21. Милост над судот

21. Милост над судот

1. Планетата земја – обвинителна клупа

Земјата е обвинителна клупа во вселената, човековиот живот иследен притвор, обвинител е Луцифер, а бранител Христос. Човековиот „притвор“ е нареден со одлука на врховниот вселенски суд. Сведоци се Божјите ангели, милијарди на број. Бог седи на својот престол како законодавец и судија. Се суди врз основа на универзалниот Божји закон познат под името Десет заповеди.

Библијата отворено зборува за таа голема вселенска јавна расправа меѓу обвинителот – сатаната, и бранителот – Христос. Таа тврди:

„Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2. Коринќаните 5,10).

Судот се нарекува Христов поради неговата решавачка улога во одбраната на сите кои со вера ќе го ополномоштат Христа за свој бранител. Престапувајќи една од Десетте заповеди, човекот го отфрла сиот Закон и, според принципот на неприкосновената и неделива правда, тој станува виновен за сите заповеди: „Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ“ (Јаков 2,10). Тој е лишен од правото вечно да живее (1. Мојсеева 3,22), како и од правото на слободен пристап во останатите планетарни домови на вселенската заедница на бесмртниците. Времето почнало да му тече во рокови, животот до – непреодна црта, а потоа – суд. Библијата зборува: „И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд“ (Евреите 9,27). Сообразно со одлуката на вселенскиот суд, луѓето или ќе бидат „како никогаш да не постоеле“ (Авдиј 1,16), или ќе им се врати „поранешното владение“ (Михеј 4,8), „за да бидат достојни за дрвото на животот“ (Откровение 22,14).

Сепак, вселенскиот суд не е обичен суд, зашто човековиот Бранител на тој суд е овластен по завршувањето на застапничката улога да ја преземе судската власт од рацете на Бога како врховен Судија. И затоа што Судијата извесно време е во улога на бранител, времето на заседанието на судот е и време на милост. За почетокот на таа свечена расправа Библијата кажува дека Бог определил „ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите“ (Дела на апостолите 17,31).

Човек на небото! Човек во улога на бранител на човештвото! Можеме да бидеме сигурни дека Исус Христос ги разбира луѓето, зашто и Тој самиот е човек како што е и Бог – Син Божји и Син човечки. Тој, кој е бранител, е горе на небото, а обвинетите долу, на земјата, живи или мртви. Оддалеченоста не игра никаква улога. Судот е единствен и ги опфаќа и небото и земјата. Последниот ден од човековиот живот е и негов последен збор.

Дури и на небото никој не може да биде прогласен за виновен без суд и судење, без иследна и доказна постапка, без право на бранител и одбрана, без сведоци. Од многу причини судењето е јавно. И Бог не сака без судска расправа конечно да го осуди или да го ослободи обвинетиот, ниту пак сака тоа да го стори без порота. Иако однапред знае сè, иако би можел сето тоа да го изврши сам според правото што го има, сепак со јавното судење Тој сака да им даде можност на сите жители на бескрајната вселена до крај да се уверат во неговата бесконечна правда. Само од таа причина „притвореното“ човештво морало да стане „глетка за светот“ (1. Коринќаните 4,9). Кога ќе биде завршено сè, во вселената нема никогаш повеќе да се појави грев: „Што сте намислиле против Господ? Тој ќе стави крај на сѐ, ниеден противник нема повторно да се крене“ (Наум 1,9).

Земјата е обвинителна клупа, а небото судска маса! Библијата содржи свечено пророштво за времето на судот и милоста. Таа гледа: „Судот седна и книгите се отворија“ (Даниел 7,10). Во тие книги ангелите – деноноќните сведоци на сите зборови и дела на секој член на човечкото семејство – забележале сè што виделе и чуле. Бог суди, но резултатот на праведното одмерување на судската вага зависи од човекот. Библијата вели: „Зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден“ (Матеј 12,37). Ќе бидеме судени не само за зборовите, туку и за неизговорените мисли, за сторените и несторените дела и побуди!

