9. Како треба да се молиме

9. Како треба да се молиме

1. Молитвата од најстари времиња

Молитвата е отворање на срцето пред Бога како свој пријател, истомисленост со Небото и клуч што ги раздвижува сите Божји сили во полза на човекот. Молитвата е и песна и шепотење, химна и сесрдност за Божја помош, човеков говор и Божји одговор, молба и примање и најкус пат до Божјиот престол.

По тој пат оделе сите Божји праведници во Библијата, и од најстарите времиња молитвата била нивна сила, тајна на нивната среќна младост, на нивната длабока старост и на нивниот свет живот. Книгата за Јов е еден од најстарите напишани споменици во светот за ненадминатата праведност на еден човек од молитва, книга што започнува со трогателна молитва на загрижениот татко за своите деца, а завршува со сесрдно заземање за спас на пријателите во свечената аудиенција пред Бога.

Библијата вели дека Јов бил еден од најголемите луѓе по праведноста и способноста, по силата и богатството – „најпрочуен меѓу сите луѓе на Исток“ (Книгата за Јов 1,3). И не само што бил најугледен, туку „тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото“ (стих 1). Неговата молитва надалеку била видлива, зашто рано изутрина, кога од неговите олтари почнувал да се издигнува чад и оган, сите знаеле дека Јов се моли на Бога, како што имале обичај светите луѓе од прастарите времиња. Библијата вели дека неговата утринска молитва била посветена на размислување за неговите деца, за синовите и ќерките. Тие веќе биле возрасни и далеку од него, и Јов заради нив „станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици за сите нив, зашто Јов си велеше: можеби синовите мои згрешиле и Го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови“ (Книгата за Јов 1,5). Додека сонцето се раѓало, кон небото се издигнувал столб од чад и оган на молитвата на Јов.

Патријархот Јов се молел на Бога и кога му одело сè добро и кога се наоѓал во најголемо зло, во сонцето на среќата и во печката на неволјите. Кога бил фрлен во оган за да се провери неговата вера и правда, и кога му било одземено сè што имал, никој не можел да му ја одземе молитвата. Со длабок мир, тој можел да му благодари на Бога: „И рече: ’Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово!‘ Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога“ (Книгата за Јов 1,21.22).

Тогаш на сцената стапиле неговите тројца пријатели – Елифас, Вилдад и Софар – кои за малку што не успеале да го наведат Јов да му згреши на Бога, што до тогаш и лично на сатаната не му пошло од рака. Околу неговата душа тие ставиле јаже од лажни обвиненија со кое силно го стегале, обвинувајќи го за она што не го сторил сè додека со својата неправда речиси не ја задушиле неговата маченичка, но праведна душа. Најпосле Бог бил присилен да го подигне својот глас против неправедните Јовови обвинители. Се согласил да го земе во обѕир нивното пријателство со Јов, и како одговор на Јововата молитва да им прости за сторениот грев. Истиот миг Јов им простил и со сето срце се зазел за нив. Библијата за тоа ни зборува на крајот од книгата за Јов: „Му ја врати Господ на Јов загубата, кога тој се помоли за пријателите свои; и му даде Господ на Јов двојно повеќе од она што го имаше пред тоа“ (Книгата за Јов 42,10).

Така зборува Библијата за Божјето пријателство со Јов и за силата на неговата молитва поради која Бог им проштавал на неговите синови и ќерки, нему и на неговите бедни пријатели. Така, една од првите молитви на Библијата е родителска, посредничка молитва и молитва на измирување. Често Бог, како одговор на човечка молитва, потпишувал помилување, го запирал извршувањето на смртната пресуда и ги бришел гревовите. Затоа, во животот на човекот молитвата е сила, зашто ја отвора најголемата небесна врата, вратата на Божјето срце.

Светите луѓе во библиско време не ги читале своите молитви од молитвеник зашто молитвеник немале, ниту пак тој им бил потребен, зашто љубовта моли, а не чита, и никакво рецитирање не може да ја изрази топлината на срцето кога тоа се отвора пред Бога. Патријарсите како да ги знаеле Христовите зборови:

„Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го помолите“ (Матеј 6,7.8).

Бог ги сака своите деца и знае што им е потребно, но Тој сака да го чуе нивниот глас, да ги запознае нивните мисли, како и родителите што сакаат нивните деца да ги ословуваат, прашуваат, прегрнуваат и да ги молат дури и за она што самите мошне добро знаат дека им е потребно.

