5.2. Библиотеката на Асурбанипал

5.2. Библиотеката на Асурбанипал

Џорџ Смит бил роден во Челзи, Лондон, во 1840 година и уште како млад станал чирак на каменоделец. Бил фасциниран од спомениците и ракотворбите коишто пристигнувале во Лондон од асирските ископини, и со своите скромни приходи купувал секакви книги што можел да ги најде, а кои ја обработувале таа тематика. Секој слободен момент за паузата за ручек и за време на одморот, тој го поминувал во музејот проучувајќи ги овие фасцинантни откритија. Еднаш се сретнал со Сер Хенри Ролинсон (Sir Henry Rawlinson), човекот што прв го дешифрирал асирското клинесто писмо. Ролинсон се вратил од Средниот Исток и тогаш работел во Британскиот музеј.

Ролинсон бил импресиониран од заинтересираноста на младиот човек и се погрижил тој да добие работа во музејот. Џорџ Смит покажал таков ентузијазам за својата работа, што наскоро добил унапредување како помошник во Асирското одделение за реставрација на фрагментите.

Тоа била еднолична работа, бидејќи од ден во ден преведувал плочки за трговија, правни спорови, религиозни текстови и други такви секојдневни работи, па дури и за делење порции оброк за политички затвореници. Но еден незаборавен ден во 1872 година, Џорџ Смит подигнал една плочка и почнал да ја чита. Зборовите што ги прочитал имале познат призвук и бил многу возбуден поради тоа.

Сер Хенри Ролинсон (лево), приказ на Асурбанипаловата библиотека (во средина), Џорџ Смит (десно)

Палатата на Асурбанипал

На 3 декември 1872 година, Смит прочитал еден документ пред истакната публика и ги заинтригирал кога изјавил дека пронашол асирска верзија на библиската сторија за Ноевиот потоп. Во таквото библиски ориентирано општество, оваа вест била на насловните страници во дневниот печат, притоа создавајќи голема сензација меѓу читачката публика.

Бидејќи на глинените плочки бил пронајден само дел од сторијата, се правеле и многу шпекулации во научните кругови за тоа кои информации се наоѓаат во останатиот дел од епот. Интересирањето на јавноста толку пораснало што весникот Дејли телеграф му понудил на Смит 1000 фунти да оди во Мосул во потрага по деловите што недостасувале. Сето тоа изгледало како невозможна задача, но Смит се соочил со предизвикот и отпатувал на Блискиот Исток. Тој пристигнал таму на 2 март 1873 година и веднаш започнал со копање во палатата на Aсурбанипал.

Верувале или не, една седмица подоцна тој ги пронашол плочките што недостасувале. Сè на сè заедно, излегле дванаесет плочки. Во првата до осмата плочка се запишани патувањата на митолошкиот јунак Гилгамеш и неговите неверојатни авантури. На деветтата и десеттата плочка се опишувало опасното патување на Гилгамеш кога оди во потрага по Утнапиштим (Utnapishtim) кој го преживеал библискиот потоп и кој би можел да биде идентификуван како Ное. На единаесеттата плочка Утнапиштим му ја раскажува на Гилгамеш сторијата за потопот.

Дел од Асурбанипаловата библиотека кој се чува во Британскиот музеј во Лондон

Гилгамешовата сторија за потопот

Еве некои поважни исечоци од преводот на плочките кои зборуваат за потопот:

„Гилгамеш, ќе ти доверам една скриена случка и ќе ти откријам една тајна на боговите. Станува збор за Шурупак (Shuruppak), град кој го познаваш и кој сега лежи (во урнатини) на брегот на Еуфрат; кога тој град постоеше, боговите живееја во него. Тогаш тие решија потоп да пратат… ’Господару на Шурупак, сине на Убар-Туту (Ubar-Tutu), урни ја куќата и изгради брод. Откажи се од богатствата, барај мирен живот: Презирај ги материјалните работи, сочувај го животот: Стави во бродот семе од сите суштества…’ Кога утрото дојде, наредив земјата да се собере… децата да ја донесат смолата, а посилните да носат дрва… Јас, целото мое семејство, дивите и домашните животни, заедно со уметноста што ја создадов, влеговме во бродот… Дојде најавениот час: Оној што ја испрати пропаста, претходната вечер го започна дождот… Шест дена и (седум) ноќи дуваше ветер, и поплава и невреме ја покрија земјата… И погледнав кон морето; насекаде беше тишина, надојдената вода стивна – а целиот човечки род во земја се врати… Кога повторно погледнав накај морето, планински венци на дванаесет места се појавија и кај планината Нисир (Nisir) бродот се укотви… Седмиот ден, ослободив гулаб и го пуштив надвор од бродот, гулабот ми се врати: Сè уште не нашол место каде да застане, та затоа се врати. Тогаш ослободив ластовичка, но и таа ми се врати: сè уште немаше место за одмор и затоа се врати. Затоа зедов гавран и го пуштив. Гавранот одлета и виде како водата пресушува, јадеше, колваше, гракаше и веќе не се врати… Тогаш сите ги ослободив на четирите страни на светот, и како жртва јагне принесов, оставив храна на височината на планината… И боговите ја помирисаа слатката миризба, и боговите се собраа како муви околу свештеникот што ја принесе жртвата… Дали некој пропаста ја одбегна? Ниту еден човек не можеше да го преживее уништувањето“ (Документи од времето на Стариот завет /Documents from Old Testament Times/, стр. 20-23).

Преземено од делото: „Документи од старозаветниот период“ („Documents from Old Testament Times“), стр. 20-23.

Се разбира, можат да се забележат некои разлики, но исто така е очевидно дека има и големи сличности.