4.3. Цивилизацијата во Ебла

4.3. Цивилизацијата во Ебла

Се покажало дека Ебла не била само голем град со околу 260 000 жители, туку тоа било многу цивилизирано општество со високо развиен образовен систем. Сто и четиринаесет од глинените плочки претставувале речници, подредени по азбучен ред, кои го објаснувале значењето на зборовите, па дури и нивниот изговор. Имало и лексикони со објаснување на значењето на сумерските зборови на јазикот на кој се зборувало во Ебла. Исто така, имало и енциклопедии кои содржеле информации за ботаниката, зоологијата и минералогијата. Една глинена плочка била книга од видот „Која е оваа птица?“, во која биле идентификувани 142 вида птици во таа област.

Потоа на нив биле запишани и сопствени именки кои веќе биле познати: Адам, Аврам, Исав, Давид, Саул, Тамара, Јотор, Сисара, Далила и уште многу други. Имало дури и зборови како Бен-Израел, што значи синови или деца на Израел. Се разбира, никој не можел да тврди дека овие глинени плочки се однесуваат на вистинските библиски личности со тие имиња, но станувало мошне очевидно дека библиските извештаи добивале сè поголема историска улога. Библиските имиња не биле само измислени имиња. Тие биле вистински луѓе со нивните вистински имиња. Ете, и во Ебла живееле луѓе со слични имиња.

Потврдено постоење на Содом и Гомора

И имињата на местата имале големо значење. Во еден од текстовите се споменуваат Седом и Аморах, кои Петинато ги идентификувал како Содом и Гомора. Сè до неодамна, критичарите сметале дека извештајот за уништувањето на Содом и Гомора, забележан во 1. Мојсеева 19 глава, бил измислен. Овие имиња не се споменувале во ниту една друга литература освен во Библијата и повеќето научници ги сметале за легенди. Но на глинените плочки од Ебла не само што се споменуваат Содом и Гомора, туку во истиот контекст Петинато ги идентификувал и имињата на Адма, Севоим и Валах, според тој редослед. Токму така овие градови се наброени во извештајот за Аврам и петте цареви во 1. Мојсеева 14 глава. Ваквата идентификација предизвикала бура протести меѓу научните кругови, па дури и Петинато признал дека се сомневал во врска со последните три имиња

За жал, Петинато и Матие испаднале од тимот, а првиот од нив бил сменет од положбата толкувач на табличките од Ебла. Всушност, се појавиле неколку доста зајадливи заемни префрлувања во археолошките списанија меѓу тимот што ја истражувал Ебла. Но не смееме да го заборавиме остриот напад врз несреќниот Кнудцин, заради неговата идентификација на хeтитскиот јазик како индоевропски, поради што кутриот морал да се повлече. Но со текот на времето се покажало дека тој бил во право. Можеби не е откриено сè за Содом и Гомора.