2. Ѓаволот – обвинител на човечкиот род

Од светол ангел, Луцифер станал „клеветникот на браќата наши“, кој ги обвинува пред Бога „дење и ноќе“ (Откровение 12,10). Во овој џиновски вселенски двобој околу човекот, Исус Христос, како бранител, му се противставува на ѓаволот, на обвинителот и грабливецот на човечката среќа и наследство. Христос рекол за оние што ги брани: „Јас ќе им дадам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја“ (Јован 10,28).

Ѓаволот „е човекоубиец од почетокот“ (Јован 8,44). За да им даде на своите крвнички намери правен облик, тој обвинува. Библијата зборува за еден таков напад врз еден првосвештеник на Божјето земно светилиште. Библијата знае и објавува дека „нема човек кој не греши“ (1. Царевите 8,46). Затоа сатаната на првосвештеникот му „стоеше од неговата десна страна, за да го обвинува“ (Захарија 3,1) – оправдано и неоправдано.

Овој минијатурен пример на парница што се води на небото ни е даден на увид за да се охрабриме со Христовата победа во овој судир од правен карактер. Христос ги примил врз себе сите гревови од својот уплашен слуга и наредил: „Соблечете ја од него извалканата облека.“ Кога тоа било сторено, Христос, небесниот правобранител на човекот, рекол: „Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека“ (стих 4). Новата облека всушност е подарената и засметаната Христова правда.

Еден од најголемите Христови апостоли имал полно причини да се плаши од сатанското обвинение. Тој бил апостол Павле, некогашниот Савле, фарисеј и огнен прогонувач на првите христијани. Прогонувајќи ги нив, всушност тој го прогонувал лично Христа, кој му се јавил со светлина од небото додека одел за Дамаск, и го прашал: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ (Делата на апостолите 9,4). Савле бргу се уверил дека кај Христа нема „никаква вина“ (Лука 23,4).

Кога ѓаволот се осмелил да го обвинува безгрешниот Божји Син пред Пилат, тогаш колку полесно го обвинувал грешниот Савле пред Бога! Сепак, Савле станал апостол Павле, земајќи го Христа за свој бранител. Мирно гледајќи му во очи на својот разјарен обвинител, тој влевал безгранична сигурност на обвинителната клупа на вселената: „Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој Кој ги оправдува! Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас!“ (Римјаните 8,33.34)

Како еден од најдобрите познавачи на Христовата моќ како бранител на човекот во парницата со ѓаволот, апостол Павле им објавил сигурно спасение на сите обвинети: „Сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос“ (Римјаните 8,1).

Има суд, има истрага, но нема осуда за оние кои веруваат во Христа како во свој застапник! Потпишувајќи ја со вера и докажувајќи ја со дела својата доверба во Христа како свој бранител, тие речиси како и да не доаѓаат на суд, зашто засекогаш стануваат слободни граѓани на небото, ослободени од сите обвинувања и од секоја призната вина. Тоа е смислата на зборовите што ги рекол Исус на земјата:

„Кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.“

Библијата зборува дека на овој вселенски суд „МИЛОСТА НАДВИВА НАД СУДОТ“ (Јаков 2,13). Ѓаволот е поразен непријател! Дури и пророкот не се потпира врз својата правда, туку кажува: „Кој сака да се натпреварува со мене? Да застанеме заедно. Кој сака да се суди со мене? Нека пристапи кон мене. Ете, Господ Бог ми помага: Кој ќе ме осуди? … Кој оди во мрак, без светлина, да се надева на името Господово и да се потпира врз својот Бог“ (Исаија 50,8-10).

3. Христос – славен бранител на човештвото

Верата е рака со која човекот се држи за својот Спасител и бранител Исус Христос. Целата Библија зборува за Христа како Спасител кој ќе го „спаси народот Свој од неговите гревови“ (Матеј 1,21). Со жртвата на крстот, Исус го добил своето, со крв напишано полномошно од Бога за да може да го застапува човекот, но спасението од гревот станува дефинитивно дури на големиот вселенски суд.

