3.1. Заборавен народ

3.1. Заборавен народ

Од политички аспект, тие се покажале како поостроумни од сите нивни соседи. Имале многу хуман кодекс на закони и нивните жени биле значително еманципирани. Сепак, не само што овој голем народ исчезнал од историската сцена туку бил изгубен и комплетно заборавен, така што историчарите од деветнаесеттиот век дури и го негирале неговото постоење. Изданието на енциклопедијата Британика од 1861 г., под насловот „Хeтити“, содржи само осум и пол реда и, ако ги прочитате внимателно, ќе забележите дека е тоа само кратка содржина од она што го наоѓаме во Библијата.

„ХEТИТИ – деца или потомци на Хет, биле едно од племињата на Хананците кои ја окупирале Палестина пред Израелците. Тие живееле во планините на Јудеја околу Хеврон и го задржале својот национален идентитет, дури и по враќањето на Израелците од ропство. ‘Кралевите на Хeтитите’ честопати биле споменувани во врска со кралевите на Сирија; а во времето на Јорам, нивниот сојуз со Египќаните предизвикувало страв кај окупираните жители на Самарија“ (Eнциклопедија Британика, 1864, том XI, VIII издание).

Хетите во времето на Аврам и Мојсеј

Всушност, во Библијата честопати се споменува овој народ, па така зборот „Хeтити“ се појавува 47 пати во преводот на кралот Џемс (King James Version). Ние читаме за нив во 1. Книга Мојсеева 23,3.4.6.19, кога, по смртта на својата жена Сара, Аврам им рекол на синовите Хетови:

 „А кога се оддели Аврам од покојницата своја, им рече на синовите Хетеови, велејќи: ’Странец сум и придојден кај вас; дајте ми да имам гроб кај вас, за да ја погребам покојницата своја’“, а тие му одговориле: „Ти си Божји избраник во наша средина… А тогаш Аврам ја погреба својата жена Сара во пештерата на нивата Макпела, спроти Мамвриј, а тоа е Хеврон, во Хананската земја“.

Кога Израел се подготвувал да се насели во „ветената земја“, на Мојсеј му било кажано на кои народи ќе наиде таму (5. Мојсеева 20,17): „Туку предај ги на проклетство Хетејците, Аморејците, Хананците, Перизијците, Евејците и Јевусијците“. Ќе забележите дека Хeтитите (Хетејците) не се единствените што се спомeнуваат тука, но тие биле ставени на врвот на листата пред некои силни и добро познати народи.

Страв и трепет за Сиријците

Уште позначаен текст се наоѓа во 2. Книга  за Царевите 7,6. Самарија била под опсада од страна на Сиријците, но наеднаш Сиријците избегале преплашени, „зашто Господ беше направил така што во арамејскиот логор се слушна топот од коли, `ржење на коњи, шум од голема војска. И Арамејците си беа рекле еден на друг: ’Навистина, израелскиот цар ги најмил против нас хeтитските и египетските цареви за да нè избркаат’“. Не само што Хeтитите тука се опишани како оние што предизвикале страв и трепет во срцата на сириските војници туку се ставени и пред Египќаните.

И така, според библиските докази, Хетитите биле значаен и моќен народ. Сепак ниту еден од поранешните историчари не ги споменал; затоа критичарите зборувале дека тоа е само една меѓу многуте легенди. „Хeтити?“, би кажале потсмешливо, „тоа е уште една библиска грешка! Не постои таков народ! Историјата не знае ништо за нив“.

Повторно откриен народ

Сторијата за откривањето на Хетитите ја содржи целата драматичност и напнатост како во некој бестселер.

Всушност, таа почнува во 1810 година, со еден настан во животот на швајцарскиот истражувач по име Јохан Буркхарт (Johann L. Burckhardt). Две години подоцна тој ќе го открие изгубениот град Петра во Јордан и ќе се врати да му каже на светот за чудата на розовиот град. Во текот на своето патување, Буркхарт го посетил градот Хамат во Северна Сирија и таму, во темелите на една градба, забележал некои големи и издолжени камења кои биле испишани со необично хиероглифско писмо. Тоа не било египетско, но чие ли е? Буркхарт не знаел, но и никој друг не знаел да му каже. Не му припаѓало на ниту еден познат народ.

Во 1822 г., две години по смртта на Буркхарт, била издадена неговата книга со наслов „Патувањата во Сирија и Светата Земја“ („Travels in Syria and the Holy Land“). Во неа тој опишал „камен со многу мали фигури и знаци кои изгледаат како некој вид хиероглифи, но не одговараат со египетските“. Чудно е што истражувачите не се заинтересирале да ја проучат оваа информација, но најверојатно во книгата имало многу други интересни забелешки, така што ова било изоставено како детаљ. Дури половина век подоцна, хетитските хиероглифи повторно го привлекле вниманието на истражувачите.