4.4. Ебла, престолнина на големото кралство

4.4. Ебла, престолнина на големото кралство

А, каква врска има сето ова со Саргон од Акад?

Еве каква. Глинените плочки од Ебла откриле дека во еден период Саргон исплатувал данок на Ебла. Да не заборавиме, внукот на Саргон, Нарам Син подоцна ја освоил и ја уништил Ебла, за што археолозите пронашле и докази. Ние денес мора да го прифатиме фактот дека Ебла некогаш била центар кој управувал со територија од Анадолија до Синај, и од Кипар до Персија. Историчарите морале да ги ревидираат своите учебници за асирската историја во овој период. Саргон владеел 56 години, а потоа го наследиле неговите два сина, кои комбинирано владееле во наредните 24 години. Потоа на власт дошол Нарамсин, внукот на Саргон, кој владеел 37 години. Најпознат споменик што му е посветен е камениот столб подигнат во чест на неговата победа врз едно варварско племе од планините Загрос, кои се познати под необично име, Лулуби (Lullubi).

Но, најтешкото време за Асирија допрва требало да настапи. Едно варварско племе од исток наречено Гути, ја преплавило земјата сеејќи смрт и уништувајќи сè пред себе. Тие биле нецивилизирани и не оставиле многу записи за своето тиранско владеење.

Нова низа на моќни кралеви

Овој темен период го обележала борбата за власт помеѓу владетелите на Ур и Аморејците, за кои ќе научиме нешто повеќе во наредните теми. Но, на самиот почеток на тринаесеттиот век пред Христа, на тронот дошла нова лоза асириски кралеви. Адад-Нирари I со своите трупи тргнал на запад и го освоил, а неговиот наследник, Салманасар I го следел неговиот пример. Тој го обновил градот Калак, библискиот Халах. Наскоро моќта им опаднала, но во десеттиот век пред Христа, асирската доминација над Средниот Исток била наметната со одмазда, и кралството го достигнало својот врв на славата. Сепак, пред да дискутираме за оваа ера на воена моќ и културен сјај, мораме да ги разгледаме изворите на нашите сознанија.

За пристапот до овие сознанија бил заслужен еден млад Англичанец со авантуристички дух и, иако е чудно, тој воопшто немал намера да биде археолог кога тргнал кон Блискиот Исток.