Уште пред секој почеток, Исус Христос бил „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1,29). Христос отсекогаш бил и жртва и посредник меѓу луѓето и Бога, вистински свештеник и првосвештеник. Од времето на пророкот Мојсеј, во Стариот завет, годишниот круг на секојдневното богослужение во храмот всушност бил минијатурен приказ на планот на спасението во сите негови фази на земјата и на небото – сликовито расветлување на Христовата улога како жртва и застапник на човештвото пред Бога. Христос бил „Зачетникот и Довршителот“ (Евреите 12,2) на планот на спасението и се наоѓа на чело и на крај на одбраната. Планот на спасението е план на одбраната!

Завршниот ден од годишниот богослужбен круг во земниот храм бил голем Ден на очистување, симбол на вселенскиот Ден на судот. „Чистењето на светињата“ од напластените гревови всушност значело конечно судско бришење на сите гревови пречкртани со признавањето на гревот од страна на грешникот и со принесувањето на жртвата. Тоа значело одвојување на добрите од злите, на чистите од нечистите, на пченицата од каколот, на овците од јарците, како што е прикажано во Христовите параболи (Матеј 13,48.49.24-30; 25,32-41). До денот на чистењето, секој грев требало да се признае, за секое злодело да има покајание, секоја вина да се исправи и со вера да се прифати Христос како посредник на својот живот. Според планот на спасението и одбраната, судот е воспоставен за човекот, а не за Бога. Библијата зборува: „Зашто во тој ден ве очистуваат, за да ве очистат од сите ваши гревови, и да бидете чисти пред лицето Господово“ (3. Мојсеева 16,30).

А потоа, кога во вселената отчукал пророчкиот часовник на Библијата, истиот миг почнал да функционира планот на одбраната. Почнало да се исполнува едно од најславните пророштва на Библијата и по содржина и по прецизноста: пророштвото од 2300 години.

Пророк Даниел бил визионер не само на општата историја на светот, туку и на небесниот план за потполно искоренување на гревот од земјата и од вселената. Историјата на планот за спасение на човекот е содржана во едно исто пророштво, но во две глави во Книгата на пророк Даниел: во осмата и деветтата.

4. Почетокот на вселенскиот суд

На трудољубивите студенти на Библијата на почетокот на 19 век впечаток им оставиле следните пророчки зборови на Божјиот ангел: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти“ (Даниел 8,14). Во мигот кога небесниот гласник сакал да му го протолкува и ова далекусежно пророштво, пророк Даниел паднал немоќен в постела и „болен бев неколку дни“ (стих 27). Кога закрепнал, со длабоко посветување, со пост и молитва, тој барал објаснување на таинствената порака од небесните височини, и молитвата му била примена. Може да се каже дека осмата глава од книгата на пророк Даниел продолжува во 24 стих во деветтата глава.

Сè додека старите познавачи на Библијата не пронашле логична врска меѓу прекинатиот разговор и неговото продолжение, не можеле да го пронајдат ниту клучот за решение на загатката од 2300 години. Знаеле дека „вечерите и утрата“ означуваат денови, и лесно тие 2300 вечери и утра ги претвориле во 2300 години, држејќи се за објаснувањето: „Ден за година, ден за година ти определив“ (Езекиел 4,6). Но тие не го знаеле значењето на зборот „светиња“ која треба да се „очисти“ на крајот од тој голем временски период, ниту пак знаеле што значи „чистењето“. Исто така не го знаеле ниту клучното решение за сето тоа: не знаеле кога почнува овој голем временски период.

По многу талкања и со сè подлабоко посветување и молитви за разјаснување на оваа пророчка тајна, им било откриено значењето на светињата. Тогаш на сите им станало јасно дека се работи за светињата на небесниот храм и за Христовата улога во чистењето на гревот од небесните книги, според одамнешните зборови што му ги кажал Господ на Мојсеј: „Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја“ (2. Мојсеева 32,33). Од небесните книги ќе биде избришан или гревот или грешникот.

