11.2. Витлеем

11.2. Витлеем

Фографија: Израелски археолози откриле артефакт стар 2700 години со запис „Витлеем“

Јосиф и Марија живееле во северниот дел на Израел, во Назарет. Таа очекувала тука да го роди своето бебе, но библиското пророштво предвидело дека месијанското дете ќе се роди во Витлеем. Илјадници милји подалеку, во Рим, одлуката на императорот ги сменила овие планови, кога бил донесен царски декрет да се изврши попис на жителите заради одредување на данок.

„Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители“ (Лука 2,1).

Јосиф и Марија биле принудени да одат во Вит­леем, градот на нивните предци, и тука се родило бебето Исус.

Во срцето на Анкара, главниот град на Тур­ци­ја, се нао­ѓа многу стара древна градба позната како „Храмот на Август“. Оваа конструкција била изградена во вториот век пред н.е., и била посветена на Кибела, мајката божица на Aнатолија. Подоц­на била посветена на римскиот император Август и на долгиот натпис на тој ѕид стојат забележани постигнувањата на Август (Augustus). Тој натпис вклучува и три заповеди дадени од страна на Август: во 28-та и 8-та година пред н.е. и во 14-тата година, од н.е. Очевидно е дека дошло до одложување на примената на декретот од 8-та година пред н.е. и стапил во сила во благонаклоно време кое ги довело Јосиф и Марија во Витлеем на време за детето да се роди во тој град во 4-тата или 5-тата година пред Христа.

„Храмот на Август“ во Анкара, Турција

Црква на Христовото раѓање

Во Витлеем има голема камена црква, „Црква на раѓањето“ (Church of the Nativity), која многу христијани ја почитуваат како споменик на родното место на Христа.

Под црквата има пештера за која се смета дека била шталата во која се случило раѓањето. Меѓутоа, првите христијани немале обичај да ги почитуваат таканаречените свети места, ниту пак имале можност да го прават тоа. Тие живееле во непријателски свет во кој биле прогонувани и од Евреите и од Римјаните. Нивната религија често ја практикувале во тајност, ризикувајќи го дури и сопствениот живот. Кога императорот Константин го прифатил христијанството како државна религија, неговата мајка, Елена, отишла во Светата земја да се обиде да ги пронајде местата кои се поврзани со Христовиот живот и да изгради на нив споменици. Се разбира, дотогаш тешко можело со сигурност да се тврди каде се наоѓале овие места. Археолозите за некои од нив успеале да докажат дека се автентични, за други дека се сомнителни, но за повеќето нема начин што би потврдил дали се вистинити или не. Црквата на Христовото раѓање спаѓа во оваа трета категорија.

Црква на Христовото раѓање во Витлеем