10. Сигурно ветување

10. Сигурно ветување

1. „Пак ќе дојдам!“

Најголемиот настан за кој најмалку се зборува е свеченото ветување што им го дал Исус на своите ученици при разделбата:

„Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: ‚Одам да ви приготвам место?‘ Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14,1-3).

Од тогаш ова Христово ветување е извор на храброст за оние што се проникнати со страв, извор на вера за оние што ги мачи сомневање и прибежиште за оние што се без дом.

Пред својата смрт Исус објавил дека Тој е животот, а во миговите пред предавството ги повикал своите ученици на верност. Веднаш потоа, Јуда Искариотски излегол да го предаде, а Исус станал и свечено кажал: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него“ (Јован 13,31). Бог се прославил во Христа со тоа што преку Него се дал себеси.

Учениците мислеле на разделба, додека Исус зборувал за вечна средба; среде нивниот немир Тој објавувал небесен мир и во миговите кога потонале сите бродови на нивната надеж, Тој им загарантирал живот и вечност. Нивниот Учител, во пустината видел езеро, во пустелијата цутење, на пепелиштето трендафили и во песокот потоци. Христовото враќање на светот пророкот Исаија го опишал како чудесно воскресение: „Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин… зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци – во степите. И горливиот песок ќе се претвори во езеро, а жедната земја – во водни извори… Ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Исаија 35,1.6.7.10).

Еден ден пред својата смрт, стоејќи како човек на земјата, целата вселена го видела Исуса како Оној кој повторно ќе дојде, и со своето доаѓање ќе ја уништи смртта: „Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ“ (Исаија 25,8). Во ова време на очекување, време на солзи, страв и очај, Исус ќе го исполни своето свечено ветување. Неговите ученици „ќе речат во тој ден: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нѐ спаси! Тој е Господ; Него Го чекавме; да се радуваме и веселиме за спасението од Него!“ (Исаија 25,9) Христовото ветување е радост и веселба во сите векови на чекањето.

Денот на Христовото враќање ќе биде ден на „песна: ’Слава на Праведниот‘“, неопишан ден кога „глувите ќе ги чујат зборовите од книгата, и очите на слепите ќе прогледаат од темнината и мракот. И оние што страдаат, сѐ повеќе и повеќе ќе се радуваат во Господ,… зашто нема повеќе да има силник, хулител ќе исчезне“ (Исаија 24,16; 29,18-20). Тоа ќе биде ден над сите денови и песна над сите песни.

Кога Христос повторно ќе дојде, „ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден“ (Исаија 2,17). Пред човечките очи ќе се отвори вселената и ќе се покаже нејзиниот Владетел и сите ќе го „видат Царот во неговата убавина, ќе гледаат непрегледна земја“ (Исаија 33,17). Небото ќе слезе на земјата, и при таа средба „горите и ридовите ќе пеат песна пред вас, и сите дрвја во полето ќе ракоплескаат. Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта“ (Исаија 55,12.13).

Таа ноќ, пред да биде крунисан со римски венец од трње и попарен со коприви на неблагодарност од својот народ, во срцето на светот Исус всадил елки и кедрова сигурност, и неговите последни зборови: „ПАК ЌЕ ДОЈДАМ и ќе ве земам вас кај Себе, за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14,3), станале извор во пустина. Своите ученици, понизните на земјата, Тој ќе ги земе кај себе на небото, и оние кои верувале во неговото ветување, а страдале од „сиромаштија, во маки, во срам – тие, за кои светот беше недостоен“ (Евреите 11,37.38), ќе ги однесе таму каде што е Тој. Од улиците на нивното земно понижување ќе ги однесе во славата на далечната земја; од арената на нивното мачење, во кругот на небесните суштества; бездомниците во становите на Отецот, таму каде што е Тој – Синот човечки – нивниот Спасител.

Тоа е неотповиклив тестамент, зашто го дал Бог; тоа е сигурно ветување на прославениот Божји Син кој станал човек, за луѓето да можат да станат Божји синови и ќерки.

2. Ненадмината беседа

Второто Христово доаѓање во Библијата е песна над песните, ненадмината беседа, свадбени оргули за Исуса како младоженец и неговата Црква како невеста, односно неговите верници. Тоа ветување и денеска е пролетна песна за несреќното човештво, иднина за која сега се пее: „Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе, цвеќиња се појавија по земјата; настана време за песни, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша“ (Песна над песните 2,11-13).

