4.1. Потекло на Асирците

4.1. Потекло на Асирците

Многу одамна, според библиските записи, светот станал толку расипан и безбожен што Создателот бил принуден да ја уништи Земјата и сè што е на неа со сеопшт потоп. Преживеале само Ное и неговото семејство. Синовите на Ное биле Хам, Сим и Јафет. Од Сим настанале семитските народи на Блискиот Исток, од Хам потекнуваат хананските народи во Африка и Ханан, а остатокот од човечкиот род потекнува од Јафет.

Еден од синовите на Сим бил Асур. Библискиот извештај гласи:

„Од таа земја излезе Асур и ги изгради Нинива… и Халах“ (1. Мојсеева 10,11).

Нинива (или во некои преводи Ниневија; заб. прев.) станала политичка престолнина на асирското кралство.

Тој град се наоѓал на источниот брег на реката Тигар, близу до Мосул во северен Ирак. Меѓу Арапите Нинива била позната како Кујунџик (Kuyunjik). Градот Халах, кој се наоѓал на триесетина километри јужно од Нинива, станал воен центар на Асирија, а познат е како Нимруд. Овие големи градови од асирската империја имаат мошне интересна историја.

Во енциклопедијата Британика од 1964 год. пишува:

„Списокот на сумерските кралеви, кој е комплетиран дури во почетокот на вториот милениум… прави разлика меѓу кралевите ’пред потопот’ и ’по потопот’“ (том 2, стр. 960). За десетмината што владееле пред потопот се кажува дека владееле десетици илјади години и изгледа претерано. Меѓутоа, тоа укажува на библискиот извештај според кој првите десет патријарси живееле невообичаено долго (1. Книга Мојсеева 5. глава).

Ополномошен владетел – Саргон I од Акад

Според асирските записи, првиот војсководец бил Шару-кин или попознат како Саргон I. Неговото име значи „кралот е легален“, што е мошне значајно, бидејќи се чини дека неговото раѓање било сè друго само не легално. На една глинена плочка биле запишани следниве зборови:

 „Саргон, моќниот крал, кралот на Агада сум јас. Мајка ми беше волшебничка, а татко ми никогаш не го запознав. Мајка ми ме зачна, во тајност ме роди, ме стави во кошница од рогозина и со смола го запечати капакот. Ме фрли во реката што не ме потона, туку ме однесе до Аки, кој ме извлече од водата и ме одгледа како син“ (Древниот Блиски Исток, книга 1, стр. 85 и 86).

Саргон бил динамична личност со ненаситна амбиција, па се чини дека среќата му се насмевнала. И покрај неговото сомнително потекло, тој успеал да го грабне престолот, да ја поведе војската и да создаде империја. Тој тврди дека го „измил своето оружје“ во Персискиот Залив и исекол кедри, веројатно во Либан. Тој го освоил Елам на исток и според неговите записи, стигнал до планините Таврос во јужна Турција. Негов главен град бил Акад, па затоа често е нарекуван Саргон од Акад, и покрај тоа што Акад никогаш не бил идентификуван со сигурност. Неодамнешните докази навестуваат дека се наоѓал во регионот на Багдад.