3.4. Хетитска империја

3.4. Хетитска империја

Конечно, во 1884 година, Вилијам Рајт ја издал книгата „Хeтитската империја“ (The Empire of the Hittites), каде што презентирал толку многу научни докази, што секое натамошно негирање на овој народ е нелогично и невозможно, и критичарите морале да се повлечат. Не само што Хетитите биле несомнено идентификувани туку зазеле и свое место како еден од најголемите древни народи. Изданието од 1964 година на енциклопедијата Британика содржи тринаесет страници на оваа тема.

Но, потрагата по вистината, всушност, штотуку започнала. Да, идентитетот на Хeтитите бил веќе со сигурност потврден, но сè уште ништо не се знаело за нивната историја. Тоа не би можело да се открие сè додека не се разбере јазикот на Хeтитите и нивното писмо.

Првото сознание во оваа насока не дошло од Турција, ниту пак од Сирија, туку од речиси две илјади километри оддалеченост, од Египет. Во 1887 година биле откриени писмата од Тел ел Амарна. Тоа биле глинени плочки на кои биле втиснати пораки на акадско клинесто писмо упатени до египетскиот фараон Ехнатон. Докажано е дека едно од овие писма е од хeтитскиот крал Супилулиумас I до Акенатон, со кое тој му го честита стапувањето на тронот. Ова било од особена важност, бидејќи, не само што го открива името на хетитски крал туку го открива и временскиот период во кој тој може да биде датиран. За првпат можело да се поврзе еден датум со хетитски владетел.

Глинените плочки од Амарна; 3D реконструкција на Амарна

Писмата од Арзава

Две Тел ел Амарна писма биле особено значајни – тоа биле, всушност, две плочи познати како Арзава-писма (Arzawa), на кои биле читливо втиснати знаци, но на досега непознат јазик. Научниците претпоставувале дека станува збор за хeтитски јазик и почнале да работат на откривање на гласовите и конструкцијата на овој новооткриен јазик.

Во 1902 г. еден норвешки научник Ј. А. Кнудцин (J. A. Knudtzin), го истакнал своето мислење дека хетитскиот јазик има индоевропско потекло. Оваа негова сугестија била проследена со големо исмевање од страна на критичарите: семитски јазик – да; ханански (канаански) – можеби; но индоевропски – никогаш. Тие користеле толку убедливи аргументи за да го докажат своето мислење, што Кнудцин се почувствувал обврзан да се откаже и да признае дека погрешил, но времето покажало дека тој бил во право.

Во 1906 г. се случило уште едно мошне значајно откритие. Хуго Винклер (Winckler) бил Германец со незгоден карактер. Тој бил човек кој, штом ќе запознае некого, се претворал во негов непријател. Воопшто не бил соодветно лице за археологија, не покажувал склоност кон друга култура. Всушност, тој воопшто и не бил археолог. Бил филолог, стручњак за пишување, и во неговата сфера бил мошне успешен. Знаел да го чита акадското клинесто писмо како што вие го читате вашиот утрински весник. По убедување бил антисемит, но со радост ги прифатил средствата од еврејските донатори кои ги финансирале неговите истражувања.

Хетитска верзија на мировниот договор меѓу Рамзес Велики и Хатусилис.

Древен мировен договор

Винклер пристигнал во Богазкале и веднаш почнал со ископување. Се разбира, тој бил повеќе заинтересиран за записите отколку за спомениците и, верувале или не, пронашол  околу десет илјади глинени плочки. Повеќето од нив биле испишани не само со познато клинесто писмо, туку и на познатиот вавилонски јазик.

Винклер веднаш започнал да ги преведува, и така еден ден, додека преведувал, зел една таква плочка и не можел да поверува во тоа што го чита. (Во првиот број, во темата со наслов „Египетската империја“, говоревме за битката кај Кадеш и за мировната спогодбата меѓу египетскиот фараон Рамзес Велики и хeтитскиот крал Хатусилис).

Текстот на оваа спогодба меѓу Египќаните и Хетитите е испишан на јужниот ѕид на египетскиот храм во Карнак и бил многу добро познат меѓу научниците. Сега Винклер имал можност да ја прочита хетитската верзија на овој мировен договор!

Исто како и во денешно време кога се потпишува договор меѓу две договорни страни при купопродажба на куќа, или, пак, кога се разменуваат и потпишуваат документи при договори на меѓународно ниво, секоја од овие древни нации имала свој примерок на договорот за ненапаѓање. Винклер не можел да верува колку голема среќа има!