Најавувајќи го своето враќање, Исус со своите ученици се запрел пред една рана смоква, им обрнал внимание на нејзините први пупки и им рекол:

„Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата“ (Матеј 24,32.33). Христовото второ доаѓање е лето по зима, сонце по мраз и живот по смртта.

Христос е пред врата! Тоа бил глас на трубата на сите пророци и беседа на сите векови. Од вратата на рајот, до вратата на вечноста, од својата прва, па сè последната страница, Библијата зборува за Христовото враќање на земјата – за исполнувањето на надежта на сите времиња. Уште пред вратата на напуштениот Едем, дишејќи ги сè уште неговите свежи мириси, Енох, седмо колено од Адам, радосно извикнал во својата визија: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите“ (Јуда 14.15).

Оваа химна ги преминала големите води на потопот и по потопот стигнала до стрмните брегови, за да му ја пренесе на светот надежта и верата во славното Господово доаѓање. Таа блажена надеж била завештание на пророците и најдрагоцено наследство на сите луѓе во библиските времиња. Четиринаесет векови по Енох, надевајќи се во тоа исто ветување, Авраам „со вера, кога беше повикан, послуша да појде во местото што требаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди… зашто тој го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11,8.10). Тој не го знаел патот, но знаел каде ќе стигне!

Становите на Христовото ветување се наоѓаат во палатите на Отецот – во небесниот град, чии темели се вечни, зашто вечен им е и „Градителот и Творецот-Бог“. Исус отишол да ги подготви тие станови за оние што го чекаат, а потоа ќе дојде по нив. До тогаш, Авраам се согласил да чека, и чекајќи, живеел во „шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување“ (стих 9). За жителите на колибите и шаторите, за оние што го чекаат Христа, „Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град“ (стих 16).

Пророчките очи на Библијата, загледани во иднината, го виделе Исуса како Цар во неговата убавина и ја гледале новата земја, далечната земја, и славните станови на Христовото семејство. Пророкот однапред ги опишал грандиозните подготовки во вселената пред да се изврши Христовото царско ветување: „Господ Саваот ја прегледува готовата војска за војна. Идат од далечна страна, од крајот на небото“ (Исаија 13,4.5). Некогашното Дете од витлеемските јасли се враќа, но сега како врховен заповедник на спасоносните армии на вселената. Неговата „јарост“ всушност е божествена ревност за спасение на оние што го чекаат.

И патријархот Јов, со рака над очите, во далечина го гледал Христовото враќање како единствено решение на сите физички болки и душевни трески на светот, и како конечно разјаснување на длабоката загатка на животот и смртта. Во миговите кога изгледало дека се разделува од животот и дека престанува играта на смртните сенки над неговата измачена глава, како со длето на својата надгробна плоча ги врежал следните бележити зборови:

„Но јас знам: Заштитникот мој е жив; Тој го има последниот збор на оваа земја. И кога ќе се распадне кожата моја, во телото мое ќе Го видам Бога“ (Книгата за Јов 19,25.26).

Библијата сите ги повикува да ја слушнат вековната беседа: „Кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог иде… Тој ќе дојде и ќе ве спаси“ (Исаија 35,4).

Бог, лично Исус, доаѓа да нè спаси! Христос е Бог кој иде, и сите ќе го видат. Тој е Јовов искупител, Авраамов архитект, Енохов судија и утешител на сите свои мили ученици на кои им кажува: „Јас, јас Самиот сум ваш Утешител“ (Исаија 51,12). Ќе ги утеши со своето доаѓање и ќе ги спаси со нивното воскресение.

3. „Ќе го види секое око!“

Христовото второ доаѓање не се очекувало само во старозаветните времиња. Кажано е дека Тој „ќе го спаси народот Свој од неговите гревови“ (Матеј 1,21), и тоа го сторил со своето прво доаѓање, но веќе при неговото раѓање е најавено и конечното спасение на светот. Небесните светлосни војници објавиле: „Денеска ви се роди Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 2,11). Со неговото раѓање се родила и надежта на светот во конечно избавување.

Држејќи го новородениот Исус во свои прегратки, неговиот стар чекател, Симеон, со вера од далеку го видел и неговото второ доаѓање, денот на конечното утешување и спасение. Тогаш рекол: „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој, зашто очите мои го видоа спасението Твое“ (Лука 2,29.30). Тој бил човек кој „ја очекуваше утехата Израелова“ (стих 25), и не се измамил. Но вистинската утеха допрва доаѓа! Човештвото навистина ќе биде утешено дури со Христовото второ доаѓање.

