6.3. Успесите на Навуходоносор

6.3. Успесите на Навуходоносор

Навуходоносор потоа продолжил со својот поход на југ кон Египет. Јосиф Флавиј (Josephus) известува: „Така вавилонскиот цар премина преку реката Еуфрат и ја покори цела Сирија сè до Пелусиј (Pelusium)“. Овој град бил во близина на Суецкиот Канал.

Напредувањето на Навуходоносор кон Египет било спречено со трагичната вест од Вавилон. Вавилонскиот историчар Беросос (Berosus) ја забележал оваа драматична случка:

 „Сега сè се распадна до тој степен што татко му Набополасар се разболе и почина во градот Вавилон, по 29 години владеење. Откако дозна за ова, тој ги доведе во ред работите со Египет и со другите земји, и ги додели заробениците што ги носеше во Египет на некои од своите пријатели,… а тој со само неколкумина, брзајќи замина преку пустината накај Вавилон“.

Навуходоносор најверојатно бил мошне исплашен за иднината на својот престол, бидејќи патувањето преку суровата сириска пустина не само што било многу макотрпно туку и опасно. Свесен дека смртта на царот честопати значи борба околу престолот, Навуходоносор веројатно бил загрижен заради неговото отсуство од престолнината. Меѓутоа, патот бил успешно поминат и Навуходоносор бил крунисан за цар на Вавилон во септември 605 година пред Христа.

Приказ на Навуходоносор и неговите записи на портата Иштар

Монарх интелектуалец

Во меѓувреме обучувањето на неговите еврејски заробеници во Вавилон било завршено. Навуходоносор бил еден од оние несекојдневни монарси како Акенатон од Eгипет и Асурбанипал од Асирија, кои биле книжевно образовани, па и тој лично ги прегледувал завршните тестови на заробениците. Даниел забележал:

„Откако завршија деновите, кога царот беше заповедал да ги претстават, началникот на дворјаните ги претстави пред Навуходоносор. Царот зборуваше со нив и од сите момчиња не се најде ниту едно како што беа Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија, и тие почнаа да служат пред царот, и во сè за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство“ (Книга на пророк Даниел 1,18-20).

Некои можеби сметаат дека овој запис е своевидно самофалење, но не е така од две причини. Како прво, некои од големите интелектуалци биле Евреи и второ, идните случувања ја докажале надмоќноста на еврејските заробеници.

Предвидување на иднината

Сите извештаи од тоа време укажуваат дека Навуходоносор имал огромна желба и амбиција Вавилон да стане најголемата метропола во светот; да се изгради град кој никогаш нема да биде освоен и да се воспостави династија која никогаш нема да биде разорена.

За ова размислувал со денови и ноќи, планирајќи начини и средства за да ја оствари замислата за бесмртна империја. Сепак, имал лошо претчувство во врска со иднината. Добро ја познавал историјата и затоа знаел дека, и покрај целото богатство и воената моќ, големите кралства во минатото, како Египет, Хeтитското кралство и Асирија, сепак пропаднале.

Што крие иднината?

Цилиндарот на Навуходоносор