1.5. Џосеровата пирамида

1.5. Џосеровата пирамида

Ерата на градење пирамиди почнала дури во текот на третата династија. Првиот владетел од третата династија бил Џосер (Zoser), кој имал среќа да има покрај себе генијалец по име Имхотеп. Овој човек не само што бил познат архитект и инженер кој ја дизајнирал и изградил првата голема пирамида туку бил и познат лекар

Владетелите од првата династија имале гробници кај Абидос и Сакара, околу 370 км јужно од Каиро. Биле погребувани под т.н. мастаби, градби од тули од кал, подигнати над нивните гробови. Во Сакара, Имхотеп ископал во каменот дупка со димензии 7×7 метри и 28 метри длабока. На дното на оваа дупка се наоѓала гробница со пространи и комплексни премини. Намената на овој лавиринт од ходници не е позната.

Над овие ископувања Имхотеп изградил каменa мастаба со димензии 63 x 63 метри, висока 8 метри. Ова било првпат да се користи камен за изградба на надгробен споменик. Оваа мастаба била обложена со бел варовник и со тоа незначително зголемена. Над мастабата била изградена скалеста пирамида на четири нивоа, а подоцна била проширена со уште две помали нивоа. Пирамидата била долга 125 метри од исток кон запад, 108 метри од север кон југ и 62 метри во висина. Тогаш дупката била целосно затворена со блескав бел варовник наречен „тура“, и сигурно имала спектакуларен изглед.