Човештвото е неутешено без Исуса Христа, зашто науката не пронашла формула за траен мир, филозофијата не создала формула за меѓународна доверба, медицината не ја открила тајната на општото здравје, ниту пак економијата произвела леб за сите. И додека Христовите ученици гледале по исчезнатиот Христос во облаците на вознесението, се појавиле двајца небесни стражари, облечени во бело, за да ги утешат и да ги потсетат на најславното Исусово ветување со зборовите: „Луѓе, Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото“ (Дела на апостолите 1,11).

Исус отишол видливо, во прославено тело, и пак ќе дојде во тело, видливо и јавно. Неговото доаѓање ќе го видат сите луѓе на земјата. „Како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден“ (Лука 17,24). Ништо не ќе може да ја скрие светлината на Исусовото доаѓање, зашто Тој со себе ги води сите свои ангелски војски. Библијата вели: „Ќе го види секое око“ (Откровение 1,7).

Сепак, Библијата предупредува на опасноста од постоење на лажни и погрешни учења кога вели: „И така, ако ви речат: ’Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во тајна соба е‘ – не верувајте! Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24,26.27).

Исуса ќе го пречека песната на оние што му пееле додека биле живи, зашто ќе се обвистинат едноставните зборови за вековната надеж на неговите чекатели:

„Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав“ (Исаија 26,19).

На усните на воскреснатите и преобразени чекатели ќе оживее песната на бесмртните гласови во слава на Оној што доаѓа на облаците.

Тогаш Исус ќе ги пречека оние што толку долго го чекале. Тој ќе се задржи во воздухот над земјата, а неговите ангели ќе се разлетаат „како гулаби – кон гулабарниците свои“ (Исаија 60,8), кои „ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата“ (Матеј 24,31).

Некогашните жители на правот, сега воскреснати, и преобразените живи чекатели, со песна ќе појдат на пат низ вселената во своите толку долго очекувани, нераспадливи станови. Библијата вели: „И ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!“ (Откровение 15,3) Како Авраам што излегол од својата татковина, така и сите праведници сега „ќе воскреснат за живот“ (Јован 5,29).

Библијата ни гарантира дека Исус ќе го одржи дадениот збор.

4. „Да му се восхитуваат сите што поверуваa“

„Кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, во распламнат оган… кога ќе дојде Тој за да биде прославен во оној ден сред Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа“ (2. Солуњаните 1,7.10), тогаш праведното човештво ќе се утеши заменувајќи ги своите шатори и колиби со небесни станови и ќе пее заминувајќи во своите бесмртни живеалишта.

Исус ќе биде прекрасен, зашто ќе „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21,4). Тогаш до крај ќе се исполнат Христовите зборови: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него“ (Јован 13,31).

Уште на многу свои страници Библијата зборува за најславното Христово ветување – за неговото враќање. Во таа смисла ги наведуваме и овие зборови: „Ова, пак, ви го велиме преку СЛОВОТО ГОСПОДОВО, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Солуњаните 4,15-17).

Исус пак ќе дојде! Тој ќе се врати! Неговите последни зборови во Библијата се гаранција за Неговото враќање. Тој изјавува и гарантира: „Да, ќе дојдам скоро!“ Ќе се согласиме ли и ние со одговорот на Библијата:

„Да, дојди Господе Исусе!“ (Откровение 22,20)

Така завршува Библијата, а започнува вечноста…

Кратка содржина на лекцијата

  • И Стариот и Новиот завет содржат многу пророштва за второто Исусово доаѓање на нашата планета.
  • Најголемите луѓе во Библијата го гледале во визија Исусовото повторно доаѓање на земјата.
  • Ќе се врати лично Исус Христос, видливо и на величествен начин.
  • Ќе дојде на облаците во својата слава, во слава на Отецот и во слава на ангелите, придружуван со громови и со трубни звуци.
  • Неговото доаѓање во никој случај нема да биде тајно и скриено по соби или пусти места.
  • При Христовото доаѓање мртвите верни ќе оживеат и ќе станат од гробовите добивајќи истовремено и бесмртност.
  • Верните кои ќе дочекаат живи да го видат Христовото враќање ќе се преобразат во бесмртни суштества, подготвени да одат на небото.
  • Христос ќе дојде по вторпат не да остане на овој свет, туку своите верни да ги поведе со себе во подготвени небесни домови.
  • Сите што копнеат за Исусовото враќање, својот живот ќе го сообразат со надежта во второто Христово доаѓање.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.