Клучот бил пронајден. Вратата на ова пророштво која со векови била заклучена сега лесно се отворила. Библијата сама им го дала клучот, објаснувајќи дека периодот од „седумдесет седмици“ му припаѓа на временскиот период од 2300 години и почнува заедно со него во исто време – „од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим“ (Даниел 9,25). Во библиската хронологија пронајдено е и тоа време (Ездра 7,7-13). Трет и последен декрет за повторно ѕидање на Ерусалим издал царот Артаксеркс во Вавилон 457 година пред Христа, а неколку месеци подоцна почнало ѕидањето на градот – кога се вратил Ездра од Вавилон во Ерусалим.

Според тој податок, не било тешко со едноставна пресметка да се утврди дека периодот од 2300 години почнува есента 457 година пред Христа, а завршува есента 1844 година по Христа, и дека таа, 1844 година, претставува почеток на небесниот суд, почеток на судската иследна постапка и на победата на милоста над судот.

Со тоа сознание, четириесеттите години од минатиот век, најнапред со шепот, а потоа со „висок глас“ на „ангел како лета среде небото“, оние што ја проучувале Библијата почнале да му го објавуваат на светот времето на свечената и судбоносна истрага на Христовиот суд:

„Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“

Денеска веќе цел свет е опфатен со гласот на овој ангел со небесна порака и со повикот за благодарност на Бога преку Исуса Христа, вистинскиот и единствениот Посредник за човечкото спасение. И вие во своите раце имате една таква порака, еден Христов повик – ја имате својата Библија.

5. Времето на судот – време на милоста

Од времето на Христовата смрт и неговото воскресение, наместо ерусалимскиот храм, небесната црква станала универзален храм за сите кои бараат „благодат за благовремена помош“ (Евреите 4,16). Престанала службата на сликите и симболите, а почнала религија на срцето и животот. Израелскиот народ го загубил своето поранешно значење, а сиот свет станал сцена во планот на спасението. Периодот од „седумдесет седмици“, даден на Израел, завршил 34-та година (по Христа) со каменувањето на Стефан и со прогонството на христијаните од Ерусалим.

Небесниот суд, кој е воедно и време на милост, почнал во 1844 година и сè уште трае. Сè уште можеме „слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост“ (Евреите 4,16). На сите кои со цело срце доаѓаат кај Христа за милост, Библијата им кажува: „Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет“ (Евреите 12,22-24). Од обвинителна клупа – во вселенскиот град на совршените!

Кратка содржина на лекцијата

  • Милоста во Библијата значи дека Бог подобро се однесува кон грешникот отколку што тој заслужува.
  • Постоењето на Божјиот закон значи и постоење на небесен суд. На тој суд се покажува и Божјата милост, а не само строгоста на Законот.
  • Наспроти ѓаволот кој го вовлекува човекот во грев, а потоа го обвинува, Христос како бранител на судот застапува секој покајник, примајќи ги врз себе неговите гревови. Новата облека во која се преоблекува грешникот ја претставува Христовата правда која со ништо не може да се заслужи.
  • Божјиот закон ни е потребен да ни ги покаже нашите гревови, Христовата милост е неопходна да нè ослободи од нив, а небесниот суд е неопходен да нè ослободи од вината.
  • Небесниот истражен суд почнал да заседава во 1844 година, со влегувањето на Исуса Христа како Првосвештеник во светињата над светињите во небесното светилиште.
  • На земјата Христос се принел себеси на жртва за да ги откупи луѓето од последиците на нивните гревови. На небесата, пред Отецот и ангелите и пред целата вселена, со својата крв Тој ги брише сите гревови што грешникот ги признал и ги оставил.
  • Како основа за испитување на карактерот на секое човечко суштество на небесниот истражен суд служат Десетте Божји заповеди. Според нив ќе се испитаат мислите и побудите на сите зборови и дела, и на сите постапки на сите луѓе од сите времиња.
  • Времето на милоста ќе заврши кога истражниот суд на небото ќе ја заврши својата работа. Веднаш потоа Христос се враќа на земјата да ги изврши одлуките што ќе ги донесе небесниот суд по иследната постапка.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.