13. Родени за вечност

13. Родени за вечност

1. Светиот Дух – творечка личност

Светиот Дух е третото лице на Божеството. Библијата за него кажува дека Тој, заедно со Отецот и Синот, е Творец, хранител и носител на животот воопшто, а посебно на духовниот живот на човекот кој се помирил со Бога. Уште со своите први зборови Библијата својот читател го поставува во улога на набљудувач на творечката активност на Светиот Дух во времето „Кога Тој (Бог) го оформуваше небото… кога го поставуваше хоризонтот над бездната, кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната, кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брегови, кога ги полнеше основите на Земјата, – Јас бев кај Него кога создаваше“ (Мудри изреки Соломонови 8,27-30).

Пред оваа величествена сцена што ни ја опишува Библијата, да се вивнеме над она што е земно и да ги читаме божествените букви на историјата за создавањето: „Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата“ (1. Мојсеева 1,2).

Библискиот опис за создавањето на светот почнува со далечната бучава на праисконските води додека пред замолкнатата вселена се појавуваат блескотните контури на божествената слава на величествената личност на Светиот Дух, Божјиот Дух, кој е „Дух Господов, Дух на мудрост и разум, Дух на совет и крепост, Дух на знаење и богобојазливост“ (Исаија 11,2). Според планот на Отецот, Светиот Дух со својата светлина „лебдеше над водата“, а потоа Божјиот Син, Исус Христос, го „послал северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ (Книгата за Јов 26,7).

Вдахновената Книга кажува дека Бог „со Својот Дух го разбистри небото“ (Книгата за Јов 26,13) и небесните пространства ги осветлил со ѕвезди и со живот, а човекот на земјата го дарувал со разум и со светол Божји лик. Неговото ремек-дело, човекот, на пиедесталот на Библијата, со подигнати раце му укажува чест на Творецот: „Духот Божји ме создал, и здивот на Седржителот ми дал живот“ (Книгата за Јов 33,4). Овој глас на разумот бил единствениот вистински одговор што го дал човекот на поставеното Божје прашање во Библијата: „Препашај ја сега половината своја како маж, Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми: Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата?… Кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост?“ (Книгата за Јов 38,3.7).

Светиот Дух е автор на Библијата и на книгата на природата.

Двете книги носат печат на Божјиот огнен прст. Во нив човекот може да ги следи Божјите мисли и трагите на божествениот Советник, да учи од изворот на Силата и Разумот и да се наполни со знаење и со страв Господен. Бесконечноста на вселената и длабината на Библијата не можат да се измерат, и Бог не може да се види освен преку Божјиот Син кој станал човек, а со Синот не можеме поинаку да се спријателиме освен преку Божјиот Дух, односно преку Светиот Дух, Духот на вистината.

2. Светиот Дух – сезнаен и насекаде присутен Бог

Таинственоста на универзалното присуство на Светиот Дух Библијата ја опишува со следното поетско вдахновение: „Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи“ (Псалм 139,7-10).

Писателите на Библијата ни откриваат дека вистинскиот автор на нивните списи е Светиот Дух кој бил присутен во нив во сите векови и на сите места. Тие ни сведочат за вистината: „А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во сѐ, па дури и во длабочините Божји… Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух“ (1. Коринќаните 2,10.11).

И денеска Библијата е сила што преобразува, но само со влијанието што го врши во срцето Светиот Дух. Како и тогаш, така и сега, Библијата на својот читател истовремено му станува и Божја реч, дури по длабокото осведочување што го врши Светиот Дух во душата. Дури тогаш обичниот човечки слух станува чувствителен приемник кој ги прима Божјите ветувања: „ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас – ете го патот, врвете по него! (Исаија 30,21). Тоа било вдахновение со кое „светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух“ (2. Петрово 1,21).

На несфатлив начин, Светиот Дух се наоѓа на секое место и во исто време крај секого кој му ја отвора својата душа. До денес, Светиот Дух тропал на сите срца. Библијата ја открива содржината на тоа божествено шепотење пред секое срце:

„Поради тоа, како што вели Светиот Дух: ’Денес, ако го чуете гласот Негов, не жесточете ги срцата свои…“ (Евреите 3,7.8).

Ниту Библијата, ниту вистинскиот библиски учител, не зборуваат „со зборови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух“ (1. Коринќаните 2,13).

3. Извор на духовна преобразба и живот

Кога зборува Светиот Дух, слушаат небесните жители, а и луѓето на земјата се повикани да го слушаат Неговиот глас. Неговата беседа се споредува со обилниот благодатен дожд што паѓа од едниот до другиот крај на хоризонтот. Преку вдахновените посредници, Светиот Дух му се обраќа и на небото и на земјата: „Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша земјата зборовите од устата моја. Да се разлее како дожд поуката моја, како роса да падне говорот мој: како ситен дожд на зеленило, како пороен дожд на трева“ (5. Мојсеева 32,1.2). Човекот отстапил од Бога, заталкал и станал „изгнаник и скитник по земјата“, гонет од немирот на својата нечиста совест како и Каин (1. Мојсеева 4,12), но од Божјиот Дух не може да се побегне. Библијата вели дека Бог го барал човекот со својот Дух и „го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое“ (5. Мојсеева 32,10).