Во пријателството со Бога нема место за себичност. Молитвата не може да биде израз на некакво самољубие и себичност. Патријарсите биле несебични луѓе и го сакале Бога и во сиромаштво и во болест, во темница како и на слобода, во глад како и во изобилство. Јов рекол: „Гледај, и да ме убие, јас пак ќе се надевам на Него“ (Книгата за Јов 13,15). Тие знаеле дека молитвата е клуч во рацете на верата што ги отвора небесните ризници на Божјата милост и добрина. Во молитвата тие не барале Бог да слезе на земјата; напротив, тие оделе пред неговото лице на небесата и никогаш не се враќале без благослов. Тие го знаеле она што Христос подоцна го кажал: „Сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде“ (Марко 11,24).

Молитвата без вера не е делотворна. Верата во Бога е Божји дар исто како што се очите, ушите, јазикот и разумот. Човекот мора да ја употреби како што ја употребува гредата за да го премости јазот, исто како и разумот да мисли, како и очите да гледа. Затоа Библијата вели: „А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат“ (Евреите 11,6). Човекот единствено може да го бара Бога во молитва и да го најде со вера. Клучот на успехот е во раката на верата, а тој клуч е молитвата. Библијата вели: „Но да моли со вера и никако да не се сомнева; зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, кого ветерот го издига и растура“ (Јаков 1,6). Молитвата е како надојдена река во коритото на верата што поместува и планини. На барањето му претходи доверба, а Бог единствено одговара на онаа молитва која е проникната со вера, што е во согласност со Неговата волја.

2. Молитва „по Божја волја“

Молитвата е знак на синовското надевање, знак на довербата што децата ја имаат во родителите. Кому му потрчува синот или ќерката во пресрет? Детето брза кон својата мајка која го сака и негува, го храни и облекува. Децата не летаат во прегратките на минувачите – на непознатите. Молитвата е лет кон небото, трчање кон Бога како родител, радосно извикнување кон Него како Спасител. Синот му верува на својот татко и го моли, го познава и затоа слободен е и да бара. Никој не се осмелува од своите родители да го бара она што знае дека ним не би им било по волја. Зар тогаш некој во својата молитва ќе бара од Бога нешто што се противи на Неговата волја? Библијата вели:

„И тоа е увереноста која ја имаме пред Него, дека ако побараме нешто по Неговата волја, Тој нè услишува.“

Но што е Божја волја? Како ќе го знаеме тоа?

Пред да се помоли, секој треба да се праша што е Божја волја. Да се моли по Божја волја значи да се биде добар истражувач на Божјето слово. Единствено со проучување на Библијата може да се запознае Божјата волја. Патријархот Авраам, современикот на Јов, ја знаел сè уште дотогаш ненапишаната Божја волја, кога можел, како што кажува Библијата, да им „заповеда на синовите свои и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд“ (1. Мојсеева 18,19). Библијата е напишана Божја волја.

Единствено Божјиот Дух во потполност знае што е Божја волја. Исто така Тој ги знае и најдлабоките копнежи што се дигаат кон Бога во молитвата. Знаејќи ја Божјата волја и нашите мисли, Тој се моли истовремено со нас и му ги принесува нашите молитви на Отецот на таков начин и во таков облик, за да може големото Божјо срце да ги прими.

Во молитвата ние не сме сами! Библијата вели: „Исто така и Духот нè поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот сам посредува за нас… А Оној, Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите“ (Римјаните 8,26.27).

Кога Божјиот Дух се моли „по Божја волја“, смее ли некој да очекува неговата молитва да биде примена спротивно од Божјата волја? Дури и Господ Исус Христос својата најсесрдна молитва во Гетсиманија ја завршил со зборовите: „Сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти“ (Матеј 26,39). Тоа го сторил за да ни даде пример.

3. Животот проникнат со молитва е живот без грев

Божјата волја е изнесена во Божјето слово (во Библијата), во неговиот Закон. Да се молиме по Божја волја значи да живееме според неговиот Закон. Може ли некој да очекува Бог да гледа со одобрување на него и да се оѕвие на секој негов повик ако намерно го отфрла Божјиот глас? – Библијата дава свој одговор: „Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна“ (Мудри изреки Соломонови 28,9). Молитвата на беззаконикот е безумие, но и за него има надеж само под еден услов. Библијата вели: „И Мојот народ, кој се именува со Моето име, се понизи, почне да се моли, да го бара лицето Мое, и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова“ (2. Летописи 7,14).

