2.1. Војна со Хиксите

2.1. Војна со Хиксите

Војната на Секененре со Хиксите

Варварските Хикси (Hyksos), од нивниот главен град Аварис во делтата на Нил, владееле со Египет со железна рака. Тие немале своја култура; оставиле само неколку споменици и натписи со слаб квалитет. Тие го експлоатирале и угнетувале локалното население, па било неизбежно на крајот да избие и војна за ослободување.

И навистина, војната започнала. Секененре (Sekenenre) или „Тао храбриот“, локалниот крал од седумнаесеттата династија, кој владеел во Теба во Горен Египет, бил човекот кој ја иницирал таа војна. Несомнено е дека Секененре долго време тешко ја поднесувал доминацијата на Хиксите, па веројатно последната капка во чашата било писмото што го примил од кралот на Хиксите во Аварис во кое  се жалел дека не можел да спие од гровтањето на нилските коњи од Теба. Очигледно било дека кралот на Хиксите не можел да го слушне гровтањето на нилските коњи на оддалеченост од осумстотини километри. Таквата неправда толку многу го разлутила Секененре, што решил да започне војна за ослободување.

Балсамираното тело на Секененре се наоѓа во Египетскиот музеј во Каиро. На неговиот череп има неколку длабоки рани, веројатно како резултат од удари со воени секири. Тој можеби загинал во првиот судир со Хиксите. Битката ја продолжил неговиот син, Камосес (Kamosis).

Камосес ги поразува Азијците

Борбата со Хиксите ја продолжил Камосес, синот на Секененре.

Во 1954 година, истражувачите во Карнак ископале еден голем камен столб на кој биле запишани воените мерки кои Камосес ги презел против кралот на Хиксите, Апофис. Натписот гласи:

„Би сакал да знам зошто ми служи оваа моја сила, кога еден војсководец се наоѓа во Аварис, друг во Куш, а јас сум соединет со еден Азијат и Нубиец, кои си имаат свој дел од Египет. Јас ќе се борам против нив и ќе им го расечам стомакот. Моја желба е да го ослободам Египет и да ги прегазам овие Азијци“.

Камосес освоил многу градови и бродови на Хиксите и заробил голем број жители, но очигледно не успеал да го освои и градот Аварис; по сè изгледа дека умрел млад, како татко му.

Ахмосес го освојува Аварис

Довршувањето на задачата, да го ослободи својот народ од Хиксите, му останала на неговиот помлад брат, Ахмосес, кој го наследил. Тој го освоил Аварис и ги присилил Хиксите да се повлечат во јужна Палестина, во градот наречен Шарухен (Sharuhen). Три години Ахмосес го држел овој град под опсада, сè додека не ги победил и протерал Хиксите. Не постојат никакви натписи за тоа каде заминале тие, но Ахмосес се смета за основач на моќната Осумнаесетта династија која придонела за голем просперитет и моќ на Египет.