За човештвото, заталкано во очајна пустина, Светиот Дух е онаа чаша вода што спасува и гасне секоја жед. Тогаш за Светиот Дух се слуша онаа песна над песните во смарагдната оаза на Библијата: „Ти си градински извор, кладенец од жива вода, поток што тече од Ливан“ (Песна над песните 4,15).

За Светиот Дух како извор на вода што тече во вечен живот, Исус рекол:

„А кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4,14).

Правејќи го секогаш само она што е најдобро за своите ученици, Исус им ветил постојано присуство и полна помош на Светиот Дух. Опишувајќи им го својот божествен Заменик, Тој им рекол: „Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд… А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина… Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави“ (Јован 16,7-14).

Ова Христово ветување се остварило на денот Педесетница во Ерусалим. Настанала преобразба: неутешените се утешиле, неупатените ја сознале полната вистина, нерешителните почнале да го прославуваат Исуса со храброст што го восхитува светот! Светиот Дух слегол на земјата како небесен пламен. Неговото доаѓање сведоците го опишале со следните зборови: „Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“ (Дела на апостолите 2,2-4).

Од тој час првите Исусови следбеници станале несебични и духовни, луѓе со несфатлива моќ, со преобразен ум и со просветлен дух, кои можеле да кажат за себе дека живеат „со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов… нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити; за непознати, а добро сме познати; нѐ држат како да сме на умирање, а еве – живи сме… нѐ нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме“ (2. Коринќаните 6,6-10).

Очигледно, тогаш врз првите Христови ученици се исполнило Христовото ветување: „Ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас“ (Дела на апостолите 1,8).

Да му посакаме и ние денеска добредојде на Светиот Дух како на свој висок небесен Гостин, кој и сега тропа на вратата на нашите затворени срца. Тој зборува со Христов глас и во негово име кога вели:

„Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“

Во ова последно време од човечката историја, Светиот Дух сè уште се надева дека неговиот глас ќе се чуе во срцето на луѓето. Преку повиците на Светиот Дух Исус чука и на твоето срце и те повикува да ја отвориш вратата, за Тој да може да влезе и да вечера со тебе. Водата на вечниот живот е подготвена да потече во секое срце и да се разлее како свежи мириси на залеана градина во предвечерие.

4. Светиот Дух – зачетник на духовното раѓање на човекот

Исус бил зачнат во утробата на Марија со силата на Светиот Дух и затоа станал Бог во тело. Девојката Марија ги слушнала зборовите на ангелот: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1,35). Кога Исус се родил како дете, за Него е кажано во Библијата: „А Детето растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него“ (Лука 2,40).

За да може човекот да го следи Христа – да го следи Бога во тело – безусловно му е потребно наново да се роди од Светиот Дух. Токму едно такво раѓање Исус поставил како неминовна потреба. Преку разговорот со Никодим, јудејски началник, Исус му кажува на секое човечко суштество:

„Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо“ (Јован 3,3).

Преобразувањето на духот и обновувањето на срцето како средиште на духовниот живот, Библијата го нарекува ново раѓање. Тоа значи потполна промена на старата природа во нова, човечката во божествена. Тоа е дело на натприродното дејствување на Светиот Дух. Учениот теолог, Никодим, тогаш на Исуса му поставил излишно прашање кога, речиси навреден, го прашал: „Како може човек да се роди кога е стар?“ (стих 4), зашто и со повеќекратно повторно раѓање во тело, човекот пак би ја имал само старата, грешна човечка природа. Новото раѓање е чудесно стекнување на нова, божествена природа со помош на Светиот Дух. Тоа не е раѓање „по крв, ни по желба на телото, ни од похот машка, туку од Бога“ (Јован 1,13).

Света природа во грешно тело, божествен Дух во човечки лик, ете тоа е новородено Божје дете, без оглед на возраста и годините! Оваа суштествена промена и натприродно преобразување на човекот што го менува човечкиот став кон Бога и другите луѓе, денес не се објавува со дување на небесен ветер, ниту со разделување на огнени јазици како на денот Педесетница. Новородените Исусови следбеници можеби не ќе можат точно да го наведат денот ниту местото на своето преобразување, но сепак ќе знаат дека станале нови суштества, други луѓе, Божји синови и Божји ќерки. За тоа сознание Исус рекол: „Во оној ден ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие во Мене, и Јас сум во вас“ (Јован 14,20).

