8.4. Дупките на смртта и погребни ритуали

8.4. Дупките на смртта и погребни ритуали

Фотографија: натписот на Мес-калам-дуг и златниот шлем

Во преддинастичкиот период, пред Сумер да стане империја, со Ур владееле некои многу богати цареви. Во 1927 година Вули почнал да ги ископува гробиштата од овој период и отворил повеќе од 2000 гробови на обични граѓани и 16 кралски гробници. Првите се состоеле од дупка која била од 1 до 3 метри длабока и телото било покриено со рогозина. Имало случаи каде што телото било затворано во дрвен или глинен ковчег, или, пак, било положувано во корпа. Заедно со телото биле ставани лични работи како бројаници, ками, обетки и брошеви. Над ковчегот биле оставани храна и пијалак во глинени, бакарни или камени садови со оружје, алатки или средства за хигиена. Сето ова како да навестува верување во задгробен живот, иако не биле пронајдени натписи што посочуваат такво верување. Најмалку две третини од гробовите веќе биле ограбени и уништени.

Најспектакуларна гробница била таа на „Мес-калам-дуг, херојот од Добрата земја“ (Mes-kalam-dug, Hero of the Good Land). Натписот бил ставен на два златни пехари и ламба која била извадена од гробницата. Било очигледно дека тој не потекнувал од кралска фамилија, но сигурно бил богат граѓанин и храбар војник. Ова можело да се заклучи од неговата титула и од содржината на неговата гробница. Тука имало бакарен врв од копје, кој бил закачен на златен држач, два златни меча (ками), некои бакарни мечеви, низа стрели, педесет бакарни садови, круна обложена со злато, облека, а на половината имал сребрен појас. Пронајдени се и многу други предмети, но најпрекрасниот предмет бил шлем направен од ковано злато. Ставен на глава, шлемот достигнувал до долниот дел од челото и имал делови на образите кои служеле за заштита на лицето.

Вули за ова рекол:

„Кога не би постоело ништо друго според што би можеле да направиме процена на уметноста на древните Сумерци, сепак, само поради овие пронајдоци, би требало да им доделиме високо место меѓу древните цивилизираните народи“.

Погребни ритуали

Кралските гробници биле направени од камен или од тули. Некои од нив имале по една соба, други, пак, имале повеќе соби, како подземни палати. Само два гроба биле недопрени. Другите биле ограбени од страна на крадци на гробови, а имало други случаи каде што копачите на гробови од подоцнежните кралски гробници не можеле да му одолеат на искушението да се послужат со содржината на старите гробници во кои влегувале копајќи некој гроб. Влезовите имале облик на свод кој бил најстариот вид на свод пронајден дотогаш.

Највпечатливиот дел од овие гробници бил ритуалот на принесување човечки жртви, кој очигледно бил применуван. Надвор од гробниците била копана широка дупка во која влегувале луѓе и животни. Животните биле колени, а бидејќи немало никаква трага од насилство, се смета дека луѓето доброволно пиеле отров, легнувале и умирале. Садовите и чашите од каде што ја пиеле смртоносната напивка биле најдени во еден посебен гроб. Бројот на жртвите варирал. Во некои случаи бројот на жртвите бил шест, а во други случаи нивниот број достигнувал до седумдесет или осумдесет.

Во една гробница се наоѓале десет жени внимателно поставени во два реда. Тие имале накит за глава од злато, *лазулит  и **карнеол, и ѓердани во вид на бројаници. На крајот на редот лежеле остатоци од една прекрасна харфа. Исправениот дрвен дел, кој бил целосно распаднат, на врвот бил обложен со злато. На него имало прикачени златни шајки кои ги зацврстувале жиците. Од предната страна на звучната ку­тија се нао­ѓала прекрасна златна глава на бик, која имала очи и бра­да од лазулит.  Над остатоците од харфата лежеле коските на жена-харфист со златна круна.

На влезот од дупка­та стоела дрвена кочи­ја чии­што рабови биле украсени со црвен, бел и син мозаик. Пред кочијата лежеле скршени скелети на две магариња, а покрај нивните глави лежеле телата на коњушарите. На горниот дел од коските се наоѓал двоен прстен низ кој поминувале уздите. Тој бил направен од сребро и на него стоела златна маскота, т. е. прекрасно магаре кое било мошне реално моделирано.

До кочијата имало украсна табла за друштвени игри, како и колекција од алатки и оружје. Еден комплет со сребрени садови изгледа дека бил користен за религиозни цели, бидејќи имало и плиток послужавник и грне за кое се знае дека се користело за време на религиозни обреди, како и мали сребрени чашички кои биле поставени една во друга.

______________________________
* лазулит – темносин камен со златни искрички
** карнеол – камен со портокалова боја