2.9. Записот на Мернептах за Израел

2.9. Записот на Мернептах за Израел

Мернептах, тринаесеттиот син на Рамзес II, бил избран да го наследи својот татко. Тој зад себе оставил големa камена плоча, позната како „Израелска стела“, која сега се наоѓа во Египетскиот музеј во Каиро, а на неа се запишани неговите фалби за победата над Либијците, кои веројатно ја нападнале египетската земја. Овој споменик станал познат поради тоа што е единствениот натпис во целиот Египет кој го содржи името „Израел“, иако не дава многу информации во врска со Израел. Таму едноставно пишува:

„Опустошен е Техену (некое либиско племе); Хaти (земјата на Хeтитите) е смирен ограбен е Ханан, нанесено му е секое зло; одведен е Аскалон; приграбен е Гезер; Јаноам е како да не постои веќе; Израел лежи опустен, нема семе; Хуру (израз за Палестина) стана вдовица на Томери (Египет)!“

Она што го дознаваме од овој запис е дека во времето кога бил пишуван, Израел веќе постоел како народ во хананската земја, што ги збунило оние историчари кои тврделе дека Мернептах бил фараонот во времето на излезот на Израел од Египет. Тој дури го дискредитира и популарниот став дека Рамзес II бил фараонот во времето на Излезот.

Датирање на излегувањето од Египет

Според библиската хронологија запишана во 1. Книга за царевите 6,1, излегувањето од Египет се случило 480 години пред започнувањето на градбата на Божјиот храм во четвртата година од владеењето на цар Соломон, што значи дека Израел го напуштил Египет околу 1445 година пред Христа.

Мојсеј роден во ропство

Фактот дека сторијата за Мојсеј и за ропството на Израелците во Египет е историски настан, бил потврден со името Мојсеј. Фараонот издал декрет дека Израелците треба да работат како робови во изградбата на неговите градови, а за да ги спречи да се множат, што би претставувало закана за Египќаните, тој наредил сите машки деца што израелските жени ќе ги родат, да бидат фрлени во реката Нил.

Една мајка го исполнила словото на законот но не и неговиот дух, положувајќи го своето бебе во водоотпорна кошница пред да го фрли во Нил.

„Изваден од вода“

Кога фараоновата ќерка дошла до реката за да го изврши чинот на церемонијално бањање, несомнено во чест на богот на реката Хапи, таа го забележала беспомошното бебе и го усвоила.

„И таа го нарече Мојсеј, зашто го извадив – рече – од вода“ (2. Мојсеева 2,10).

Ние денес знаеме дека Мојсеј (Moses) не е еврејски збор. Еврејскиот облик е Моше. Мојсеј е египетски збор. Фараоните тврделе дека се „родени од“ или „потекнуваат од“ боговите, па многу од нив ја вклучувале ваквата мисла и во своите имиња. Па така, ги имаме Ахмосис, чие име е извлечено од богот Ах; Камосес според богот Ка; Тутмосис, добиено од богот Тут; и, се разбира, Рамосес (Рамзес) изведено од името на богот на сонцето, Ра.

Споменици полни со фалба

Многумина се прашуваат, зошто во Библијата наоѓаме некои историски факти за Израел и Египет, а во египетските споменици нема никакви податоци за ваквите случки. Затоа мора да имаме на ум дека египетските фараони ги прикривале и не ги запишувале своите порази. Тие едноставно се фалеле со своите достигнувања, доблести и славни победи. Навистина би било невообичаено кога Египќаните би ги забележале таквите настани како што е излегувањето на израелскиот народ од Египет, кое всушност претставува понижување на фараоните.

Подоцнежниот фараон Рамзес III бил главен градител на огромниот храм во близина на Луксор, наречен Мединет Хабу, на чии ѕидови има неколку огромни релјефни записи за неговите битки со Либијците и со „народите на морето“ кои се обидувале да го освојат Египет.