Апостол Павле извесно време бил жесток прогонувач на Исуса Христа, а потоа негов огнен следбеник кој изјавува: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене“ (Галатјаните 2,20).

Пред својата вистинска средба со Исуса близу до градот Дамаск, апостол Павле се викал Савле или Саул, како и неговиот далечен имењак во Стариот завет и првиот цар во Израел. Во даден миг, тие обајцата доживеале преобразување – ново раѓање – веќе како возрасни луѓе, со вкоренети сфаќања и со изградени навики. На идниот цар, Саул, пророк Самоил му кажал новост за неговото претстојно духовно преобразување – за новото раѓање: „Духот Господен ќе слезе врз тебе… и ќе станеш друг човек“ (1. Самоилова 10,6).

Пророштвото на Самоил и желбата на Саула се исполниле. Библијата зборува за тоа: „И штом Саул се сврте за да си оди од Самоил, Бог му даде друго срце“ (1. Самоилова 10,9). Потоа сите што го сретнале, кај него виделе промена и со радост се прашувале: „Што се случило со Кисовиот син? Зар и Саул е меѓу пророците?“ (1. Самоилова 10,11) Промената на природата на човекот значи промена на срцето.

5. Пресадување на цело срце

Што е тоа ново раѓање? Новото раѓање е видлива измена на карактерот, преобразување на старата вродена природа во нова со помош на невидливото дејствување на Светиот Дух кој го менува срцето. Новото раѓање е дело на Светиот Дух. Светиот Дух го зема човечкото земно срце и му дава небесно. Човекот со земно срце не може да се качи на небесните скали во царството Божје.

За новиот живот неопходно е ново срце. Во Божјето царство влегуваат само Божји синови и ќерки. Бог ги изговорил следните пресудни зборови: „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои“ (Езекиeл 36,26.27).

Ново раѓање му било потребно и на првиот израелски водач – на Божјиот пророк Мојсеј. Вдахновен со Светиот Дух, Мојсеј пишувал за првото Исусово доаѓање. Исус им рекол на своите неверни современици: „Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене“ (Јован 5,46). Не само што напишал пророштва за Исуса, туку тој и живеел и страдал за Исуса. Библијата вели: „Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади. Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата“ (Евреите 11,24-26).

Мојсеј, духовен херој и човек од акција, војсководител и пастир, пророк и историчар, законодавец и законопримател, со новото раѓање од Светиот Дух, станал „најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“ (4. Мојсеева 12,3). Кротоста и верата, храброста и жртвата, во Мојсеја биле вдахнати преку Светиот Дух. Својот избор Мојсеј го направил раководен од Божјиот Дух. Тој пишувал под вдахновение на Светиот Дух и затоа неговиот живот во светата историја на библиските херои е испишан со дијамантски пишувач. Наново роден од Светиот Дух, тој верувал во Исуса Христа и пред сите воскреснал од мртвите, преселувајќи се во воскреснато тело на небо.

Мојсеј најнапред добил ново срце, Божја природа, а потоа и Божје царство. Најнапред добил дел во Божјата природа, а потоа и дел на небото. И денеска Светиот Дух вдахнува нов духовен живот и им дава ново срце на оние што ќе му ја отворат вратата. Сега учесник во Божјата природа, а наскоро и жител на небото! Истиот Свети Дух, кој ги вдахнал Мојсеј, Исаија и апостол Павле, со своето шепотење ги отвора и нашите срца: „Духот и невестата велат: ’Дојди!‘ И кој ќе чуе, нека каже: ’Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22,17).

Сите тие го прифатиле божествениот повик. Дали ќе им се придружиме и ние?

Кратка содржина на лекцијата

  • Светиот Дух бил активен божествен учесник во создавањето на светот.
  • Таинствената личност на Светиот Дух е несфатлива.
  • Светиот Дух бил единствениот извор на вдахновение на сите писатели на Библијата.
  • Додека Исус го застапува човекот на небото, Светиот Дух го застапува Исус на земјата.
  • На денот кога Светиот Дух слегол на земјата, апостолите добиле посебна сила на божествена љубов, радост, мир и вера. Сличен дожд на моќните дарови на Светиот Дух ќе се излее и врз Исусовите верни следбеници пред Неговото второ доаѓање.
  • Подготовката за примање на Светиот Дух се состои од искрено покајание, од обратување, како и од крштавање според Исусовиот пример.
  • Новото раѓање е необјасниво преобразување на несовршениот карактер на човечката природа во божествено-човечка природа со помош на Светиот Дух.
  • Желбата и подготвеноста за примање на Божјиот Дух се прв услов човекот да може да започне живот „во чистота, во знаење, во трпеливост, во љубезност, во Светиот Дух“.
  • Светиот Дух е божествена личност која води, посредува и става свој печат на Христовите верни како знак на нивната потполна готовност за второто Христово доаѓање.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.