се надевале дека ќе најдат злато или скапоцени камења, тогаш тие биле мошне разочарани. Тргајќи ја настрана ткаенината, тие нашле само свитоци од кожа. На момчињата им се згадило од глетката, и ставајќи неколку ролни под своите каиши исползиле надвор од дупката и се вратиле назад во логорот. Не знаеле дека само една ваква ролна подоц­на ќе биде продадена во Америка за четвртина милион долари.

Таа вечер одвиткале една од кожените ролни и откриле дека истата е долга од едниот до другиот крај на шаторот. На неа имало нешто испишано, но не умееле да прочитаат. Следниот пат кога мажите од племето отишле во Витлеем да тргуваат, ги зеле ролните со себе и му ги покажале на еден трговец, сопственик на продавница. Трговецот по име Кандо сметал дека ролните можеби имаат некоја вредност.

Непроценливо богатство кое минува незабележано

И самиот кога повторно заминал за Ерусалим ги зел ролните со себе и му ги покажал на својот духовен водач, епископот Самоил од сирискиот манастир Свети Марко. Токму во тоа време епископот ги изучувал древните ракописи и честопати сонувал да најде такви свитоци. Тој се понудил да ги откупи, но Кандо му кажал дека има повеќе такви и би било подобро да ги земе сите заедно.
Епископот се согласил со оваа идеја и Кандо си заминал со ветување дека ќе се врати. Ова се случило во април 1947 година.

Во јули Кандо се вратил со еден Бедуин. Епис­копот Самоил ги очекувал. Тој го поминал целото утро чекајќи ги, но залудно. Заминал на ручек со останатите свештеници, плашејќи се дека го однеле богатството на друго место. Но, за време на вечерата, тој случајно слушнал дека Отецот Гелф (Gelph) споменал инцидент кој се случил рано тоа утро. Кога чул, ја испуштил лажичката со која јадел.

 „Што направи?“ прашал тој. „Јас им кажав да си одат. Тие имаа некои нечисти свитоци замотани во леплив лен и сакаа да Ве видат. Но јас бев јасен и строг со нив, знаев дека Вие, Ваше Височество, не би сакале такви смрдливи стари работи во Вашиот манастир.“

Епископот нагло станал од своето столче и заминал оставајќи ги зад себе зачудените свештеници.

Била договорена уште една средба и неколку седмици подоцна, на 5 август, Кандо пристигнал со двајца Бедуини, вклучувајќи го и момчето кое ја открило пештерата. Од старата торба Кандо извадил пет стари свитоци. Почнало тргувањето, но секоја понуда Кандо со презир ја одбивал, правејќи гримаса. На крајот, епископот ја отворил својата фиока и извадил едно купче јордански динари.

„Ова се сите пари што ги имам. Не можам да понудам повеќе“, конечно кажал.

Кандо ги зел парите и брзо ги преброил – шеесет динари (околу 250 американски долари).

Кандо ги спуштил рамениците и ги турнал ролните на масата накај епископот.

„Се надеваме дека ќе ви донесат среќа, Ваше Височество“, кажал тој културно и го оставил епископот со неговите свитоци.

Во текот на следните неколку седмици, епископот Самоил го покажал своето богатство пред неколку научници раскажувајќи им ја својата приказна, и од нив примил сочувство заради губење на своите вредни динари. Бедуините секогаш „наоѓаат некои работи“ – му велеле, и тврделе дека немало шанса овие свитоци да се вистински. Но епископот не се обесхрабрил.

Политичката ситуација и понатаму создавала вознемиреност во земјата и на 29 ноември, Генералното Собрание на Обединетите нации препорачало делење на Палестина на арапска и израелска држава. Дошло до отворени судири и движењето околу Ерусалим станало опасно.

Бедуин со ќуп и едно од ископаните наоѓалишта на свитоци од Мртвото Море.