5.3. Докази за сеопштиот потоп

5.3. Докази за сеопштиот потоп

Можете да забележите дека има некои разлики, меѓутоа, исто така е очевидно дека има и извонредни сличности. Од моментот кога бил откриен Епот за Гилгамеш, истражувачите пронаоѓале легенди со мошне слична тематика кај многу народи и племиња во светот.

Новинарот Рене Норберген (Rene Noorbergen) напишал книга под наслов „Документи за Ноевата арка“ (The Ark File), каде што пишува за 80 такви видови легенди и верувања. Според легендите од Кина, Кинезите се директни потомци на древниот прадедо, наречен Ну-вах (Nu-Wah). Тој го избегнал уништувањето заедно со својата жена, тројца синови и три ќерки. Понатаму, Норберген наведува дека зборот „брод“ кој се користи во денешните кинески книги и документи, всушност, претставува мошне стар симбол кој се состои од слика на брод со осум усти, што би значело дека првиот брод носел осум луѓе.

Траги од слични приказни може да се најдат меѓу Маорите од Нов Зеланд, кај Абориџините од Австралија, во племето Адиваси од Индија, како и многу други. Сторијата е во некој изменет облик кој се менувал во изминатите илјадници години од страна на потомците на семејството што ја преживеало страшната катаклизма. Сето ова навестува дека целото човештво има заедничко потекло и дека приказната за потопот е заснована на историски факти.

Во потрага по Ноевиот брод

Што станува со бродот? Во североисточна Турција се наоѓаат два неактивни планински вулкани познати под името Голем и Мал Арарат. Големиот Арарат е на 5135 метри надморска височина, а Малиот Арарат е на 3902 метри надморска височина. Двете планини се оддалечени една од друга околу 11 километри. Има постојани извештаи дека бродот на Ное бил сочуван и бил виден на овие ледени височини.

Многубројни експедиции се искачиле на повисоката планина сè со цел да ја потврдат вистинитоста на овие извештаи. Една таква експедиција била организирана од страна на познатата телевизиската личност Џорџ Вандеман. Тој изјавил дека има навистина голем објект што наликува на брод, но по неодамнешните истражувања било докажано дека е тоа необична геолошка формација.

Меѓутоа, за да се докаже валидноста на сторијата за потопот, нам не ни е потребен доказ за постоењето на бродот туку доказот за сеопшт потоп може да се најде во геолошките слоеви, во фосилните записи и во доказите за постоење на морски организми на врвовите на највисоките планини.

Истражувањата на планината Арарат, во Турција, до денес не донеле конечен заклучок за геолошката формација која укажува на можни остатоци од Ноевиот брод.

Доктор В. Р. Брауни (W. R. Browne), кој е избран за член на Австралиската академија на науките во 1954 година, извршил истражување на националниот парк Кошќушко (Kosciusko National Park). Во неговите извештаи пишува:

„Територијата која го опфаќа овој национален парк, Кошќушко, во минатото била дел од големо море… Голем дел од денешното копно бил некогаш под морето… Целиот парк бил под морето“.

Сигурно е многу полесно да се прифати идејата за сеопшт потоп, отколку да се претпостави дека континентите биле под океанот неколку пати и повторно се издигнувале над него, теорија прифатена од повеќето геолози и користена како објаснување за постоењето на остатоци на морски живот на планинските венци во внатрешноста на копното.

Остатоци од дрво што минуваат низ неколку геолошки слоеви (лево) и невообичаени геолошки слоеви што укажуваат дека причината за нивниот настанок била катастрофа

Геолошки пресек

Вреди да се забележи дека геолошките слоеви што може да се видат на страните на патот или на железничките патишта на ридовите се целосни и јасно пресечени. Тие не се спојуваат едни над други постепено, што би се очекувало во случај да настанале како резултат на бавно таложење во текот на еволутивен процес. Напротив, тие покажуваат дека слоевите одеднаш се нафрлани таму еден врз друг како резултат на насилно дејство, какво што може да се очекува во случај на движење на тињата и калта која сеопштиот потоп ги оставил зад себе.

Ова, исто така, важи и за постоењето на фосилите: суштества кои биле закопани во калта за време на потопот и како резултат на поплавата биле скаменети во процесот на формирање на геолошките слоеви. Наоѓалиштата на јаглен се објаснување за тоа дека пространите шуми биле затрупани за време на потопот.

Скаменетите фосили на живи суштества укажуваат на брз и катастрофален настан од сеопшт карактер