Гревот ја прекинува врската со Бога исто како и краткиот спој што го прекинува токот на електричната струја и градот останува во мрак. Електричната мрежа во домот е исправна, но нема светлина, дефектот е во централата. Така и молитвата може да се изговара и да се повторува, но ништо не се случува, нема одговор, човекот останува во мрак, зашто гревот ја прекинал врската со Бога. Истото тоа важело и за нашите предци. И ним гревот им ја прекинувал врската со Бога, и ним светлината им се гасела и тие пипале во мрак. Библијата ги запишала зборовите на еден молител: „Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши“ (Псалм 66,18). Ако човекот намерно го отфрла секој доказ и осведочувањето од Светиот Дух дека треба да го промени својот живот и да го остави својот грев, тогаш Небото не може да ја разбере и да ја прифати неговата молитва.

А оној, пак, човек што се моли, поттикнат од разбудена совест, се пази од гревот. Гласот на Божјиот закон е совест на праведникот, а молитвата дишење на неговата душа. Во тој случај

„имаме слобода пред Бога, и, што и да побараме, добиваме од Него, бидејќи ги чуваме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него“ (1. Јованово 3,21.22).

Ако нашите сесрдни молитви се без одзив и без одговор, тогаш треба да се испитаме себеси во светлината на Божјиот закон и да видиме дали некој грев ја прекинува нашата врска со Бога. И ако на огледалото на светиот Закон ни се покаже некоја дамка од нашиот живот, тогаш мораме да го молиме Бога да нè облече во облека на покајание и да ни помогне нашиот грев да го однесеме и оставиме во подножјето на Христовиот крст на Голгота. Со вера во Исуса Христа и во Неговата сила, да го доведеме нашиот живот во хармонија со Божјата волја и да го отфрлиме од себе сè она што нè разделува од благословите и од Божјата сила. Бог вели: „Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова“ (2. Летописи 7,14).

4. За што да се молиме?

Молитвата е отворање на срцето пред Бога како на пријател, но претставува повеќе отколку само разговор. Таа е и заедница со Бога, одење со Бога дури и тогаш кога не се коленичи и кога не се зборува, но се дише со љубов и се моли „постојано“ на Бога во срцето (1. Солуњаните 5,17).

Човекот не се моли на Бога за да ги измени Божјите мисли, туку да ги усогласи своите намери со Божјите и да го прифати Божјиот план за себе. Молитвата не е одбегнување на неволјата, туку сила истата да се издржи; таа не е стихотворба, туку израз на сопствените чувства и мисли, одење во чекор со Бога. Тоа значи да се молиме во Христово име, а не во свое; по Божја волја, а не по своја. Христос рекол: „сè што ќе побарате од Отецот во мое име, ќе ви даде“ (Јован 15,16).

Библијата не ни дава список на нештата за кои ќе се молиме, но таа ни кажува:

„Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде“ (Матеј 6,33).

Вистинска цел на молитвата е да ги задоволи нашите духовни потреби, зашто „Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведност и мир и радост во Светиот Дух“ (Римјаните 14,17). Христос ги учел своите ученици: „Туку молете се вака…“ (Матеј 6,9). Молитвата што ја нарекуваме „Господова молитва“ е мостра, а не формула за молење, зашто Исус не рекол: молете се со овие зборови, туку: „Молете се вака…“ Од седумте молби во неа, шест се однесуваат на нашите духовни потреби, а само една е за леб – за основната потреба на човекот. Христос ни дал пример-молитва според која, молитвата значи обожавање на Бога, прифаќање на неговата волја, копнеж за неговото царство, љубов кон Бога, љубов кон ближните и доверба во Божјата моќ да ни одговори.

Тогаш небото нема да биде само иден посед, туку и сегашна стварност. Молитвата во Христово име значи прифаќање на неговата молитва: Божјата волја да биде како на небото, така и на земјата; нашата молитва да биде признавање на нашите долгови и проштавање на туѓите, за себе и за другите, за мир и радост во Светиот Дух и за примање на сила и светлина во нашиот живот.

Kратка содржина на лекцијата

  • Молитвата е отворање на срцето пред Бога како свој пријател.
  • Во молитвата се наоѓа неизмерна сила.
  • Небесните ризници на благословите се отклучуваат со молитва.
  • Во молитвата не треба постојано да се повторува некој научен текст, туку таа треба да произлегува од сопствените мисли.
  • Кога веруваме и се молиме, Бог ги чита нашите мисли и одговара на најдлабоките неизговорени копнежи на душата.
  • Во молитвата пристапуваме кон Бога како што пристапува дете кон својот сакан родител.
  • Исус ги разбира нашите слабости и со симпатија се става на наша страна кога се молиме.
  • Секој ден родителите треба да се молат за своите деца.
  • Бог нè повикува да се молиме соодветно со Божјата волја која е секогаш единствено добро за човекот.
  • Бог не може да ги исполни молбите на оној кој свесно греши и тврдоглаво изразува непочитување на Неговата волја.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.