2.3. Најславниот фараон – Тутмос III и неговите наследници

2.3. Најславниот фараон – Тутмос III и неговите наследници

Хатшепсут одеднаш исчезнала од сцената како што и дошла. Ја наследил Тутмосис III, кој се смета за најголем од сите фараони.

Тој изградил свечена сала во храмот во Карнак, кој сè уште постои и денес со својот покрив. Тука бил пронајден драгоцен список на фараони. Тој, исто така, оставил неколку свои убави скулптури. Што се однесува на странските освојувања, во историјата на Египет му нема рамен. Во аналите на Тутмосис III се забележани седумнаесет воени походи во текот на неговото владеење, а како резултат на тоа, во египетската земја се слеале огромни количини на добра како данок и плен. Неговата слава се проширила во многу земји во дваесеттиот век, зашто тој подигнал четири големи обелисци, кои подоцна биле пренесени во четири главни градови во светот. Еден од нив е познат како „Иглата на Клеопатра“ и е поставен на брегот на реката Темза, вториот се наоѓа во Централ парк, во Њујорк, третиот се наоѓа пред црквата Св. Јован, во Рим, а четвртиот е во Истанбул.

Кон крајот на своето владеење Тутмосис оштетил поголем дел од спомениците на Хатшепсут, рушејќи ги нејзините статуи и бришејќи го нејзиното име од натписите. Не е позната причината за таквото однесување, зашто се чини дека имал близок однос со неа. Во текот на нејзиното владеење тој бил водач на воените сили и можел лесно да ја симне од престолот, но не го сторил тоа. Можеби имало некои влијателни луѓе покрај него кои го убедиле да постапува така.

Туристичка атракција

Кога умрел Тутмосис, го закопале на крајот од Долината на кралевите. Неговиот убав гранитен саркофаг сè уште е таму, но неговото мумифицирано тело се наоѓа во Музејот во Каиро. За жал, неговата мумија била ограбена, расцепена на три дела од страна на ограбувачи. Додека обичниот посетител гледа во смирениот лик на овој некогаш голем фараон, нема да биде свесен за тоа, зашто, иако лицето може да се види, телото е завиткано со платно. Толку за светската големина! Најмоќниот од сите фараони денес предизвикува само атракција кај безгрижните туристи.

Стелата на Тутмосис IV

Стелата на Тутмосис IV

Наследникот на Тутмосис III бил суров деспот, Аменофис II, кој бил забележан поради својата вештина со лак и стрела. Неговиот наследник, Тутмосис IV наредил да се вреже натпис на еден камен столб кој ќе биде поставен помеѓу шепите на Големата Сфинга во Гиза. На натписот, Тутмосис тврди дека еден ден кога бил на лов легнал да се одмори во сенката на Сфингата, чие тело било затрупано со песок. Додека спиел, Сфингата му проговорила жалејќи се на тврдиот песок и му ветила дека ако ја ослободи од песокот, ќе стане следниот фараон. Тутмосис се сложил со барањето на Сфингата и, се разбира, станал фараон. Некои други владетели правеле листи на фараони за да го оправдаат своето право на престолот. Тутмосис тврдел дека го сонувал тој сон со кој добил овластување да стане следен фараон.

Аменофис Величествениот

Аменофис Величествениот

По Тутмосис IV следувал Аменофис (или Аменхотеп) Величествениот, кој се чини бил многу приврзан кон неговата главна сопруга, Тиу. Најголемата скулптура во музејот во Каиро е токму скулптурата на овој фараон, Аменофис III, кој е прикажан како седи на тронот, а раката на неговата сопруга нежно го држи околу половината. Исто така, има и една помала скулптура од Тиу во музејот во западен Берлин, а ако Тиу барем малку наликувала на оваа скулптура, значи дека не била особено убава – можеби го привлекла големиот крал со својата личност.

Аменофис III бил одговорен за изградбата на четиринаесет масивни камени столбови во храмот во Луксор и огромниот двор кон кој води патеката со тие столбови.

Колосите од Мемнон

Колосите од Мемнон

Аменофис Величествениот, исто така, изградил и еден чудесен храм на западниот брег од реката Нил, кај Луксор. Тој бил речиси половина километар долг, но следните фараони го употребувале каменот од оваа градба за нивните сопствени градежни проекти, сè додека не останале само двете големи скулптури на влезот. Тие им биле познати на Грците како „колосите од Мемнон“.

Аменофис доживеал длабока старост и неговата мумија покажува дека имал тешки воспаленија на непцата. Неговото владеење го карактеризирале мир и просперитет, но дури и пред да умре, било очевидно дека египетската земја имала тенденција да навлезе во ера на религиозна реформа без преседан. Можеби и самиот Аменофис ја започнал таквата реформа.