7.4. Камбис го напаѓа Египет

7.4. Камбис го напаѓа Египет

Камбис го нападнал Египет во 525 година пред Христа и, според Херодот, им направил многу зулуми на Египќаните и на нивната религија. Тој убил многу истакнати Египќани, го соборил светиот бик Апис и осквернавил некои мумии. Некои други историчари го одрекуваат ова, истакну­вајќи дека Персијците биле многу толерантни кон поробените народи и нивните религии, и тоа главно е точно.

Камбис бил три години во Египет, но пред да замине од Персија, за да избегне каков било можен воен удар на палатата за време на неговото отсуство, го повикал својот популарен брат Бардија (Bardiya), кого Херодот го нарекува Смердис (Smerdis), и го убил. Повеќето Персијци не знаеле дека Смердис бил убиен, и така еден од свештениците, наречен Гаумата (Gaumata), кој очевидно личел на вистинскиот Смердис, го зазел престолот и тврдел дека е тој вистинскиот Смердис. Тој бил поддржан од страна на неколку персиски офицери со висок чин, вклучувајќи го и Дариј (Darius; или Дареј), синот на Хистасп (Hystaspes), кој припаѓал на семејството Ахајмениди (Achaemenid). Овие заговорници биле свесни за идентитетот на лажниот Смердис, меѓутоа, сметале дека е во нивен интерес да ја скријат вистината. Камбис бил во Сирија кога слушнал дека неговиот престол бил узурпиран, и наскоро потоа починал. За причината за неговата смрт сè уште се полемизира.

Лажниот Смердис владеел само шест месеци, но додека тој бил на власт, непријателите на Евреите кои се спротивставувале на обнова­та на храмот, му се жалеле на персискиот цар за оваа градба. Смердис, познат во Библијата како Артаксеркс, наредил да се прекине обнову­ва­њето (Ездра 4,17-22).