2.2. Во долината на кралевите

2.2. Во долината на кралевите

Tутмосис во долината на кралевите

Ахмосес го наследиле најнапред Аменофис I (Amenophis I), а подоцна Тутмосис I (Thutmosis I). Наместо масивните пирамиди на претходните династии, Тутмосис својата гробница ја врежал во карпа свртена кон Долината на кралевите на западниот брег на реката Нил, наспроти градот Васет, кој им бил познат на Грците како Теба, а сега се вика Луксор.

Тутмосис I немал синови, туку само ќерки, па затоа тронот му припаднал на Тутмосис II (Thutmosis II), кој се оженил со Хатшепсут (Hatshepsut), ќерка на Тутмосис I. Овој несреќен човек владеел само четири години и потоа умрел, но и тој немал синови од својата главна жена, Хатшепсут, туку само ќерки. За да ја сочува династијата, за наследник го назначил синот што го имал со една од другите жени, чие право на тронот било поддржано со бракот со неговата полусестра, Меритра, ќерка на Тутмосис II и Хатшепсут. По смртта на Тутмосис II, овој млад принц бил крунисан на тронот како Тутмосис III.

Владеењето на Хатшепсут

Но Тутмосис III бил премногу млад за да владее, па затоа таа задача ја извршувала Хатшепсут. Се чини дека ѝ се допаднала таквата работа, затоа што наскоро си ја присвоила позицијата на кралица. Подоцна си ја присвоила титулата фараон (која била титула на машки владетели), се облекувала како крал, па дури носела и церемонијална брада! Ова и не било толку невозможно, зашто египетските мажи секогаш биле мазно избричени, а како знак на кралска припадност, фараонот носел вештачка брада. Очигледно е дека Хатшепсут одлучила да го направи истото. Бројните статуи и сфинги со ликот на Хатшепсут во музејот во Каиро, ја прикажуваат со таква церемонијална брада.

Храмот во Деир ел Бахри

Дваесет и едногодишното владеење на Хатшепсут било проследено со мир и просперитет. Таа изградила прекрасен храм во Деир ел Бахри, во близина на Долината на кралевите. Тој е едно од чудата во Египет. На ѕидовите од овој храм има цртежи кои го прикажуваат нејзиното раѓање. Богот Амон е прикажан како одговорен за нејзиното зачнување, па целата сцена на раѓањето е замислена да го поткрепи нејзиното тврдење дека таа е назначена за бог-крал на Египет со божествена интервенција. Таа, исто така, издала наредба да бидат изрежани четири огромни гранитни обелисци во каменоломите во Асуан а потоа пренесени по Нил до Карнак, каде што биле поставени. Еден од нив сè уште стои таму и денес. Со своите приближно 30 метри висина, некогаш обложен со блескаво злато, тој е највисокиот обелиск во Египет.

На ѕидот на погребниот храм на Хатшепсут насликана е и нејзината трговска експедиција до земјата Пунт. На сликите се гледаат мноштво работи што ги донела таа. Местоположбата на оваа земја не е позната, но врз основа на билките и дрвјата на тие слики, ботаничарите заклучиле дека тоа би можело да биде Источна Африка.