12.1. Kлинестото писмо и хиероглифите

12.1. Kлинестото писмо и хиероглифите

Сумерското клинесто писмо

Најстарото писмо е сумерското клинесто писмо кое содржи околу 800 знаци, каде што секој знак претставува одреден глас. Калапот за пишување во облик на клин се користел за правење на различни знаци на мека глинена табла. Понекогаш овие табли биле сушени на сонце и доколку не биле чувани внимателно, многу малку од нив би останале неоштетени. За среќа, многу од таблите биле суше­ни во печка и иако биле откриени илјадници години подоцна, сепак биле читливи. Некои од тие табли биле дури ставени во глинени обвивки, кои на надворешната страна биле исто така испишани со знаци. Најверојатно ова било правено во случај да дојде до колебање во врска со запишаната порака, обвивките да бидат отворени и да се проверат податоците на нејзината содржина.

Очигледно е дека клинестото писмо било бавен и комплициран начин на пишување и само добро образованите (богатите) луѓе и книжевниците можеле да научат да читаат и да пишуваат.

Египетските хиероглифи

Рано во историјата Египќаните развиле свое хиероглифско писмо со слики. Тие или цртале на камен или на парчиња папирус или, пак, понекогаш на табли од дрво со четка од трска натопена во мастило од јаглен. Дршките од растението папирус прво биле лупени и потоа сечени на тенки делови и потопувани во вода. Овие делчиња биле редени едно до друго, а другите делчиња се ставале под прав агол во однос на првите. Целото парче, составено од наредените делчиња, се ставало под притисок додека не се исуши, а потоа површината била внимателно мазнета со триење со камен. Така произведените парчиња честопати биле лепени едно под друго за да се направи долг свиток кој можел да се свитка во ролна. Вообичаената должина за ваквиот свиток била меѓу девет и десет метри. Некои биле многу подолги. Најдолгиот свиток е познатиот Харис папирус (Harris papyrus), кој сега се наоѓа во Британскиот музеј и неговата должина е 40 метри. Англискиот збор „paper“, е изведен од зборот „papyrus“.

Папирус и Библос

Бидејќи растението многу успевало во Египет, Египќаните имале монопол на производството и користењето на материјалите од папирус. Сепак, бидејќи Феничаните биле големи трговци на Медитеранот, набргу го увезле растението од Египет и правеле свитоци кои потоа ги извезувале насекаде низ Медитеранот. Феникискиот град Гебал (Gebal), на околу 30 километри северно од Бејрут (Beirut), бил главен индустриски центар. Од причина што грчкиот збор за свиток е „biblion“ или „biblos“, градот почнале да го викаат Библос (Byblos). Од овој збор се добива зборот „Библија“.